Добивај вести на Viber
Речиси еден месец помина од мојата последна колумна. Оние кои го почитуваат мојот стил на пишување, можеби го забележаа моето отсуство. Оние другите, пак, имаа можност малку да се одморат од мене.
И ете, повторно седнав пред компјутер, со намера да напишам некој ред. Секако, на актуелна економска тема што ќе го привлече вниманието на почитуваните читатели. Ги разгледав интернет порталите кои ги објавуваат најновите вести од сферата на економијата. Фрлив по некој поглед и на дневните, па и на неделните изданија на весниците. И дојдов до поразително сознание.
Нема за што да се пишува.
Да не се разбереме погрешно. Медиумите се преполни со информации на актуелни теми. Дел од тие теми се однесуваат на економски настани кои секако можат да бидат предмет на анализа. Но, никако не можам да избегам од впечатокот дека се работи за нешто што е „веќе видено“, дека настаните ни се повторуваат како на филмска лента, а ние сме само неми сведоци кои гледаме од страна, немоќни да сториме било што за да го смениме текот на настаните.
Во изминатиот месец дена поминаа првомајските и велигденските празници. Секаде во светот се славеше Први мај, само кај нас се славеше Втори мај. Наместо денот на трудот, го славевеме денот на скарата и пивото. Во светот синдикатите протестираа, кај нас држеа конференции за печатот. А и со кого ќе протестираат, кога најголем дел од работните луѓе и граѓани ги преплавија излетничките места. Веројатно очекуваат нивните проблеми на работното место да ги решава некој друг, додека тие во дебела сенка јадат, пијат и културно се издигнуваат слушајќи ги најновите турбо фолк хитови.
После Први мај, дојде Велигден. Се потрудивме достоинствено да го прославиме најголемиот христијански празник, а трговците се потрудија да ги наполнат своите џебови зголемувајќи ги цените на производите што традиционално се купуваат за овој празник. Не е секој ден Велигден. И тие треба од нешто да живеат.
После празнувањето се вративме во нашето секојдневие. Оние што имаат работа се вратија на работните места, оние што бараат работа продолжија да ја бараат со надеж дека за следниот Велигден ќе можат да си дозволат малку побогата трпеза. А што се случи со актуелните економски настани?
Ништо што би привлекло посебно внимание. Владата се задолжува и се раздолжува секоја недела, бизнисмените се незадоволни и бараат повеќе од државните јасли, долго најавуваните странски инвестиции од Исток и Запад сеуште ги чекаме и така во недоглед.
Дури и патриотските фискални каси не се новина. Ги воведовме пред неколку години, па ги укинавме. Оние производи кои биле „со сонценце“ имале нерамноправен третман со производите „без сонценце“. Што ако кампањата „да купуваме македонски производи“ е навистина за наше добро? Што ако со тоа се отворат нови работни места и се раздвижи стопанството? Повторно ќе се најде некој што ќе види нерамноправност во сето тоа. И пак се од почеток...
Само две работи беа оригинални во изминатиот месец. Најавата за промена на часовната зона во нашата земја и новиот кодекс на облекување што се најавува во министерството за здравство. Промената на часовната зона ја поддржувам и верувам дека подолгото траење на денот позитивно ќе влијае врз продуктивноста, залагањето на работното место, па и врз вкупното расположение на граѓаните. Кодексот на облекување во министерството за здравство (можеби) ќе го коментирам кога ќе почне истиот да се применува. Низ практични примери ќе согледаме како тој кодекс влијае врз продуктивноста, залагањето на работното место и расположението на пациентите и медицинскиот персонал.
А во меѓувреме?
Како да се пишува колумна кога настаните околу нас изгледаат како римејк на стар филм? На која тема да се пишува? Нели толку пати е пишувано на истите теми што веќе е надминат добриот вкус? Што има ново што е вредно да се стави во колумна?
Нема ништо ново...
д-р Гоце Трајковски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.