Новите „бомби“ за албански политичари на мета на Јавното обвинителство
Објавено во: Македонија 28 Септември, 2016
Новите прислушувани разговори кои осамнаа на социјалните мрежи а во кои се вклучени албански политичари се на мета на Јавното обвинителство.
Скопското обвинителство отворило истрага за објавените снимки во кои наводно се работи за прислушкувани телефонски разговори во кои се вклучени Али Ахмети, лидерот на ДУИ, Муса Џафери и Ермира Мехмети која пак тврди дека нејзиниот глас е монтиран и дека ова е нов обид да се оцрни нејзиното име.
Обвинителите веќе водат истраги за тоа од каде „протекле“ снимките и кој ги објавил на социјалните мрежи.
Од владеачката партија ја обвинија СДСМ како главен виновник за протекување на приватни телефонски разговори со цел да профитира од албанските партии. Од друга страна, пак Шилегов портпаролот на СДСМ тврди дека единствени кои ги имаат снимките се членовите на најтесното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и дека тие вршат нарачки на текстови и објави по „курирските“ портали.
Страната pronto.mk на Facebook пред неколку дена најави нови „изненадувања“, а покажа и слики со стотици аудио фајлови кои најверојатно се подготвува да ги објави. Засега од Facebook го немаат блокирано пристапот до pronto.mk. На страната стојат и клиповите со претходно објавените аудио снимки.