23 Август, 2019
0.0214

Некои предизвици пред светското земјоделство

Објавено во: Колумни 24 Јули, 2019

     Напредокот на процесот на интернационализацијата на Светската економија вклучително и земјоделството, бараат да се има во предвид при формирањето на аграрната политика како на национално така и на регионално ниво.

   Во почетокот на второто десетолетие на 21 век, светскиот прехрамбен сектор и земјоделството се наоѓаше пред нови предизвици кои бараат политички одговор. По ова прашање постојат голем број меѓународни публикации како и авторитетни организации и истражувачки центри. Постои општа согласност во тоа дека прашањата поврзани со развојот на светското земјоделство треба да се разгледуваат во контекст на решавање на проблемите со исхрана на населението и одржливо користење на природните ресурси. За да се стаса до приоритетите на политиката за развој, пред се неоподна е јасна претстава за факторите (движечки сили) кои ќе имаат влијание врз развојот на прехрамбениот сектор  и во делот на земјоделството за следните 30-40 години. Тие фактори можат да се групираат во неколку групи:

Пораст на населението и раст на доходите. Околу 15% од светското население пред неколку години беше неисхрането. Кога се има предвид дека до 2050 година светското население веројатно ќе достигне 9 милијарди души, обезбедувањето на прехрамбената сигурност во глобален однос станува уште поважна задача. Во таа релација земјите во развој ќе имаат потреба од 60% зголемување на расположливата храна во 2030 година и 100% во 2050 година што значи дека светското производство на храна треба да се зголеми за 40 и 70% (OECD-Fao agricultural Outlook 2009-2008). Потребно е притоа да се има предвид дека темпото на пораст на светското земјоделско производство и на просечните приноси на нивските култури се забавува. Затоа е можно на среден рок побарувачката да ја надмине понудата на прехрамбените производи. Но важно е да се спомене дека порастот на населението особено во неразвиените земји е пратено со интензивна миграција, притоа луѓето ги напуштаат селските реони и се населуваата во градови. Тоа значи дека за нив треба да се обезбеди храна, вода и енергија различна по количина и начин од тој во селата. Според UNDP денес 50% од населението живее во градовите, а до 2030 година тој процент ќе изнесува 60%.

Промени во структурата на побарувачката заради раст на доходот по жител. Познато е дека со растот на доходот, трошоците за храна се зголемуваат, но во помала мера, односно побарувачката на храна е нееластична во однос на растот на доходот. Со порастот на расположливиот доход се менува и моделот на побарувачката, кога се зголемува делот за храна, богата со протеини и масти за сметка на храната базирана на јаглени хидрати. Ова прашање е важно за Македонија,бидејќи трговската разлика со земјоделски производи е од големо значење за економијата на земјата, а особено заради релативно високото учество на земјоделството во вкупниот извоз на РМ од околу 17%. Порастот на побарувачката на храна покажува дека на глобален план треба да се разработат усогласени национални и меѓународни политика за зголемување на земјоделското производство во рамките на одржлив модел на развој.

Нова организација на светскиот прехрамбен систем. Глобализацијата е важна бидејќи овозможува пониски транспортни трошоци поради развој и примена на нови информациски и комуникациски технологии и намалување на бариерите за движењето на стоки, храна, капитал и луѓе. Во економска смисла тоа е фактор за пораст на взаемната зависност помеѓу одделни национални и регионални економии и за интернационализација на производството. По дефиниција, интегрирањето на економиите, што се вика глобализација, треба да носи корист за сите учесници во процесот. Присоединувањето кон поголеми и конкурентни пазари треба да го зголеми повратот на инвестициите на производителите и да обезбеди поголем избор на производи со пониска цена за потрошувачите.

  Потребно е  јасно да се каже, дека користите од глобализацијата немаат гарантни особини- постојат примери како за успешни интеграции така и за испуштени можности. Тоа значи дека е покурентно да се дефинираат факторите кои носат успех. Позитивните последици од интеграцијата на економиите ги спречуваат постојните трговски  бариери. Трговските ограничувања носат сериозни загуби кога го отежнуваат воведувањето на иновациите, инвестициите и економскиот раст. Политиката на заштита на националниот пазар преку ценовни контроли или експортни забрани исто така делуваат штетно.

Климатски промени. Прогнозите за порастот на просечните температури и изменетиот модел на врнежи ќе го погоди функционирањето на постојните земјоделски и локални еко системи. Зачестените екстремни природни појави ќе предизвикаат нестабилност во земјоделското производство и  цените на производството. Степенот до кој ќе успее производството да се приспособи кон новите услови, ќе ја предодреди и силата на влијание на климатските промени врз земјоделството и прехрамбениот систем во целост. Примената на мерки за ублажување на ефектите од климатските промени ќе бара исто така примена на нови технологии и организација, кои помагаат за намалување на емисија на стакленичките  гасови. Сепак може да се каже, дека вкупниот ефект предизвикан од климатските промени во земјодеското производство е мал во споредба со економскиот и технолошкиот напредок. Се очекува (ФАО и др.) дека намалувањето ќе биде многу поголемо. Послаби вкупни ефекти ќе треба да значат дека во него можат да бидат скриени големите регионални разлики, што ќе доведе некои земји и региони во тешка состојба.

Расте притисокот врз основните ресурси за земјоделско производство. Зголемувањето на бројот на населението и економскиот раст водат до засилена конкуренција во однос на користење на ресурсите кои се најважни  за производството на храна. Особено неповолно може да се одрази несоодветна заштита на обработливите површини кои се трасформираат во градежна, патна инфраструктура, стопански објекти и сл. со што се губат трајно како ресурси за земјоделско производство. Во Македонија, за 20 години, обработливите површини се намалени за 150 илјади хектари.

  Според ФАО, во исто време земјоделско земјиште во светот е загрозено од ерозија, загадување,опустошување, деградација и други активности од човекот.

Енергија. Се прогнозира дека глобалнат побарувачка на енергија помеѓу 2010 и 2030 година ќе се зголеми за 45%, а до 2050 год. за 100%. Притоа, сигурно е дека цената на енергијата ќе расте и ќе биде нестабилна. Нивото на цената на енергијата неизбежно ќе се одрази во зголемување на трошоците во земјоделството и прехрамбениот сектор.

Вода. Побарувачката на вода за земјоделството се очекува до 2030 година да се зголеми за 30%. Вкупното барање на вода пак до 2050 година ќе се зголеми два пати, порад пораст на потребите во индустријата за основните потреби и рамнотежата на животната средина.

Расте значењето на вредносниот систем и етичките разбирања во општеството.Доминантните општествени определби без сомнение , ќе имаат влијание кај политичарите при донесување на нивните одлуки и решенија, но и врз промената на моделот на потрошувачите.

  Во таа врска можат да се набројат проблеми како што се: суверенитет на потребите, заштита на културното наследство во делот на производството на храна, примена на нови производни методи и технологии (генетски модифицирани сорти, клонирање на ембриони), органско земјоделство, хуман однос кон животните, примена на производни методи кои ја штитат животната средина и биодиверзитетот, праведни пазарни односи,поддршка на земјоделството. Голем дел од вредносниот систем и етичкиот карактер како принципи  најдоа место во регулаторна рамка на заедничката аграрна политика во Европската унија, но проблемот се јавува кај земји кои не се членки на ЕУ, што е бариера (пречка) пред пазарот со земјоделски производи.

проф. д-р. Борис Анакиеви проф. Ромина Кабранова


Можеби ќе ве интересира

ШАМПИОНИТЕ ОД ШУТКА, И ШАМПИОНКАТА ОД ГЕВГЕЛИЈА

ШАМПИОНИТЕ ОД ШУТКА, И ШАМПИОНКАТА ОД ГЕВГЕЛИЈА

Запад ќе бара Путин да ја врати Русија во негово друштво

Запад ќе бара Путин да ја врати Русија во негово друштво

Кубеш и Рада

Кубеш и Рада

НАДЕЖТА ПОСЛЕДНА УМИРА - КАЈ НАС РЕТКО ВЕЌЕ КОЈ ЈА ИМА!

НАДЕЖТА ПОСЛЕДНА УМИРА - КАЈ НАС РЕТКО ВЕЌЕ КОЈ ЈА ИМА!

Русија - „Back in the USSR“

Русија - „Back in the USSR“