28 Ноември, 2024
0.0256

Неповолни ценовни сигнали

Објавено во: Колумни 01 Јули, 2013

Добивај вести на Viber

Повеќегодишната  релативна ценовна стабилност во земјата ги загушува информациите за повремените порасти и паѓања на цените на одделни производи, иако нивната неколкугодишна резултанта дава значајни ценовни сигнали за инвеститорите. А инвеститорите, секако, се под нивно влијание, бидејќи не смеат да ги игнорираат, но доколку го прават тоа самите го плаќаат цехот. Никој од нив не сака да вложува во производство од чија продажба, на домашниот или на странските пазари, или и на едниот и на другиот во просек, нема да обезбеди задоволителна стапка на повраток на вложените средства. Се разбира, резултатот, во основа, зависи од продуктивноста и економичноста во работењето на фирмите, меѓутоа, тој, во голема мера е детерминиран и од движењето на цените на производите. Имено, деловната политика на  компаниите во голема мера е предодредена од движењето на цените на индустриското производство на домашниот пазар, затоа што, порастот на цените на индустриските производи ја зголемува нивната ценовна доходност, а падот ја намалува. Оттука,  движењето на индексите  на продажните цени на производителите на индустриски производи на домашниот пазар пружа сигнали за однесувањето на инвеститорите.  А еве какви се сигналите што ги пружаат индексите? Во последните 3-4 години индексот на продажните цени на индустриските производи е во пораст. Во мај месец 2013 година во однос на истиот месец од претходната година покажува  дека цените се зголемиле за 0,7%, а во првите четири месеци од годинава во однос на истиот период од лани цените се зголемени за 2,1%. Ова не е некое загрижувачко темпо, меѓутоа, ако се има предвид дека цените на индустриските производи во мај месец годинава во однос на просекот во 2010 година се поголеми за 17,7%, тогаш е очигледно дека тие праќаат соодветни сигнали за потенцијалните инвеститори. Особено, ако се има предвид дека производството наменето за извоз не може да смета на таков ценовен пораст, пред се заради силната конкуренција која домашните производители ја имаат на странските пазари и фиксниот курс на денарот во однос на еврото, што дополнително ги дестимулира извозните активности на македонските компании. Неповолниот сигнал е очигледен. Очекувањата дека и понатаму ќе продолжи трендот во движењето на цените на индустриските производи на домашниот пазар, силно влијание во однесувањето на бизнисмените. Со оглед на фактот дека повеќе заработуваат дома отколку надвор,  тие се се повеќе мотивирани да произведуваат за домашниот пазар . Не треба да не‘  чуди ниту тоа  што многу е мал интересот на домашните бизнисмени за пробив на странските пазари или за инвестиции во капацитети за производство на стоки наменти за странските пазари. Изборот им го определуваат продажните цени на домашниот пазар и заработките од пласманот на странските пазари преку девизниот курс. Ваквите движења на цените на индустриското производство веќе сигнализираат развоен проблем и тој не сме да се игнорира. Македонија е мала земја и далеку е од можноста развојот да го темели врз супституција на увозот, иако и тука, веројатно, постојат определени шанси. Во некои сектори тоа е изводливо (во земјоделството, на пример), но за остварување на повисоки стапки на раст и подолгорочно одржлив развој неопходно е усогласување на ценовните односи во полза на извозно ориентираното индустриско производство. Динамиката на растот значително може да се зголеми само преку зголемување на извозот, а за тоа е суштествено да се создадат услови во кои ценовната доходност ќе се воспостави во полза на извозниците. Ова не значи автоматска промена на вредноста на домашната валута, доколку се искористат и другите можности за поддршка на извозно ориентираното производство. Суштествено е да не се игнорираат ценовните дискрепанци настанати поради остварување на определени политички и социјални цели, бидејќи тие, како сигнал, се вовед во лошо инвестирање или во избегнување да се инвестира. Мора да се воспостави јасна граница меѓу економијата и социјалата, при што социјалата треба да се димензионира  во обем да не ги загрозува неопходните развојни перформанси. Неусогласеноста во ценовната доходност веќе станува проблем и во одделни области, гранки и групации, особено меѓу примарното производство и преработувачите. Повеќе години сме сведоци на расправи за висината на цените на пченицата и  брашното со мелничарите. За земјоделците откупната цена на пченицата е секогаш пониска отколку што тие очекуваат за да обезбедат определено ниво на акумулација, а за мелничарите таа е висока, со оглед на тоа што на странските пазари можат да набават пченица и со пониска цена. Веќе не се знае дали домашното производство е скапо, поради ниската продуктивност на земјоделците, или, пак, странското производство е поефтино поради висината на девизниот курс. И тука се покажува дека е крајно време да се преиспитаат постојните и да се воспостават порамноправни услови на стопанисување меѓу субјектите кои произведуваат за домашниот и за странските пазари, со обезбедување на нешто поповолна позиција на извозно ориентираните, бидејќи само со извозно воден раст може да се обезбеди задоволителен одржлив развој. Д-р Крсте Шајноски
 

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.