Нов буџет на ЕУ: Помалку пари за земјоделците, 100 милијарди за Украина
Објавено во: Економија 24 Јули, 2025 12:07
Европската комисија го претстави нацрт-буџетот на ЕУ за 2028-2034 година, во кој се планира значително намалување на средствата за заедничката земјоделска политика - од сегашните 386,6 милијарди евра на 300 милијарди.
Оваа најава од Брисел предизвика бран негодување кај земјоделците и организациите низ цела Европа, кои протестираа во Брисел поради директниот удар врз иднината на семејните фарми и руралните заедници.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, негираше дека станува збор за одземање средства од земјоделците, нагласувајќи дека средствата за рурален развој и другите програми се сè уште достапни, но во рамките на различни буџетски линии.
Ова објаснување не ги увери земјоделците во Европа. Тие тврдат дека најавените намалувања од над 20 проценти, без да се вклучи инфлацијата и зголемените трошоци за производство, претставуваат сериозна закана за опстанокот на европското земјоделство.
Околу 500 претставници на земјоделски синдикати и организации од Белгија, Франција, Италија, Шпанија, Грција, Австрија, Ирска, Полска и други земји се собраа во Брисел на протест што започна на плоштадот Луксембург и заврши пред зградата на Европската комисија. Демонстрантите оставија десетици пара работни чизми на влезот во зградата на Комисијата, велејќи дека земјоделството не може да се води без стабилна и предвидлива финансиска поддршка.
Од друга страна, Европската Унија предложи да се издвојат до 100 милијарди евра за Украина, надвор од повеќегодишната финансиска рамка, за периодот 2028-2034 година, изјави европскиот комесар за буџет, Пјотр Серафин.
„Сакаме да издвоиме до 100 милијарди евра, надвор од таванот на финансиската рамка, за Украина, нашиот најстратешки партнер“, рече Серафин во Европскиот парламент во Брисел.
Според него, ова е долгорочна посветеност на закрепнувањето и реконструкцијата на Украина.
„Победник на новиот буџетски план на Европската комисија е Украина, поради количината на пари доделени на Киев, а губитници се европските граѓани“, рече унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Ова би можело особено силно да ги погоди земјоделците. Унгарските земјоделци, заедно со нивните европски колеги, би можеле да добијат многу помалку субвенции во иднина“, рече Орбан.
Унгарскиот премиер додаде дека „во Брисел владее хаос“ поради новиот предлог за буџет од Европската комисија, кој ги изненади сите, нагласувајќи дека „ситуацијата е драматична“, објави MTI.
Германската федерална влада го отфрли нацрт-законот за буџет на ЕУ за периодот 2028-2034 година, презентиран од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кој предвидува алокации од околу два трилиони евра за тој седумгодишен период, објави „Шпигел“.
„Значително зголемување на буџетот на ЕУ е неприфатливо во време кога земјите-членки вложуваат значителни напори за консолидирање на своите национални буџети“, рече портпаролот на владата Стефан Корнелиус.
Можеби ќе ве интересира
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар
Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии




