Добивај вести на Viber
Што ти е тероризмот? Она што не можеше никој да го замисли пред една година денес станува реалност. Американскиот претседател
Барак Обама ја фали Русија(читај нејзиниот претседател
Владимир Путин) дека е конструктивен партнер на преговорите за Сирија. Овој, пак, преде како маче, бидејќи сите го галеа во Анатлија, а претседателот на Франција,
Франсоа Оланд се претвора во олеснувач меѓу САД и Русија на патот на формирање на Антитерористичка коалиција во борбата против ИД.
Ваква слика не можеше никој да замисли се до петокот, 13 ноември, кога се случи ја терористичките напади во Париз. Тоа беше првиот ден на Виенската конференција за Сирија, чиј епилог, веројатно поттикнат и од настаните во Париз беше постигнување договор. Тоа на страниците на Фактор го навестивме минатиот петок. Русите очигледно го подотворија капакот од нивниот лонец и се виде дека е подготвен договор околу кој ќе се обединат сите учесници на таа конференција. Договорот е во рок од шест месеци, од јануари идната година, претставници на сириската власт и на „умерената“ опозиција да седнат и да се договорат за создавање на преодна влада на национален спас која ќе решава тековни прашања. Претходно треба да се направи делегација од „умерената“ опозиција и таа работа да заврши во декември годинава. Потоа преодната влада треба да направи нов Устав, врз основа на кој би биле одржани избори. Се предвидува овој процес да трае околу 18 месеци. Не е постигнат договор, како и што се очекуваше, околу судбината и улогата на сирискиот претседател Башар ал Асад. Иако е јасно дека повеќе земји сметаат дека тој треба да ја води земјата одреден период. Самиот Асад смета дека за реализирање на целите од Виенската конференција се потребни 18 до 24 месеци, што значи дека тој смета дека би останал на власт целиот тој период.
Воскреснувањето на Путин
Сето ова им ја олесни работата на лидерите на Г-20 на самитот во Анталија да се договорат за единствена борба против тероризмот и ИД. Таму Путин воскресна. Од лидер во меѓународна изолација, стана политичар со кого сакаа да разговараат речиси сите учесници на собирот. На сликата на Обама и Путин, стуткани во еден агол во хотелот каде што се одржуваше самитот, заедно со преведувачот на Путин и Сузан Рајс, советничката на Обама за национална безбедност, не и беа потребни зборови. Триесетина минути тие посветија на актуелните прашања и нивните односи. И тоа само еден месец по средбата во Њујорк, по која обете страни разменуваа критички пораки. А потоа дојде руската воена интеренција во Сирија и нови американски критики за активностите на Русија.
А да не се враќаме назад, пред една година, кога во Бризбејн, Австралија; Путин беше лут за односот кон него, критиките и изолацијата и предвреме го напушти самитот на Г-20. Тогаш сите го напаѓаа за анексијата на Крим и војната во Украина. Во Анталија, Обама и Путин Украина ја спомнале во контекстот на спроведување на Минските договори. А Крим, како воопшто да не постои! Од Манила,Филипини, каде што Обама замина на Самитот на АПЕК, тој наврати на Анталија, на разговорите со Путин, но со помека реторика. „Проблемот е во тоа што Москва, како и досега, сака да го задржи Асад на власт. Меѓутоа разликите не ни пречат да воспоставиме прекин на огнот“, изјави Обама и вети продолжување на дијалогот со Русија.
