23 Ноември, 2024
0.0259

НИ ДОАЃА СВЕТИ ИЛИЈА: Што смее, а што не треба да се прави на овој голем празник

Објавено во: Општо 26 Јули, 2018

Добивај вести на Viber

Во народното верување свети Илија се смета за клучар кој го отклучува или заклучува небото и го пушта или запира дождот, бидејќи се верува дека тој повела со летните грмотевици.

Свети Илија беше Евреин. Живееше далеку пред Христа. Потекнуваше од градот Тесвит, по што и беше наречен Тесвиќанец. Кога се роди, околу него татко му виде Божји ангели како го повиваат во оган и го хранат со пламен, што укажуваше на неговата подоцнежна пророчка служба. Младоста ја помина во постојано богомислие и во молитва, честопати повлекувајќи се на пусти места.

Прорече многу настани и направи голем број чуда со силата Божја, што беше во него. Пред крајот на неговиот земен живот го избра за свој наследник пророкот Елисеј, а потоа се вознесе на небото во огнена кочија. Се јави пак при Христовото преображение, а ќе се појави и пред второто Христово доаѓање.

Именден празнуваат: Илија, Илко, Илинка, Илинденка, Илина, Иљо, Илчо…

Останало забележано во записите на Марко Цепенков дека „во летно време кога да биет ровја, св. Илија трчал со кочијата по облаци, за да ја втаса ламјата и штотуку да ја втасал ќе врлел со еден камен морски и одошто силно ќе удрел со камчето, огон силен излегувало и кај ќе удрело ќе расипело и ќе убиело. Ламјата од страв кај ќе и се вдаит, тамо ќе се скриет, за да не ја убиет. Тешко му кај ќе се скриет.“

И во кумановско, Свети Илија се држи како празник и не се работи од страв да не бијат громови по полето, луѓето и стоката и сл.

Ефтим Спространов меѓу другите записи на обичаи од Охрид запишал и верување дека ако грми на Свети Илија, оревите ќе бидат шупливи. Во пролет и во лето кога има грмежи свети Илија се шета по небото со златна кола и ја бара ламјата за да ја убие. Таа оди да ги пасе житата, а тој штом ќе ја забележи, фрла по неа со огнени стрели. Е. Спространов забележал дека Св. Илија е празник на кожуварите.

И Кузман Шапкарев кој објавил богати записи на многу македонски обичаи и верувања забележал дека на 20 јули (стар стил) на споменот на пророк Илија празнуваат еснафите: кожуварите, самарџиите и ѓерамидџиите како што и на чевларите празникот им е на Св. Спиридон, а пак на корабџиите Св. Никола, како претседател и покровител на речните еснафи. Од нив двата први т.е. кожуварскиот и самарџискиот за време на празникот на Св. Илија до неодамна даваа општа гозба (угостување) на своите момоци, работници во еснафот на кој ден сите заедно, мајстори и калфи се гоштеваа на една или неколку софри на некое место за веселење, надвор од градот и се веселеа. Тие два еснафи принесуваа во црква восочни свеќи – ламбада и пет леба како што се принесува и на секоја служба. Последниот тоа не го прави. За него велат за да го умилостивел светецот та да не врне преку летото, за да можат ѓерамидџиите без пречки да работат погребувал живо магаре за жртва. Но, тоа во наше време не е вистина дека го правеле, вистина е само дека вечерта спроти празникот прават тркала од неисушени ѓерамиди како симбол на колата врз која пророкот се возел по воздух и од која грмело и пуштал дожд во кого веруваат како Бог Грмник. К. Шапкарев, исто така го забележал и верувањето дека ако на Илинден загрми таа година оревите ќе бидат шупливи.

Во Гевгелиско се сметало дека Св. Илија е сред лето. Исто така овој ден се сметал за тежок празник и тогаш никој не работел зашто тој бил „аталија – може да те млʼсне и тресне“. Народот верувал дека св. Илија секогаш држи во раката некој буздоган и со него ја брка ламјата, а кога го фрла буздоганот, тогаш треска, удира гром. Народот верувал и тоа дека и св. Илија како и св. Андон може да лекува некои болести поради што многумина ги земале од црквата иконите на св. Илија и ги држеле кај болниот. Исто така и му ветувале нешто за болниот да оздрави. Во Дојран се одржувала црковна служба и панаѓур коишто траеле два дена, а болните ноќта спиеле под иконата на св. Илија.


* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.