Новата ера за словенечката економија
Објавено во: Анализа, Балкан 18 Јуни, 2013
Иронично, начинот на кој Словенците ја приватизираа економијата денес е еден од главните проблеми за кризата во која се наоѓаат. Денешната ситуација којзнае кој пат покажува дека кога се зборува за економија, ништо не се смее да се сфаќа догматски, т.е. ниту едно решение не смее да биде трајно и постојано, бидејќи секогаш ќе дојде време кога ќе му помине времето.
Доколку ја погледнете сопственичката структура на компаниите што котираат на словенечката берза, ќе видите дека најголеми сопственици на компаниите се домашните фондови и претпријатија. Стратегијата на земјата во основа беше да не дозволи да биде купена од странци, а притоа претпријатијата економски да го колонизираат тоа што можат од бившата држава, логично затоа што позициите на тој пазар им беа најсилни. Со оглед на тоа дека сите ние може да наброиме повеќе словенечки компании што функционираат кај нас, очигледно е дека стратегијата се покажала како доста успешна. Словенија најголем дел од својата трговија ја врши со ЕУ, но со оглед на суфицитите што ги остварува, и поранешните пазари не се за занемарување. На пример, минатата година Словенците оствариле 80 милиони долари вишок во размената со нашата земја. Освен што доминираа во реалната економија, словенечките фондови беа и се едни од најголемите портфолио-инвеститори на нашата берза. Далеку пред да бидат формирани домашните фондови и далеку пред секој втор човек да зборува за тоа колку се заработува на берза, Словенците на големо купуваа евтини акции, кои, ете, повторно иронично се на нивото од тоа време (еден дел барем), но сега никој не ги сака. Тоа беше добро време за Словенија, економијата растеше со сериозно темпо, компаниите беа во домашна сопственост, правеа профити, а инвеститорите доминираа на регионалните берзи. Но кога започна кризата, проблемите почнаа да излегуваат на виделина. Причината за горните успеси, овој пат беше причина за кризата. Сопственичката структура на компаниите беше направена на начин на кој една голема компанија поседува друга, таа компанија поседува трета... и така натаму. Потоа секоја компанија во банките (кои, исто така, немаат надворешен сопственик) ги заложува акциите на другата компанија и подигнува кредит. А кредит богами имаше многу, па така ако го видите левериџот на одредени словенечки банки (значи соодносот меѓу активата и капиталот), ќе сфатите дека доколку една лоша инвестиција тргне наопаку, сѐ може одеднаш да отиде во бестрага. Тоа што изгледа неуништливо, одеднаш може да се претвори во пепел. На таков начин Словенија ја дочека кризата и ситуацијата беше подготвена за совршена бура. Значи, компаниите паднаа во криза бидејќи пазарите почнаа да им се рушат, цените на нивните акции почна да паѓаат, меѓу другото, и поради тоа што акциите беа продавани бидејќи немаше кој да ги враќа земените кредити, не само за компаниите туку и за малите инвеститори, кои исто така навалија на евтини кредити. Банките, кои даваа кому ќе стигнат, почнаа да создаваат широки дупки што не можат да се закрпат до ден-денес. Таквата ситуација очекувано се одрази и на нашата берза, на која, како што рековме, доминираа Словенците, кои во немање ликвидност до ден-денес се нето-продавачи на акции кај нас. Како капак на сѐ, самата држава (која патем речено има низок јавен долг) започна да наидува на проблеми, затоа што нормално секој предвиде дека на крајот токму таа ќе мора да го плати цехот за ситуацијата, што по автоматизам значи иден сериозен јавен долг. Кога сме кај тоа, да напоменеме дека токму поради оваа причина јавниот долг сам по себе не значи ништо. Перцепцијата и реалната ситуација за идните обврски се многу позначаен фактор што го одредува здравјето на финансиите на некоја земја. И така веќе неколку години по ред Словенија се препелка како риба на суво, не можејќи да се соочи со реалноста, а тоа е дека за да се излезе од кризата, ќе мора да се прават длабоки и тешки резови, кои ќе го сменат начинот на кој системот функционираше. Силен удар за гордоста на Словенците беше кога Емил Тедески ја презеде Дрога Колинска, но се чини одлуката што веројатно ќе биде финална, да се продаде Меркатор, словенечкиот малопродажен бисер на Агрокор, дефинитивно го означува почетокот на крајот на оваа фаза на словенечката економија. Компанијата за која пред неколку години се плаќаа и 240 евра по акција, ќе биде продадена за половина од таа цена, но тоа е нормално за вакви времиња. За крај, слично како во Квака 22, она што беше причина за проблемите на Словенија, значи преголемото државно присуство во компаниите, веројатно ќе биде и решение за проблемите, затоа што денес Словенија има што да понуди и токму тоа ќе реши голем дел од натрупаните проблеми. Тогаш конечно ќе дочекаме и посилен регионален берзански пораст. Милан Димитриоски* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.