Неделен Фактор: Монструмите во нашата соба
Објавено во: Македонија, Колумни 31 Јануари, 2021
Дали се плашите
од темнината? Оваа телевизиска серија некогаш требаше да ги едуцира
македонските деца со поучни но, страшни приказни распламтувајќи ја нивната
фантазија без експлицитноста на хорор жанрот. Денес, толку сме длабоко
заглавени во темнината што повеќе се плашиме да не огрее светлината. Да ја
разобличи лагата на политичарите, да фрли светло на манипулациите и да ни
блесне силно во очите, па ако сме доволно храбри да ги погледнеме работите
онакви какви што се.
Монструмите одамна живеат во нашите соби, на ачик, на видело, без срам и страв. Дали тој што си поигрува со човечки судбини е монструм? Дали е тој негативецот во оваа приказна која веќе изглегува од хорор жанрот и се трансформира во драма на секојдневието, она кое ни смета кога го гледаме прикажано во медиумите, она кое сакаме да негираме дека е единствената слика за нас.
Тоа што нашите монструми ги прави силни е неказнивоста. Дури и во најексплицитните хорор филмови негативецот ја добива заслужената казна, а невината жртва се издигнува како херој и победник. Затоа и „Јавната соба“ мора да биде поразена, да биде ничкосана преку институциите на системот, преку осудата на јавноста, преку ударите на жртвите кои нема повеќе да молчат.
Правдата е лајтмотивот, а нејзиното остварување е за жал недоснимено. Лошата режија на властодржецот може да му се удри од глава. Ако монструмите за кои неколку пати се дигнаа протести се всушност наместени негативци, тогаш зошто повторно правосудството им ја доделува истата улога?
Еве да речеме дека недовербата во судскиот процес е главната причина за гневот, дека навистина има лоша „монтажа“ на сцените и дека вистинскиот негативец успеал да го оствари својот план, да триумфира пред очите на беспомошната публика. Дали истата има право да „фрла со пуканки“ во кино салата, да бара рефундирање на платените билети (гласовите на изборите) и да се заканува дека во продолжението само нивниот херој (УЧК) може да ја донесе правдата за монструмите?
Нема правда нема мир, уф колку ќе си речат некои „шарени револуционери во кожни фотелји“ дека во овој синопсис како веќе излитена реплика е кажана со цинизам, па дури и злочеста намера за блескавата власт, за таа која требаше да го победи режимот, да ги реши сите политичко-полициски монтирани процеси, да ги извади невините осуденици од затворите и да ги врати на општествената сцена како погрешно прогонувани херои.
Ама заклучокот ќе им биде сосема погрешен, бидејќи ова не е време за цинизам и дефетизам. Нивното розево гледање на состојбите е всушност дефетизам во најсилна форма. На кого му пречи вистината за „Monstra“? Дали некој има доблест јасно да каже дека расфрлањето со наводни докази во бомбите всушност биле само бескруполозен политички блеф за освојување на гласови, за полнење на „кино салата“?
А, тие кои сакаа да го гледат овој „director`s cut“, излегуваа на протести жалејќи се дека само нивните „актери“ ги ангажираат како негативци, дека само нив им прикажуваат нецелосен филм, дали ќе прифатат дека можеби навистина целиот случај е злоупотребен и манипулиран, дека всушност „жртвите се вистинските џелати“.
Дали тогаш ќе имаат доблест да ги осудат монструмите, оние од Велигденскиот масакр, оние кои исцрнија пет фамилии?
Сѐ додека не се сложиме сите заедно дека не држат во оваа темнина, не со цел подобро да се гледа проекцијата на филмското платно, туку да ни ги затворат очите и да не набедат едни против други, на закана со нашите и вашите херои, со нашите и вашите страдања, со вашите и нашите неправди, сѐ додека не си веруваме едни на други, сѐ додека се навредуваме и си упатуваме националистички скандирања, нема да бидеме вредни за „Оскар, за наградата заедничко општество, за просперитетна држава.
Дали се плашиме да ги избркаме монструмите од нашите соби?
Х.С.* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.