Офанзивата на Оланд
Е тука се појавува Франсоа Оланд. Очигледно Францускиот претседател сака да ја врати Франција во игра, како фактор кој одлучува за она што ќе се случува во Сирија. Исто како што се појави неговиот претходник, Никола Саркози, во 2008 година, како посредник во неколкудневната руско-грузиската војна, кога заради хировите на грузискиот претседател Михаил Саакашвили, руските сили се најдоа на десетина километри од главниот град на Грузија. Благодарение на Саркози, војната беше прекината, но Грузија ги загуби Абхазија и Јужна Осетија. Веројатно Саркози, на средбата со Оланд, дента по терористичкте напади во Париз, го посоветувал актуелниот претседател да се зафати со тешка, но благородна работа. Да ги обедини Америанците и Русите во една заедничка антитерористичка коалиција. Не дека тие не сакаа заедно да дејствуваат во Сирија. Проблемот беше и е, кој ќе ја предводи неа. Дали САД и коалицијата околу нив или пак Русија и коалицијата нејзина. Путин, во Анталија се чини попушти, по толку галење, па се согласи за коалиција под знамето на Обединетите нации, а можеби ќе се согласи предводник да бидат и САД.
Токму затоа Франсоа Оланд ќе замине на 24 месецов во Вашингтон на средба со Барак Обама. Два дена подоцна тој ќе биде во Москва кај Владимир Путин. „Претседателот Франсоа Оланд во текот на посетите на САД и Русија идната недела ќе ги разгледа условите за обединување на напорите во борбата со тероризмот“, напиша во вчерашен московски „Комерсант“, францускиот амбасадор во Русија
Жан-Морис Рипер, во текстот „Франција и Русија победувале и многу поопасни непријатели, отколку овие убијци“. Значи, треба да се обединат напорите. Да не заборавиме дека на 30 ноември во Париз ќе се одржи Самитот за климатските промени-ете уште една можност за средба на Путин и Обама. Но за неа треба нешто да се подготви. Тука е Оланд. Нема да биде изненадување, доколку се мине во најдобар ред, лидерите на двете нуклеарни сили да истапат со заеднички договор за борба против тероризмот и ИД.
Каде се Турците, Саудијците, Иранците
Самиот договор треба да биде голем компромис. Зашто, иако е голем проблем, не е само
Асад во прашање. Има и други интереси. Колку за пример. Путин и Оланд се договорија за координирање на воените активности во Сирија. Началниците на генералштабовите исто така разговараа. Путин вчера на Советувањето за воените активности на Русија во Сирија на еден од командантите на воен брод му се обрати со зборовите „наскоро во реонот на вашите активности ќе се приближи француска воено-морска група предводена од носач на авиони. Со Французите треба да воспоставите директен контакт и со нив да работите како со сојузници“.
Но истовремено од руското министерство за надворешни работи дојде изјава за неусогласеност на француските удари врз објекти во Сирија! Русија не ги поддржува француските удари врз нафтената инфраструктура која што е под контрола на ИД, се вели во соопштението на министерството. Дотолку повеќе што тие не се вршат во согласност со сириската влада, со што се нарушува Повелбата на ОН. Ударите врз инфраструктурата сигурно не се поврзан со правото на самоодбрана на Франција што произлегува од членот 51 од Повелбата на ОН, сметаат во министерството. Таму се сомневаат дека таквите удари се поврзани со успешната офанзива на сириската армија и скорешното враќање на реоните со нафта под контрола на сириската влада. И Американците кои бомбардираа цели на ИД, ниту еднаш досега не ја бомбардирале нафтената инфраструктура.
Ова е само едно прашање од многуте кои ќе се испречат на патот на постигнувањето договор. Каде се тука Турците, Саудијците, Иранците? Секако тие се второстепени во големата игра, но можат да креваат сопирачки, кои би го одолговлекувале процесот на договарање. Затоа веројатно француската дипломатија и Оланд лично, имаат и ќе имаат деновиве трескавични дипломатски активности, се со цел да се направи една коалиција. Впрочем Никола Саркози по средбата со Оланд рече дека не може да има две коалиции во Сирија.
На Оланд ќе му биде предизвик да помогне да се договорат САД и Русија, зашто Самитот за климатскте промени, како што стојат работите, не ветува успешна завршница. А два пораза за неколку дена би биле голем удар и за Оланд, но и за престижот на Франција на меѓународна сцена.
Мирче Адамчевски
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: