Добивај вести на Viber
Нов товар Владата им стави на грбот на граѓаните денеска.
Надлежните се задолжија повеќе од планираното. Министерството за финансии во најавата од домашните кредитори бараше заем од 17,2 милиони евра, но сепак се задолжи за 25,3 милиони евра или 4.1 милиони евра повеќе од долгот што доспева за враќање.
Утре пак, надлежните треба да се раздолжат 21,1 милиони евра за достасани претходно издадени државни хартии од вредност.
Што се однесува до јавниот долг , тој е на историски износ од над 5 милијарди евра, односно над 50% од БДП, тврди опозицијата во денешното реагирање по повод новото задолжување кај граѓаните.
Денешното задолжување следи после задолжувањето со 450 милиони евра од еврообврзницата.
Задолжувањето отвора прашање: Во каква кондиција е буџетот?
Со оглед дека буџетот за годинава е во добра финансиска кондиција, задолжувањето со еврообврзница, создава недоверба по повеќе основи, вели универзитетскиот професор Сами Беслими за Фактор. Според Беслими, една од причините за ваквото задолжување е можеби намерата на владатадо крајот на годината да има зголемена јавна протрошувачка, над нивото и надвор од тоа што е предвидено со буџетот, а усвоено во законодавниот дом.
Сами Беслими универзитетски професор:
Откако со успех се реализираше евробврзницата, најважно прашање е, како и за кои потреби ќе се трошат парите. Со оглед дека Буџетот е во добра кондиција, што значи дека приходите се во рамките на проектираните вредности, тогаш нам и не ни беа потребни дополнителни извори на средства, од причина што со постојниот прилив се обезбедува доволен обем на средства за финансирање на вкупната буџетска потрошувачка, се разбира, освен делот кој се однесува на проектираниот буџетски дефицит.
Доколку е тоа така, тогаш се поставува прашањето, зошто имаше потреба од ново задолжување преку еврообврзница, доколку буџетот е во добра кондиција?
Во вакви услови, обезбедувањето на средства преку ново задолжување создава недоверба во правец, на тоа дека прво можеби приливот на средства во буџетот е под проектираните вредности, потоа дека можеби доспеаните обврски во буџетот се поголеми од претходно евидентираните, трето дека можеби буџетската потрошувачка е поголема од проектираните вредности, четврто дека можеби до крајот на годината се предвидува зголемена јавна протрошувачка, над нивото и надвор од тоа што е предвидено со буџетот, а усвоено во законодавниот дом.
Јас сум поборник на користењето на задолжувањето за продуктивни цели, за инвестиции во функција на развојот, од кои придобивки ќе имаат домашното стопанството и граѓаните на земјата. Задолжувањето е оправдано само тогаш доколку повратните ефекти од задолжувањето се поголеми од трошоците од задолжување, односно само тогаш доколку маргиналните приходи од задолжувањето се поголеми од маргиналните трошоци од задолжувањето.
Инвестициите во примената на нови знаења и технологии ( со кои би се намалила т.н. временска дистанца во технолошкиот развој), патната инфраструкура, енергетиката и слично се области каде што треба да се инвестира, па макар и со дополнителни задолжувања, оти само така и само тогаш ќе можеме да се натпреваруваме со конкуренцијата во внатрешниот и во меѓународниот пазар.