20 Декември, 2025
0.0626

НИКНУВА ЛИ НОВА АВИОКОМПАНИЈА ВО СРБИЈА - фирма на холдингот „Делта“ ќе купува друштво кое работи со опрема за воздушен сообраќај

Објавено во: Економија 16 Декември, 2024 08:20

Добивај вести на Viber

Никнува ли нова авиокомпанија во Србија, чии сопственик би бил холдингот Делта, еден од најголемите и најраспространетите бизниси во таа држава, но и во регионот. Таков впечаток барем може да се стекне од информацијата која е објавена на веб страницата на нашата Комисија за заштита на конкуренцијата, а која е неминовно да се објави и во нашата држава, бидејќи холдингот Делта има поврзани бизнис активности и во земјава, но кои не се поврзани со конкретнава зделка.

Имено, до нашата Комисија за заштита на конкуренцијата стигнала информација односно известување за конкуренција, а во кое се наведува дека компанијата Флајс ДОО од Белград, има намера да стекне самостојна контрола врз друштвото Бен аир ДОО, исто така од Белград, Савски венац, Србија. 

За компанијата Флајс ДОО Белград се наведува дека е основана на 6 март оваа година во Србија, за вршење на воздушен превоз на патници. Компанијата во моментот се уште не работи, односно, како што пишува во објавата, е во фаза на подготовка за извршување на активности, така што не дава никакви услуги на трети лица, ниту пак остварува приходи. 

Флајс ДОО Белград, како што нагласиле од КЗК, им припаѓа по половина и на групацијата Делта Холдинг, која е активна во Србија и во регионот во голем број различни области на деловното работење, како и на EL&MI Group, која исто така е активна во неколку различни области. 

Или, за да објасниме попрецизно, во компанијата Флајс ДОО по 50 отсто од уделите имаат Аирстар ДОО Белград, која е дел од групацијата Делта холдинг, како и компанијата ЕЛ&МИ ГРУП ДОО од Белград. 

И сега, зошто за ова се дознава во Македонија. Имено, Флајс ДОО од Белград нема зависни друштва на територијата на земјава, но затоа Делта Холдингот кој учествува со удел од 50 отсто во таа фирма, има такви друштва. 

Имено, како што е познато, компаниите од групацијата „Делта Холдинг“ ги извршуваат своите активности во областа на земјоделското производство, производство на храна, извоз, увоз и застапување на странски компании, дистрибуција на стоки за широка потрошувачка, продажба на автомобили, развој на недвижности и развој на нови технологии. Делта Холдинг Груп ги реализира своите деловни активности преку пет организациски единици: Делта Аграр Груп, Делта преработка на храна, Делта недвижности групација, Делта дистрибуција и одделот за нови технологии. Покрај на српскиот пазар, Делта Холдинг Груп е присутна и на голем број пазари во регионот и во Европската Унија. 

Делта Холдинг Груп има зависни друштва во Македонија, и тука влегуваат друштвото за производство, трговија и услуги АНАНАС МК ДОО Скопје, како и Друштвото за производство, трговија и услуги АНАНАС ШОП ДООЕЛ Скопје. 

ЕЛ&МИ ГРУП ДОО Белград, пак, е основано на 24 мај 2012 година, во Србија. Основна дејност е производство на електрична енергија. Има позиција на матична компанија во група на компании со сопственост на холдинг компанија во практична смисла. Во рамките на групацијата има повеќе компании кои се занимаваат со различни економски дејности. ЕЛ&МИ ГРУП ДОО БЕЛГРАД во моментот не работи на српскиот пазар, имајќи предвид дека фирмата СОФТ ВАЈТ ДОО БЕЛГРАД, од групацијата ЕЛ&МИ, престана да ја врши дејноста превоз на патници во воздушниот сообраќај, а во 2024 г. немал никакви деловни активности. ЕЛ&МИ ГРУП Д.О.О. БЕЛГРАД нема зависни друштва на територијата на Република Северна Македонија. 

И сега нешто за друштвото кое ќе биде купено, односно БЕН АИР ДОО, БЕЛГРАД. Тоа е основано на 24 март 2009 година во Србија. Тоа нема поврзани дејства на територијата на земјава. 

За оваа компанија на интернет може да се најде дека нејзината основна дејност е изнајмување и лизинг на опрема за воздушен транспорт. Таа нема никаква блокада, ниту даночен долг, а редовно ги исплатува платите на своите вработени. Големината на претпријатието е во рангот на микро. Таа компанија лани имала приходи од околу 140 илјади евра, а нејзината добивка, која настапува после две години загуба, изнесувала околу 60 илјади евра.

„Врз основа на прелиминарното испитување Комисијата утврди дека предметната концентрација може да потпадне под одредбите на Законот за заштита на конкуренцијата. Сепак конечната одлука по ова прашање е резервирана. Комисијата ги повикува заинтересираните трети страни да достават забелешки и мислења за оваа концентрација до Комисијата“, повикуваат од Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Н.Н.Ф.

Можеби ќе ве интересира

Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?

Побарувачката за сребро ќе расте - кои земји имаат најголеми резерви?

Koи европски држави ќе имаат раст до 2027 година?

Koи европски држави ќе имаат раст до 2027 година?

ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?

ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?

Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?

Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?

Просечните плати во Хрватска се зголемија

Просечните плати во Хрватска се зголемија

Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри

Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри

Зошто во Европа се затвораат фабриките за шеќер?

Зошто во Европа се затвораат фабриките за шеќер?

НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка

НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка

Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба

Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба