30 Април, 2024
0.0250

Независно новинарство – ах, колку гордо звучи тоа!

Објавено во: Колумни 03 Мај, 2013

Добивај вести на Viber

Денот на трудот, први мај кој ја изразува  суштинската битка на работниците за своите права и еден од најголемите христијански празници Велигден, на кој се чествува Христовото воскреснување, како ретко до сега, се совпаднаа и се случуваат во една недела. И за работниците и за верниците, но и за секој граѓанин-добронамерник,  можност јавно да проговорат и да делуваат во склад со настанот кој го слават и чествуваат. Но во сенката на овие два значајни празници и како малку запоставен полека и срамежливо излегува на површина уште еден, мошне битен датум и настан-трети мај- меѓународниот  ден на слободата на медиумите. Трети мај оваа година е на Велики петок, ден кога верниците се придржуваат кон најстрогиот пост и можеби симболично и се совпаѓа, бидејќи колку и да звучи сурово, не е далеку од реалноста, постот во медиумскиот дискурс како метафора на издржливост  и одрекување од духовната храна на македонскиот новинар во овој денешен и современ медиумски простор. Дали македонскиот новинар, независно од која медиумска куќа доаѓа има  слобода и право на говор и мисла За мене едно од најсуштествените и најзначајни прашања, вредни за социолошка анализа денес, а поврзани со медиумите(пишаните и електронски) се однесува на барањето одговор на (не)постоењето на слобода на изразување, на пишување, на дискутирање, слобода на мисла и говор, денес во ова наше совремие кое го битисуваме. Во рамките на социолошките дебати, на европско и светско ниво, можеби ќе звучи изветвено и надминато отворањето на дебата за слобода на медиумите и слободен и отворен говор на медиумските работници, но за нашиве простори размислите и дискусиите околу   имањето или немањето на слободно и независно новинарство и те како се потребни. Самата проблематика која ја загатнува независното и слободно новинарство ја изнедрува насушната потреба во рамките на јавни дебати отворено и без превез да се одговори на едно навидум едноставно, но во суштина комплексно прашање-дали македонскиот новинар, независно од која медиумска куќа доаѓа има  слобода и право на говор, мисла, размисла, слобода и право на индивидуален став за различен општествен феномен, можност за изразување на критичка мисла за одредени работи за кои не се согласува или пак пофалба за други за кои смета дека се добри и продуктивни. Вистина, вистина и само вистина во секоја смисла на зборот Анализирајќи го медиумскиот простор кај нас и апропо сите настани и активности кои во континуитет ни се случуваат во последниве години без трошка срам и страв можам со право да кажам дека ние сме далеку од епитетот на земја во која слободата и независноста на медиумите и медиумските работници е врвно начело, односно, повеќе би можело да се каже дека потполно и целосно независно и слободно новинарство за нас е мисловна именка. И не само денес, целиот овој период од осамостојувањето до денес, медиумските работници срамежливо и тешко успеваат да се изборат за индивидуални, независни и сопствени ставови, ослободени од сите влијанија и политички и на медиумските магнати. На сопствените плеќи го носат бремето во кое пишуваат, творат и делуваат, едно обременето време, време-невреме во кое сопствената егзистенција и борбата за корка лепче е над и пред се, над и пред суровата вистина и реалност со која се соочуваат, над и пред сопствената совест и борбата во неа за пласирање на вистината-реална или малку искривена, за говорење само и единствено на реално слученото или затскривање на она што е објективно и суштинско, на замижување пред фактите(пред кои и Боговите молчат) и изнесување на одредени, помалку или повеќе субјективни анализи. Цензурата е далеку од нешто што е посакувано и потребно во новинарството, а правичноста и вистинитоста треба да се врвни вредности на пиедесталот на новинарскиот вредносен дискурс. Но без лажна скромност кај нас тие работи не одат рака под рака и можеби не светлосни години, но долг период ќе ни биде потребен да се исправиме и вратиме на вистинскиот пат на новинарската етика кој првенствено подразбира неколку начела и тоа-вистина, вистина и само вистина во секоја смисла на зборот, слобода на изразување и новинарско делување, работа и творење без притисок од било каков вид, создавање и истакнување на ставови кои ќе  почиваат на реално и конкретно, визионерство во новинарството, истражувачко новинарство ослободено од сите канџи и предрасуди....Ова не е утопија туку реалност и кога тоа ќе се оствари секој ќе може со орен глас да воскликне Слободно и независно новинарство – ах, колку гордо звучи тоа. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД