19 Април, 2024
0.3426

Несериозните политички игри и економските неизвесности…

Објавено во: Колумни 26 Август, 2013

Добивај вести на Viber

Препукувањата околу неуспешното завршување на работата на ад-хок Комисијата, само покажува колку земјата е заглавена во нездрави политички игри со кои се замајува јавноста и се избегнува да се признае одговорноста за настаните што се случија, а во нив се бара и оправдување за неуспехот во остварувањето на клучните определби во развојот на земјата. Предлогот дури и Бранко Црвенковски да биде претседател на ад хок Комисијата која ќе го подготви извештајот за случувањата од 24 декември минатата година, а ВМРО-ДПМНЕ ќе го потпише, не само што не води кон решение на проблемот, туку, поради карактерот на предлогот (добра волја пред јавноста, но не и на состанокот на Комисијата, со што се девалвира добрата намера), ги заострува меѓупартиските односи и ја одвлекува политиката од решавање на вистинските проблеми. Наместо да се отстрануваат пречките на патот на нашето евроатлантско интегрирање и да се пристапи кон структурни реформи, значајни за динамизирање на развојот, вниманието на јавноста  се одвлекува на теми, како што се и предвремените избори, иако и неколкуте досегашни не дадоа резултати во зголемување на вработеноста и намалување на сиромаштијата. Се‘ уште се „ужива“ во резултатите од политиките кои водат кон зголемување на партиските рејтинзи, без да се води сметка  дека со таквата политика се гради „супер држава“ која го минимизира значењето на самоиницијативноста на граѓаните, свртувајќи го нивното внимание кон тоа што прави државата и наведувајќи ги да чекаат сите нивни проблеми да ги решава државата. Проблем е што таа, државата, за чудо, не се буни, како да е семоќна. Но, проблемот е во тоа што таа не е тоа. Особено не на планот на директното вработување. Таа не може да ги вработи сите невработени, па конкретните програми за вработување на лица од социјално ранливи семејства во државните институции не треба да го смета за успех на планот на вработувањето. Точно е дека со тој потег ќе се  зголеми бројот на вработените односно за толку ќе се намали бројот на невработените, што не е намера за потценување и потсмев. Но, сигурно е дека тоа не е начин на кој треба да се решаваат проблемите на невработеноста и сиромаштијата во земјата. Со ваквите потези се зацврстува практиката интересот на јавноста да се свртува кон активноста на владата и во нејзиното ангажирање поединците да го гледаат решението на сопствените проблеми. Нивниот однос кон политиката и државата се сведува на чекање што ќе направи државата, вклучувајќи и конкретни бизнис решенија, како што е вработувањето на одделни социјални групи. А што со другите? Ќе се чека ли и натаму вработувњето да ни го решаваат странските инвеститори? Заинтересираните на таквиот нејзин ангажман аплаудираат и потсвесно, се амнестираат од било какво сопствено, самоиницијативно ангажирање во решавањето на клучните егзистенцијални проблеми како што се вработувањето, обезбедувањето на стан,... Нивните напори се сведуваат на изнаоѓање на начин како да остварат некое од правата кои ги овозможува државата со прераспределбата на се‘ поголемите буџетски средства. И без да се прават посебни анализи е јасно дека какви потези и да влече Владата тие нема да бидат доволни да ги задоволат потребите на потенцијално заинтересираните. Тие се  во поголем број и обем од можностите на државата, се разбира, доколку не се сака „државата“ да се трансформира во најзначаен бизнис фактор во земјата, со што би се изместиле темелите на пазарниот систем. Од овие соображенија  државата веќе нема простор за поголемо ангажирање во конкретното решавање на егзистенцијалните проблеми на работоспособното население. Доколку пак продолжи со таква политика, за таа цел, таа ќе мора да зафаќа од добивките на бизнисот, а со тоа да ја слабее неговата заинтересираност за проширување на стопанските активности и зголемување на вработеноста. Ако се имаат предвид и незадоволствата од распределбата на привилегиите кои ги обезбедува државата со ангажирањето на буџетски средства, крајно е време за разбивање на илузиите за семоќта на државата за конкретно решавање на егзистенцијалните проблеми на работоспособносто население. Таа треба да стави до знаење дека нивните проблеми единствено трајно можат да се решат преку нивно продуктивно активирање и секојдневна работа за зголемување на примањата, во  согласност со порастот на нивната продуктивност на трудот. И дека во таа насока ќе ги заштитува. Тоа е всушност нејзината улога во пазарниот систем. Државата може само да создава услови поединците да се заинтересираат за самовработување, а  фирмите во порастот на вработеноста да најдат економски интерес за проширување на дејноста. Ова имплицира потреба од преиспитување на развојната политика на земјата. Бескорисно е ако условите се сведуваат на апели за зголемување на вработеноста. Недовербата во моќта на државата, и покрај конкретните потези, веќе се реперкуира во поинтензивно иселување на значаен дел од населението во странство. Своевидна недоверба во неопходниот пресврт покажува и бизнисот. Дел од него и легално (да не споменуваме за илегалното)  селат дел од капиталот во странство. Секако, во тоа не треба да се гледа само негативно (бидејќи со инвестициите во странство се стекнуваат нови искуства, полесно се доаѓа до нови технологии и знаења). Меѓутоа, индикативно е тоа што селењето на капиталот е и во дестинации кои се споменуваат како  „даночни раеви“. Време е да се согледаат и причините за недоволниот прилив на странски директни инвестиции и покрај третманот на земјата како поволно место за водење на бизнис. Треба да се види што недостасува за да се зголеми  нивниот прилив и кои се причините за „бегството“ на домашен капитал во странство. Притоа, да не се занемари и неповолното влијание од демонстрацијата на „суперактивна држава“  во областите кои не се нејзин домен на конкретно дејствување. Впрочем едноставно, треба да се спречи нездравите политички односи да ги деформираат економските. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок