24 Април, 2024
0.0252

Некогаш и сега

Објавено во: Колумни 06 Февруари, 2014

Добивај вести на Viber

Подобро e да ја гледам „Судбината на Фатмаѓул“ (каква и да е таа судбина), отколку вестите на телевизија систематски и секојдневно да ми го деградираат интелектот! Ова е статус што неодамна го прочитав на Facebook.

          Искрено кажано, не гледам серии од ваков тип. Ниту знам, ниту пак сакам да знам каква е судбината на Фатмаѓул. Нашите телевизии со години наназад емитуваат серии кои се слични помеѓу себе, а чија содржина се заборава истиот момент кога ќе заврши серијата. Можеби е тоа добро на некој начин, затоа што ликовите како Фатмаѓул и сличните на неа треба да му овозможат бегство од стварноста на обичниот човек. Она што загрижува е содржината на вестите на нашите медиуми. Вестите се одраз на нашата стварност. А тие се исполнети со политички пазарења и препукувања до бескрај и со црна хроника на која би и позавиделе дел од земјите на Африка или Латинска Америка. Ако е таква нашата стварност, можеби не е лошо сите заедно да кренеме раце од сопствената судбина и длабоко да се замислиме над судбината на Фатмаѓул. А ха, покрај вестите и сериите, нашите медиуми ја нудат и најважната споредна работа на светот – спортот. Па така, деновиве ќе започне Олимпијадата во Сочи. Онаа Олимпијада каде што бројот на полицајци е неколку пати поголем од бројот на спортисти и каде што се потрошени баснословни суми на пари за цели со кои спортот има малку допирни точки. Олимпијадата во Сочи на овие наши простори не побудува голем интерес. Мала е веројатноста дека некој од нашите спортисти ќе освои медал и со тоа ќе го сврти вниманието и на себе и на Олимпијадата во целина. Наместо за февруари 2014 година, деновиве се почесто се дискутира за февруари 1984 година. Поминаа точно 30 години од Олимпијадата во Сараево... Таа Олимпијада претставуваше фестивал на младоста и спортот. Претставуваше симбол на економската моќ и стабилност што ја имавме во тоа време. Претставуваше мост помеѓу Истокот и Западот што не беше лесно во време на блоковска поделеност. Олимпискиот дух беше присутен на секој чекор, а секој граѓанин на овие простори како да го носеше во себе Кубертеновото гесло: „Важно е да се учествува...“. Во 1984 година важен беше самиот настан. Од една временска дистанца од 30 години, многу е поважна симболиката на тој настан. Организацијата на Олимписките игри претставува огромно признание од целокупната меѓународна заедница кон постигнувањата на одредена земја (одреден регион од денешен аспект). Во таа 1984 година бевме моќни на политички, економски и спортски план. Може ли било кој да замисли кога ќе се организира следната Олимпијада на овие простори? И кој е тој што би се „осмелил“ да додели организација на Олимпијада на земји „кои сеуште не ги прележале детските болести?“. И на економски, и на политички, а богами и на спортски план. Веројатно навраќањето на настан што се случил пред точно 30 години некому ќе му изгледа како бегство од стварноста, исто така како што мене ми изгледаат сериите што се емитуваат на нашите телевизии. Има само една „мала“ разлика. Сеќавањата од олимпиското Сараево и по 30 години се сеуште свежи. Колкумина од нас ќе се сеќаваат на актуелните политичари и нивните препукувања после 30 години? Колкумина од нас ќе се сеќаваат на црната хроника без          која не може да се замисли ниту еден сериозен телевизиски дневник? И за крај, колкумина од нас ќе се замислат над судбината на Фатмаѓул после 30 години? Ако така гледаме на работите, ќе дојдеме до заклучок дека секоја споредба помеѓу Олимписките игри во Сараево и актуелните случувања (реални и фиктивни) е апсолутно невозможна и неодржлива. Веројатно настаните во последните три децении имаат некакви допирни точки со слободниот пад и гравитацијата, само што физиката не му е силна страна на авторот на овие редови. Па сепак, сите ние треба да се запрашаме: Каде бевме некогаш? А каде сме сега? д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок