02 Мај, 2024
0.0256

Нè уморивте бре со вашите бесмислици!

Објавено во: Колумни 01 Март, 2016

Добивај вести на Viber

Ете и тоа го дочекавме – Уставниот ни суд со 5 гласа „за“ и 4 „против“ донесе „историска“ одлука да ја прифати иницијативата претседателот да помилува лица осудени за изборни нерегуларности.  Што да каже човек? Има ли доволно зборови да се опише оваа виртуелна, оваа псеудореалност, овој жив циркус, оваа реална пародија што ни се случува пред очи!? Мене навистина ми е смачено стручно и аргументирано да анализирам вакви одлуки! Затоа, наместо да ја анализирам оваа глупост подолу ќе ви објаснам зошто одбивам да го чинам тоа. Имено, неколку пати до сега ја повторував следнава теза: дека груевизмот јавниот простор не само што го сведе на баналност, туку го пародираше до таа мера што никаков рационален дијалог не е возможно да се воспостави. Маѓионичарот на баналноста –Груевски, намерно, систематски и смислено нè навлече на неговиот терен на псевдореалност. Реков, тој до таа мера политичкото и јавното го сведе на баналност што целосно го оневозможи рефлексивното. Едноставно не можете да дебатирате со теми и тези што се бесмислени. Со и за бесмислици не се разговара! (Види: Л. Видгенштајн). А тој поставувајќи такви бесмислици во политичкиот и јавен дискурс воопшто, успеа да го анестезира секој обид за рационално и аргументирано промислување на стварноста. Ја анестезираше желбата за промислување на секое нормално интелигентно човечко суштество. Ја анестезираше до таа мера што забораваме да ги бараме причините на глупоста што ја направил или кажал, туку се обидуваме баш во рамките нанеговиот референтен и бесмислен систем да ја анализираме истата. Со тоа и самите влегуваме во неговиот виртуелен свет на бесмисленоста. Да ви илустрирам на највулгарен начин, ќе ме извините: Замислете дека пастирот донел одлука од утре на сите мокрачата да ни биде зелена. Да, зелена! (А ако мислите дека ова е претерано дури и како илустрација, сетете се, на пример, дека имаат лустрирано мртов човек или дека во Законот за високо имате член со кој ви е дозволено да преполагате до 5 испити за да си го покачите просекот, независно ако сте дипломирале дури и пред сто години). Е сега зошто би донел одлука за позеленување на мокрачата? Епа гледате така, едноставно така решила партијата оти на вождот така му се сонило. Е сега, откако е донесена, а ние молчиме или молчешкум ја прифаќаме, а шепотејќи ја критикуваме, но после некое време ја прифаќаме и интериоризираме до таа мера што веќе не ја преиспитуваме нејзината бесмисленост, ами бараме начин какода ја „позелениме“. Па по некое време дури дебатата продолжува во рамките на тој референтен систем што самиот пастир го постулирал и со тоа веќе сме на неговиот терен, а паметите тој терен на бесмисленост тој самиот го измисли и таму победници не можеме да бидеме. Па така започнуваме на тој терен да се препираме: „дали е доволно зелена?“ „а каква зелена треба да биде?“ „светло зелена или темно зелена?“ ... „ааа, аха, како на лидерот зелена, значи!“ Па откако констатираме дека не е доволно зелена, почнуваме да преземаме мерки да ја позелениме. Па почнуваме да пасеме трева, да конзумираме повеќе зеленчук, па носиме „узорци“ по комшии, се јавуваме на емисии во живо на „Сител“ да се пофалиме дека сме го постигнале „зеленилото“ на пастирот и така до недоглед. Без да се вратиме на почетокот и да ја бараме причината на нашето бесмислено поведение – бесмислената одлука на пастирот. Па во таа смисла имате проблем и да ја аргументирате и оваа одлука на Уставниот суд. Што да им кажете? Како да им ја објасните баналноста и опасноста на оваа одлука која не само што ги руши институциите, правниот и општествениот поредок, туку во својата крајна инстанца ја укинува државата? И дека во својата суштина содржи една елементарна логичка неконзистентност: circulus vitiosus. Имено, почитувани уставни судии легалитетот и легитимитетот, меѓудруготои за помилување се добива на избори!Не може да помилува за изборни нерегуларности тој што дошол на власт со нерегуларности! Но, реков, изморен сум од аргументации. До таа мера сето ова е бесмислено, што ја обесмислува дури и смислената дебата во јавниот простор. Веројатно тоа е и целта на оваа систематска глупост? Навистина е бесмислено да гледате врвни експерти по Уставно право како мака мачат по медиуми да дебатираат и објаснуваат кои би биле импликациите од ваква една глупост. Со бесмисленоста на груевизмот се обесмисли секоја смисла за дебата. Видете колку сето ова е банално – тој продуцира и реализира глупости, а умните мака мачат рационално да дискутираат. Целта е постигната – умните си ја арчат енергијата, глупавите владеат. Кругот е затворен. Во една ваква атмосфера на баналност, верувајте, секоја дебата е бесмислена. Обесмислија сè до мера на полудување. Кој нема да полуди, тешко дека ќе преживее! Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина