24 Април, 2024
0.0256

Нуклеарна војна околу Украина!

Објавено во: Колумни 02 Мај, 2022

Добивај вести на Viber

Изминативе десетина дена настаните околу Украина паднаа во сенка на изјавите што дојдоа од Русија и од Америка, двата главни актера на украинската војна. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров прозборе за постоењето реална опасност од нуклеарна војна, а американскиот претседател Џо Бајден, покрај веќе потрошените 3,5 милијарди за оружје за Украина, од конгресот побара да се одборат други 33 милијарди долари. САД сметаат дека војната ќе трае со години, па затоа ќе бидат потребни пари за оружје. А загубените животи ќе бидат украински. И неизбежно руски.

Минатиот понеделник Лавров изјави дека „Ризиците сега се сериозни. Не би сакале вештачки да ги надувуваме. А многумина сакаат. Опасноста е сериозна, реална. Таа не треба да се потцени“. Изјавата се однесуваше на опасноста од нуклеарна војна. Тој напомна дека за разлика од времето на Карипската криза, кога имало некакви канали за комуникација, сега нив воопшто ги нема. Зборовите на Лавров кренаа голема врева на Западот. Демек, еве Русија се подготвува за нуклеарна војна. Тоа го прави бидејќи ја губи војната во Украина, дека членките на НАТО, обединети, му даваат голема воена помош на Киев и дека Русија е пред пораз и капитулација, па посега по „последното“ оружје.

Се јави американскиот амбасадор во Москва Џон Саливен, во интервју за  CNN, чии зборови можат да се сметаа за официјален став на Вашингтон. Тој го обвини Лавров за „нуклеарна уцена“ поради зборовите за ризик од нуклеарна војна. „Ние не играме политика на работ на нуклеарната рамнотежа. Ова им го предочивме на Русите. Ја слушнавме нивната реторика, подготвени сме да ја одвратиме нуклеарната агресија против САД на ист начин како што тоа беше со децении, почнувајќи од времињата на Советскиот Сојуз“, изјави Саливан за CNN. „Нема да се предадеме на нуклеарната уцена“, нагласи тој и потсети дека во интерес на намалување на тензиите, Пентагон прво ги одложи, а потоа целосно ги откажа планираните тестови на интерконтиненталната балистичка ракета „Минутмен III“.

ДА СЕ ОСЛАБИ РУСИЈА

Во интервјуто тој ја обвини руската власт за „неодговорна ескалација“ на реториката и даде до знаење дека САД нема да се вплеткуваат во полемика и дека ќе се воздржат од дејствување во атомската сфера, кое може да се сфати како провокации. Инаку дека Русија може да примени тактичко нуклеарно оружје во Украина има изјавено и директорот на ЦИА Вилијам Барнс. Ова од страна на Русите беше оценето како апсурдно тврдење. Од причина што во современи услови на мониторинг на нуклеарни испитувања не може да се скрие примена на такво оружје.

Во прилог на теоријата дека Русија може да посегне по нуклеарно оружје одат и тврдења по последните искажувања на Џо Бајден, и на државниот секретар за одбрана, Лојд Остин, кој пред неколку дена беше во посета на Киев заедно со неговиот колега државниот секретар за надворешни работи, Ентони Блинкен. Џо Бајден во Полска минатиот месец изјави дека „тој човек(Путин) не може да остане на власт“. А Остин во Киев рече дека целта на САД во оваа војна е во долгорочна перспектива да ја ослаби Русија. Како мислат САД да го тргнат Путин од власт и  Русија да ја ослабат? За месец, два , три или за година, две,три. Но тоа не е долгорочно. Тоа значи дека војната нема да трае уште месец, два три, ниту година, две, три, туку многу подолго. „Ставајќи го слабеењето на Русија главна цел, може да се претпостави дека Украина е само пион. Помош на Украина да го врати својот суверенитет и да ја врати територијата е позитивна визија што ќе има посреден ефект - слабеење на Русија. Последната точка е особено проблематична, не е особено мудро да се зборува за таква нуклеарна сила јавно, дури и ако приватно мислите дека треба да се стремите да ја ослабнете“, вели Ема Ешфорд од Центарот за стратегии и безбедност при Атлантскиот совет.

Ваквите изјави и стремежот за што поголемо вооружување на Украина се судруваат со опасноста од нуклеарна ескалација со Русија. Ќе примени или не нуклеарно оружје, Русија не кажува директно. Но постојано предупредува дека испораките на високо софистицирано оружје на Украина од страна на членките на НАТО ќе бидат легитимна цел на руските вооружени сили. Вториот човек на рускиот Совет за безбедност, поранешниот претседател, Димитриј Медведев, пред некој месец изјави дека економската војна што Западот ја отвори кон Русија може да доведе и до вистинска војна. А Русија со Западот не може сама да води конвенционална војна. Останува нуклеарната или заканите со неа. Употребата на тактичко нуклеарно оружје исто така е непрепорачливо. Затоа што одговорот ќе биде вистинско нуклеарно оружје. Тоа пак ќе значи и тотална војна во која тешко дека ќе има победник. А дали највисоките национални интереси на САД и на Русија не се, да не се дозволи меѓусебна нуклеарна војна? Како да не се. Во американскиот Конгрес вчера беше внесена резолуција со која се бара да се дозволи учество на американски војски во одбрана на Украина доколку Русија примени оружје за масовно уништување. Било да е хемиско, биолошко или нуклеарно оружје. Директен судир на двете најголеми нуклеарни сили.

СЕКОЈ ГЕНЕРАЛ МЕЧТАЕ ЗА ВОЈНА

Пред десетици години некаде прочитав дека секој генерал мечтае, барем била таа и мала војна. И деновиве од разни генерали од Западот доаѓаат најразлични изјави за нуклеарна војна. Па дури се прават проценки колку луѓе би загинале, колку материјални штети би се нанесле. Па тоа се вага со „ползата“ од таква војна. Па дека Русија не треба да заборави дека и други имаат нуклеарно оружје.

Изјавата на Лавров, а најверојатнои вревата што се крена оолу неа, беше повод тој во текот на три дена да даде три интервјуа, посветени на украинската војна. За „Ал Арабија“, за италијанската „Медиасет“ и за кинеската „Хсинхуа“. Нормално, покрај прашањата за развојот на ситуацијата околу Украина, преговорите.., неизбежно беше и прашањето околу нуклеарното оружје. Одговорот речиси беше ист.  Русија никогаш не ги прекинала напорите за постигнување договори кои ќе гарантираат не водење нуклеарна војна. Во Женева, лани во јуни, по Самитот на врвот на САД и Русија на руска инцијатива беше дадена изјава за недозволеност на нуклеарна војна.   Во јануари годинава на руска иницијатива петте членови на Советот за безбедност на ОН дадоа заедничка изјава дека во нуклеарна војна нема победник. И дека не треба да биде почната. Дали сето ова е доволна гаранција дека ќе нема нуклеарна војна? Особено ако се имаат предвид желбите и амбициите за нуклеарен арсенал на Полска, ракетите од Германија САД да ги префрли на нејзина територија, или на Александар Зеленски, претседателот на Украина, да има нуклеарно оружје од кое таа се откажа во 1994 година.

Како треба да се сфати неодамнешното лансирање на руската балистичка ракета „Сармат? Или зборовите на Владимир Путин околу војната во Украина. „Ќе нагласам уште еднаш: доколку било кој се намерачи да се вмеша во сегашните настани од страна и ќе и создава на Русија неприфатливи за неа закани од стратешки карактер, тие треба да знаат дека нашите одмазнички удари ќе бидат молскавични, брзи.  Ги имаме сите алатки за тоа, такви со кои што не може да се пофали никој. А ние нема да се фалиме, ќе ги искористиме доколку затреба. И сакам сите да знаат дека ние ги донесовме сите одлуки за ова прашање“.

ВЛОГ ВО ПРЕЖИВУВАЊЕТО

Сето ова наведува дека не може да се исклучи најлошото-примена на нуклеарно оружје. Во изминативе децении поседувањето нуклеарен арсенал беше влог во преживувањето. Оној што го има може да смета дека има гаранции да биде спокоен од некоја воена закана. Особено нуклеарна. А оние што го немаат?  Тие ќе влезат во сојузи кои ќе им гарантираат колективна одбрана, но и сознание дека ќе бидат легитимна цел во нуклеарна војна. Во перспектива, од десетици држави со нуклеарно оружје, може да се создадат неколку одбранбени сојузи. Формални и неформални. Така што мултиполарноста ќе биде манифестирана на дело. За време на Студената војна постоеја само два пола и ситуацијата беше стабилна десетици години. Имаше кризи, но политичарите ги надминуваа. Почнувајќи од Корејската војна, па Виетнамската, Ирак, Либија.., нуклеарното оружје молчеше.

Едно оптимистичко гледање. Гидеон Роуз, некогашен уредник во „Форин аферс“ пишува дека војната во Украина нема да стане нуклеарна. „ Како што продолжуваат борбите, војната станува се попозната и се повеќе потсетува на многу други конфликти во последните седум децении. Ова сугерира дека општите структурни карактеристики на ситуацијата се наметнуваат на завојуваните страни, насочувајќи го нивниот избор во чудно истрошени патеки. Накратко, Украина следи модел на ограничено војување во нуклеарната ера, повторувајќи сценарио напишано во Кореја и оттогаш многупати копирано. Ова не е нова ера, туку само нова етапа во старата ера. Па дури и новата фаза ги следи истите стари правила, со значителни последици за остатокот од војната и пошироко“, пишува Руоз. Пишувајќи за искуствата од многу војни во изминатите децении,  Роуз ќе констатира дека „ при сета негова моќ, токму поради целата негова моќ, нуклеарното оружје се покажало зачудувачки без сила. Неговото користење ќе повлече со себе многу трошоци, а ќе донесе малку полза. Тоа ќе создаде повеќе проблеми, отколку нивни решенија. И затоа ниту една светска сила него не го користела“.

ВОЈНА ДО КАПИТУЛАЦИЈА

Па така, Москва нема да примени нуклеарно оружје, во војната со Украина. Затоа што ќе има освета, а последиците од радиоактивноста ќе удрат и врз самата Русија. Од исти причини НАТО нема да ја нападне Русија или да се обиде да го обезглави рускиот режим. За да не го доведе Путин до очајание. И НАТО и Москва сакаат да ја одбегнат меѓусебната ескалација. Но НАТО нема да дозволи Москва да оствари значителна победа. Не толку поради Украина, туку да се одбегне создавањето преседан, според кој нуклеарното оружје е полезно за заштита од нечесно добиените резултати од обичната агресија. Затоа НАТО ќе ја вооружува Украина, па ќе има војна се’ додека не се дојде до некое статус кво, кое пак не ќе трае долго, со оглед на тоа што во светот се јавуваат нови силни играчи, на пример како што е Кина. Вака накусо кажано ја предвидува разврската во Украина Гидеон Роуз.

Ова значи дека ќе се остварат намерите на САД и на Британија, а и на други сили во Украина да се води војна до нечија капитулација. Ова од причина што предвремениот мировен договор може да стане најлош резултат за Киев. А на него не се подготвени, пред се, од Запад. Нема интерес за сериозно решавање на кризата по пат на преговори. А што ако во меѓувреме и Кина отвори фронт во Азија?

Фактот дека некои сили не сакаат мир во Украина го потврдија официјално и од Турција. „Некои земји членки на НАТО сакаат војната во Украина да продолжи за Русија да стане послаба, истакна турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу пред десетина дена. Во телевизиско интервју за „Си-ен-ен Турк“ (CNN Turk), Чавушоглу рече дека Турција не мислела дека војната помеѓу Русија и Украина ќе трае долго по мировните преговори во Истанбул. „Но по состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО се доби впечаток дека... има такви меѓу земјите членки на НАТО кои сакаат војната да продолжи, и Русија да стане послаба.“ Ова е алузија на американскиот државен секретар Лојд Остин, кој ги собра на американската база Рамштајн во Германија сојузниците од НАТО и други земји. Чавушоглу се надева дека претседателот Реџеп Таип Ердоган ќе успее да ги седне на иста маса Путин и Зеленски. Но тоа пред се’ зависи од САД и од Британија. Тие треба да му дадат зелено светло на Зеленски за таква средба.  Засега му даваат само оружје. А и Путин не би одел на таква средба доколку нема конкретен договор. Така што да не се очекуваат позитивни вести од Украина. А нуклеарна воја? Да му веруваме на приодот на Гидеон Руоз.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок