24 Април, 2024
0.0294

Новогодишна финтек бајка – Шведска

Објавено во: Колумни 28 Декември, 2019

Добивај вести на Viber

Размислете, она што треба да биде карактеристика на системите за брзи плаќање е можноста да се вршат веднаш, во било кое време и да бидат безбедни и сигурни. Решението за плаќања преку мобилен уред во реално време во Шведска наречено Swish, го овозможува токму тоа. Всушност, Swish започнува со работа во 2012 година, преку меѓусебна соработка на шест од најголемите банки во Шведска, за да денес бидат приклучени и останатите. Swish им овозможува на индивидуалните корисници даплаќаат и да вршат трансфери, преку едноставно користење на бројот на мобилниот телефон. Дополнително, Swish овозможува плаќања на производи и услуги преку посебна апликација за трговци и интернет плаќања во е-трговијата. За олеснување накористење на Swish се користат и QR кодови.

Swish започнал како систем за мобилни плаќање помеѓу физички лица, а за краток период направи големо влијание во секојдневниот живот на граѓаните на Шведска. Овој модел има голема популарност, што зборот „swish“ се користи во секојдневниот жаргон како што се користи зборот „гуглање“ кај нас. Примери за општа прифатеност има навистина многу. За мене нај инспиративен претставува користењето на Swish во верскиот храм Storkyrkan. Станува збор за црква која датира од 13 век, и се наоѓа во близина на Кралскиот замок во Стокхолм. Оваа црква симболизира многу традиции: тоа е местото каде што се крунисувани шведските кралеви, а во 1976 година во оваа црква се прави женидбата на Шведскиот Крал Густав со Кралицата Силвија. Слично на традицијата која се применува и во останатите црква, и тука се собираат прилози од верниците во темно зелени кадифени торби. Меѓутоа, некои од верниците не го вадат паричникот, туку мобилниот уред. „Црквата во денешно време мора да ги користи новите технологии“, кажува свештеникот и објаснува дека една петина од прилозите се уплаќаат преку Swish, а овој износ се повеќе се зголемува. Swish е исто така популарен како средство за плаќање на повеќе отворени пазари во Стокхолм, бидејќи трансакциите се моментални, продажбите се одвиваат веднаш, а потврда за извршената уплата се добива на мобилниот уред.

Тоа што може да се воочи на веб страната е дека користењето на Swish платформата е бесплатно. Според гласноговорникот на Swish „Ако системот за мобилни плаќања се прифати на почетокот, потоа лесно се распространува со голема брзина. Основата за успех е потребата на граѓаните за вршење на меѓусебни плаќања. Дигиталниот трансфер на пари помеѓу физички лица е вистинската работа за микро и мали бизниси поврзани со рекламирање преку Facebook и сл. Просечниот износ на плаќањата изнесува 50 евра, но можни се безбедни мобилни трансакции до 15.000 евра. Друг важен предуслов за успех е фактот што осумте Шведски банки активно го промовираат Swish на своите клиенти. Токму затоа, Swish ги замени претходните конкурентски платформи за мобилни плаќање“.

Swish денес е едно од водечките решенија за мобилни плаќање во Европа, кое што го користат над 7 милиони корисници. Бројот на плаќања во последните 5 години континуирано се зголемува за да на крајот од 2018 година на годишно ниво достигне безмалку 400 милиони трансакции, а вкупниот број на извршени плаќања од почетокот на 2012 година до денес достигнал една милијарда. Со порастот на бројот на плаќања, се зголемува и обемот, кој достигнал над 200 милијарди шведски круни, односно 19 милијарди евра на годишно ниво. Сепак, според истражувањето спроведено од страна на Централната банка на Шведска, околу една третина од домаќинствата не се подготвени да се соочат со потенцијалното исчезнување на готовината. Овие резултати од истражувањето укажуваат на значителни разлики помеѓу демографските групи, а готовината ја претпочитаат повозрасните и лицата со релативно пониско ниво на образование и остварен помал приход.

Сега, да се вратиме малку во реалноста. Вршењето на плаќањата и проверка на состојбата на сметката се двете најчесто користени услуги кои клиентите ги користат од банките. За илустрација, 34 проценти од вкупните приходи на банките во 2016 година на глобално ниво се однесуваат на провизии од вршење на трансакции. Дополнително, вкупниот обем на глобалните плаќања изнесува 5,5 пати од светскиот бруто домашен производ. Ова се клучните причини зошто оваа област е во фокусот на новите „играчи“ т.е. финтек компаниите, а секако и на финансиските институции староседелци, односно банките.

Долг период од дваесеттиот век, хартиениот пренос на парични средства преку размена на банкноти или чекови преставувал единствен начин за вршење на плаќањата. Дополнително, на почетокот на ерата на платежни картички, за порамнување на трансакциите, била неопходна размена на хартиени форми меѓу банките. Меѓутоа,  дигитализацијата на финансиите, односно плаќањата, беше предуслов за поширока дигитализација во останатите области на економијата, а постојат неколку клучни моменти за развојот на дигитализацијата во финансиската сфера.

Прво, во 50-тите години од минатиот век се појавија кредитните картички. Во тоа време за вршење на плаќањата било потребно да се добие претходна авторизација преку телефон (што во тоа време изнесувало околу четири минути), а потоа и размена на потребната хартиена документација меѓу банките. Второ, во 1974 година, преку инвестиции во целосно електронски систем за плаќања направени од страна на Виза, а потоа и на Мастеркард, времето за авторизација се намалува на, тогаш фантастични, 40 секунди. Истовремено се елиминирала и размената на не-автоматизираните хартиени форми. Трето, на почетокот на новиот милениум, преку серија на законски измени на глобално ниво, се олеснија условите и се овозможи на банките да користат дигитална авторизација. Сите овие промени овозможија развој на современите начини на плаќање, пораст на бројот на платежни картички и развој на целосно електронски системи за размена, како што е на пример PayPal. Од тие причини не треба да не изненадува фактот што во 2018 година инвестициите во финтек достигнаа фрапантни 111,9 милијарди долари.

Меѓутоа, нивото на развој на финтек во нашата држава е се уште многу ниско и потребни се сериозни анализи за детектирање на причините. Понатаму, за развивање на вакви и слични модели на финтек платформи потребно е да се преземат конкретни чекори, се со цел зголемување на благосостојбата на граѓаните. Од друга страна, постои општ консензус дека намалувањето на користењето на готовината има позитивно влијание особено во однос на намалувањето на сивата економија. Можеби е дојдено време со поддршка од државата, а во соработка со Народната Банка и комерцијалните банки да се создаде платформа за мобилни плаќања, на пример според моделот на Swish.

М-р Андреј Илиевски

Авторот е Докторанд по Економски науки, со над 20 годишно банкарско искуство на различни раководни и професионални позиции

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок