Добивај вести на Viber
Бројот на активно население во Македонија е на најниско ниво во изминатите години. На крајот од 2015 година во земјава имало 954 924 активни граѓани, односно вработени и невработени. Стапката на активно население во 2015 изнесувала 57% и е историски најниска стапка. Од друга страна, податоците покажуваат дека во истиот период се зголемува бројот на работоспособно население, кој достигна 1 676 659 граѓани.
Според економистите, намалувањето на активното население, кое ги опфаќа оние кои се над 15 години, и се невработени или бараат работа е резултат на неколку фактори, но пред се овие бројки се оценуваат како последица на иселувањето.
“Овој тренд е под влијание на две бројки, односно две состојби. Прво, варира бројката на вработени, односно не може точно да се утврди колку граѓани од сивата економија добиле статус на вработени, а потоа повтрно останале без работа. Оваа бројка варира и сметам дека влијае врз бројот на вработени и невработени што го сочинуваат активното население. Второ, што е е уште поважно, стапката на активно население се намалува како резултат на иселувањето. Ние секојдневно имаме работоспособни граѓани, без разлика дали се вработени или не, што ја напуштаат земјата“, вели политикологот и колумнист Соња Стојадиновиќ.
Трендот на намалување на активното население е нотиран и во новиот, мајски Извештај на Народната банка, која констатира дека на крајот од 2015 година се намалува и понудата на работна сила на пазарот на труд.
“Во поглед на изгледите за вработување на кус рок, агрегираните сигнали од анкетите за деловните тенденции посочуваат на зајакнат оптимизам кај раководителите на деловните субјекти. Во четвртото тримесечје, понудата на работна сила се намали за 1,2%, што претставува продлабочување на негативната годишна динамика забележана во претходните два квартала. Падот забележан кај активното население, при истовремен посилен раст на бројот на неактивни баратели на вработување, доведе до надолно приспособување на стапката на активност, од 57,4% во истиот период на 2014 година на 56,6%, што претставува најниско забележано ниво во последните три години“ - се вели во мајскиот извештај на НБМ.
Според податоците од Заводот за статистика на крајот од 2015 година во Македонија имало 705 991 вработени и 248 933 невработени граѓани. Во однос на 2014 година, намалување има кај невработените додека зголемување има кај бројот на вработени луѓе. Имено, за една година бројот на вработени се зголемил за 15 803 а бројот на невработени се намалил за 19 876.
“Во четвртото тримесечје, значително зајакнатата побарувачка во услови на намалена понуда на работна сила доведе до забрзување на падот на невработеноста. Имено, бројот на невработени лица во последното тримесечје се намали за 11,9% на годишна основа, со што стапката на невработеност забележа пад од 3 п.п. сведувајќи се на историски најниско ниво (24,6%)“, велат од аналитиката на Народната банка.
Сепак за дел од аналитичарите сите овие бројки и мерења, во отсуство на официјално пребројување на населението, не ја одразуваат реалната состојба.
“Наштиот основен проблем е пописот, односно неспроевдувањето на оваа статистичка операција од 2002 година досега. Така, сите бројки што се објавуваат, без разлика за какво мерење станува збор, треба да се земат со резерва. Пописот е пресуден за да се добие една вистинаска слика за состојбата“ - вели политикологот Соња Стојадиновиќ .
Во четвртиот квартал од 2015 година, државната статистика измери рекордно најниска стапка на невработеност од 24,6%. И со овие показаели, земјава сеуште е во групата на оние со најдлабока невработеност, која е загрижувачка особено кај младото работоспособно население од 25 до 49 години, со стапка на невработеност од 59,5% на крајот од 2015 година.
Р.Ф.