19 Април, 2024
0.0291

Неоправдан притисок врз банките

Објавено во: Колумни 16 Декември, 2013

Добивај вести на Viber

По критиките за привилегираната позиција на банките во остварувањето на „високи профити“, во последно време сведоци сме на јавен притисок тие „да одобруваат повеќе кредити на стопанството“,  а од неодамна  и „да ги намалат каматите на заемите“. Круна на барањата е во најавата проценката на имотот што се заложува како обезбедување на кредитниот пласман да го вршат проценители надвор од банката. Сето ова зборува дека банките се наоѓаат под своевиден притисок да ја корегираат својата политика врз основа на барања од поединци и групи заинтересирани за повеќе кредити, со помали камати и со разводнета одговорност за враќање на заемите. Притоа, не им смета што и банките се акционерски друштва кои имаат обврска да остваруваат профит со кој ќе бидат задоволни и акционерите на банките, како што и кредитобарателите, преку кредитите, настојуваат да обезбедат повисоки добивки и профити за фирмите и нивните сопственици. Се потценува дека стапката на враќање на вложените средства во банките е 3-4%, а проблематичните кредити надминуваат 400 милиони евра. Во таква ситуација, споменатите барања водат кон зголемување на ризиците во банкарското работење, а нема гаранција дека кредитобарателите  ќе ги надминат егзистенцијалните проблеми и ќе зачекорат на патот на подинамичен развој.

Не треба објаснување дека економијата не може ефикасно да функционира врз основа на поставката според која „некому мора да му се стемни, за на друг да му се раздени“, особено не во пазарни економии. Тие мораат да функционираат врз објективните критериуми на рентабилност. А во односот на кредиторите и кредитобарателите тоа е каматата. Таа е резултанта на нивните интереси. Кредиторите се заинтересирани да ги пласираат слободните парични средства по цена и ризик кои ги одразуваат интересите на акционерите на банките (а ако тоа не го прават добро, ќе имаат неповолни деловни резултати) и на штедачите, а кредитобарателите, за да ги обезбедат потребните средства за тековно работење и развој, треба да покажат  дека се способни да ги вратат. Секаква непазарна присила во овие односи е контрапродуктивна. Дури и самата помисла на нив ги подгрева надежите дека подобрувањето на финансиската состојба е можно без соодветни напори во подобрувањето на сопствените развојни перформанси. А неоправданите надежи придонесуваат за влошување на нивната материјално финансиска позиција.

Од ова јасно произлегува дека волунтаристичките прераспределби на новосоздадената вредност не се решение за проблемите меѓу банките и стопанството. И на кредиторите и на кредитобарателите им е потребна реална цена на капиталот. Меѓутоа, таа не зависи само од нивните желби и интереси. Врз каматата влијаат и целите на макроекономската политика на земјата. Досега, каматната политика на банките беше во функција на остварувањето на стабилизационата политика, со монетарна стратегија во која фиксниот курс на денарот е номинално сидро на внатрешната стабилност. Одбраната на курсот изнудуваше одржување на високи камати на тој начин што банките беа присилувани (со обврска за високи задолжителни резерви) или стимулирани (со добри каматни стапки на благајничките записи и на задолжителните резерви) добар дел од капиталот да го вложуваат надвор од стопанството, а остатокот заради ризикот да го пласираат по повисоки камати  во производствените и услужните фирми.

Факт е дека денеска состојбите се доста променети, но не толку за да се направи пресврт во однесувањето на банките кон кредитирањето на стопанството. Народната банка ги намали издвојувањата за задолжителни резерви, ја укина и каматата на тие средства, а ја намали и каматата на благајничките записи. Тоа значи дека НБРМ на банките им ослободи значајни средства кои тие можат да ги пласираат во стопанството, па може да се рече дури и дека ги присилува на тоа. Меѓутоа, тоа не значи дека тие и ќе го прават тоа, бидејќи се’уште имаат можност значителни средства да пласираат во купување на државни обврзници, со приноси кои ги задоволуваат нивните интереси и речиси без ризик (купување на обврзници со девизна клаузула). И се’ додека е така малку е веројатно дека барањата за повеќе кредити и со помала камата ќе наидат на „разбирање“ кај банките, бидејќи тие, според природата на нивната работа, не смеат да имаат такви разбирања. Тие и нив ги носат во пропаст. Затоа, тие ќе вложуваат таму каде што остваруваат задоволителен профит, со прифатлив ризик. Таквата ориентација не треба да се менува ниту со јавни барања, ниту со прописи. Промените треба да дојдат од корекцијата на макроекономската политика. Само преку неа можат да се надминат состојбите во кои банките имаат пари, а не  пласираат доволно во стопанството, при истовремено одржување на релативно високи камати. Само со промена на општата клима можат да се променат и односите меѓу банките и стопанството.

Во овој контекст, неправда е намерата со закон да се определи проценката на имотите на кредитобарателите да ја вршат проценители надвор од банката. Тие не можат да ги сносат последиците од евентуално лошата проценка на имотот, ако тој мора да се продава, поради неспособноста на кредитобарателот да ги врати позајмените средства. Тоа само ќе ја влошува позицијата на банките, иако тие не се заинтересирани да дојде до продажба на заложениот имот. Тие сакаат да им се вратат пласираните средства, а не да стекнуваат имоти. Затоа е логично банките да ги проценуваат заложените имоти. Впрочем, тие и ја носат одговорноста ако дојде  до неплаќање на кредитите, дури и по продажбата на заложениот имот. Во спротивно, наметнувањето на вакво решение, наместо да ги унапреди односите меѓу банките и кредитобарателите, ќе ги искомплицира и влоши уште повеќе.

Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок