30 Април, 2024
0.0256

Неподнослива леснотија на реформирањето

Објавено во: Колумни 01 Декември, 2015

Добивај вести на Viber

Човекот е навистина противречно, контрадикторно суштество. Од една страна ја бара и посакува промената, дури можеби и пресвртот, револуцијата, а од друга страна сите свои сили ги троши да ја запре промената, да постигне стабилност, постојаност и неменливост на актуелната состојба. Во една таква противречна состојба се одвива и личниот и општествениот живот. Потрагата по мир и стабилност, по некаква statusquo состојба, веројатно е одлика на староста, а желбата за промена и реформа, е одлика на младоста. Старецот ја живее сигурноста, младиот ја посакува промената. Балансот помеѓу овие два екстрема, веројатно значи совршен живот - како личен, така и општествен. Можеби хармонијата (и личната и општествена), и се состои токму во хармонијата помеѓу промената и неменувањето. Затоа што, да се опстојува во мирот и сигурноста на statusquo ситуацијата кога околностите просто вриштат за промена, веројатно е знак за лична или општествена депресија; од друга страна пак, да се инсистира на промена по секоја цена, кога актуелната состојба задоволува, веројатно е неуроза. И обете крајности се симптом за лична и социјална патологија. Ние ја имавме несреќата изминативе 9 години да ја живееме неурозата на младоста. Деновиве читав интервју на доктор Георги Чадловски, невропсихијатар, кој можеби малку неупатно, јавно даде дијагноза за министерот за здравство Никола Тодоров. Вели: „...министер за кого и сега би рекол дека е еден од најактивните, хиперактивно дете кое не може да се соочи само со еден проблем, туку е на сите страни, бидејќи хиперактивноста е маана, односно растројство на вниманието. Така што, министерот не може да се концентрира само на една раборта. Сè прави одеднаш и на крајот ништо.“ Мене, драги мои читатели, во продолжение нека ми биде дозволено, оваа „дијагноза“да ја анализирам низ мојата философска дијоптрија, да ја анализирам младоста и нејзината неуротична потреба за промена и опасностите кои произлегуваат од тоа. Имено, зошто младиот неуротичар инсистира на промена по секоја цена? Секако, тоа е симптом дека актуелниот миг не го задоволува! Но, како толку лесно им се фрла на реформите во прегратка и зошто воопшто е возможно така лесно да се одлучи за реформа и промена? И токму тоа е она што во секој реформски дух е симптом на незрелост, незрелост која е кобна; да, токму таа неподнослива леснотија на реформирањето, е коб на секоја реформа. Старецот, искусниот мудриот, многу потешко се решава на тоа, можеби не толку заради тоа што ја нема неопходната сила и енергија на младиот потребна за промена, колку заради длабокото животно искуство кое се наталожило во мудрост. А таа мудрост го научила на две клучни работи: - Прво,  животот го научил старецот дека независно од сите промени, овој свет отсекогаш бил и ќе биде долината на плачот, дека ниту една промена не е доволно коренита за да ја смени личната и социјалната трагична состојба. Затоа што несреќата не е социјална категорија, таа е егзистенцијална. Таа животна мудрост ја насетува секој „старец“. И таа метафизичка тага го прави неагилен кон секоја општествена промена. - Второ, доколку и има сила и енергија и доколку сеуште барем и малку верува дека реформата навистина може да направи промена, тој сепак е доволно претпазлив за со таква леснотија да се реши на брзи, спектакуларни промени. Тоа особено е случај со умен, образован, мудар и продуховен старец, кој разбрал дека ако и има промена, таа треба да биде темелна, бавна и сеопфатна. Затоа мудар човек тешко се одлучува за промена, а кога веќе ќе се одлучи, тој е темелен и длабок. Неопитниот, неискусениот и вообичаено простиот (не во онаа највулгарна смисла, туку едноставниот, симплифицираниот карактер), реформатор сака промена по секоја цена – и ја прави и брзо и насила. Тој мисли дека може сè, затоа што не знае ниту како е сега, како се дошло до сегашната состојба, ниту каква треба да биде идната, а и ако знаат каква треба да биде идната состојба, секако не знаат зошто. Впрочем, прашањето „зошто“, прашањето на смислата, колку и контрадикторно да изгледа тоа, не е реформаторско прашање. Реформаторот мисли дека може да биде секако, само да е поинаку и особено дека поинаку мора да биде. Затоа и тешко може да се разберете со реформаторот, да најдете контра-аргументација. Тоа е како да играте шах со интелигентен, но неискусен шахист, кој штотуку ги научил правилата. Тој е желен за игра, сака да се одмери. Таков играч во првиот миг знае да ви биде многу незгоден - ќе ве изненади, ќе се отвори некако чудно, ќе направи некој непредвидлив потег, ќе ве збуни со намерата, мислите небаре е претставник на некој чудна шаховска школа која вие во долгогодишната и макотрпна шаховска кариера, никогаш не сте ја сретнеле. И во првиот миг дури и ќе ви предизвика и восхит и страв. И ќе ве заплаши и задума. Ова го знаат сите што некогаш малку попрофесионално се занимавале со шах. Такви се реформистите, неопитни, млади, енергични, желни за игра. „Може сè“ – вриштат тие. „Ама чекај – ù вели староста – тоа треба добро да се одмери.“ И додека староста и искуството мерат, тие скроиле нова мерка. Тоа е така затоа што на младиот реформист му недостасува знаење, длабок увид во секоја појава што сака да ја промени. Тој не може да ги увиди сите врски и односи во појавата, тој не ја согледува длабочината; од површината – нему сè му изгледа површински, лесно, само треба да се има храброст да се направи промената. Тој нема увид дека сè на светот, вклучително и нештото што сака да го промени, е поврзано меѓу себе, дека едно со друго е испреплетено во сложени и нераскинливи врски. Затоа младиот не го интересира теорија, тој сиот е пракса, или барем го интересира теоријата само додека ја оправдува неговата пракса. Ниту една акција кај него не почива на длабоко разработена теорија. Токму заради ваквиот недостаток на теориски фундамент, тие го доживуваат светот без фундамент, и токму затоа ќе ги видите како се опробуваат во сè. Тие можат сè и секаде – тие се и бизнисмени и теолози и кафанџии и професори и политичари и менаџери и трговци и истражувачи... И навистина, каде и да ги ставите тие „ќе се снајдат“, затоа што секогаш се движат по површината, а за таму не треба длабок, туку само издржлив плуг – а  тие го имаат таквиот. Но секогаш, ама баш секогаш ќе ги препознаете токму по следниот став – виделе едно дрво, а зборуваат за сите шуми на светот. И тоа како врвни експерти, со врвна самоувереност. Тие немаат проблем со себе, ниту со појавата која се зафаќаат „од корен“ да ја сменат. Затоа што - ако не можат тие, не може никој нормално. Па тие се повикани и тие ќе го направат тоа по секоја цена. И особено на сила. Затоа кај нив често е присутен и месијански комплекс – па само тие и единствено тие се повикани за коренита промена, сето што било пред нив е невредно, а сето после нив, е само нивна заслуга. Светот почнува од нив, завршува со нив. Единствениот критериум им е „успехот“, кој во суштина е толку аморфен, толку млитав, толку несуштински и не-онтолошки критериум, што практично значи сè и ништо. Што е успехот драги мои? – да имам милион долари што, патем сум ги украл од банка? Ме прави ли тоа успешен? Но, тие секако не ја разбираат оваа дефиниција на успехот, па успехот им е доволен мотив. Додека другите сиот живот го посветиле на едното дрво, тие изгореле цела шума и во меѓувреме посадиле нова – и се разбира, заради тоа тие се поуспешни од оној кој сиротиот целиот свој живот си го посветил на тоа едно дрво, без разлика што од таа негова посветеност на тоа дрво никнала впрочем и науката за дрвото, на која истите тие реформатори се повикуваат при сечењето и садењето на шумата. На крај, се разбира дека овие профили „млад“ и „стар“, треба да се сфатат и условно и независно од вистинската возраст. Во секој старец има млад и обратно, а секако имате млади старци и стари младичи. Во секој од нас постои опасноста да нè однесе водата на инерцијата, исто толку колку што постои опасноста да се зафатиме со реформирање на сè и сешто и тоа со една таква, просто неподнослива леснотија која секако треба да нè плаши! Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД