23 Април, 2024
0.0254

Образованието во доба на Корона (дел први)

Објавено во: Колумни 26 Март, 2020

Добивај вести на Viber

Веќе неколку пати во моите први две колумни посочив колку вонредните услови на егзистенција се чудни, можеби и тешки, но секако исклучително важни, како за секој поединец лично, така и за заедницата. Само во вонредните околности, во граничните состојби на нашата егзистенција - лична и колективна - ние допираме предели во нас што претходно биле скриени. Во екстремните околности се спознаваме, ја увидуваме сопствената состојба и сопствените предности и слабости. И веројатно, ако сме мудри – растеме!

Токму затоа, во оваа колумна сакам да споделам неколку сознанија до кои можеби сите сме дошле во овие карантински услови, а кои се однесуваат на образованието. Се разбира, ова не е научно втемелена студија и заклучоците овде треба да се сфатат само како индикации за состојбата, а можеби и како поттик за една сеопфатна и темелна студија за состојбата на образованието кај нас. Исто така, овие искуства не значат стигматизација на сите просветни работници. Впрочем, не значи нивна стигматизација воопшто, на ниту еден нивни претставник, ами на системот! Системот е тој што ги турка наставниците кон вакво образование! Промената на системот, ќе значи промена на образовната парадигма и пристапот во наставата! Конечно, што нè научи карантинот? Ќе се обидам таксативно да ги наведам позитивните и негативните искуства од ова образование во доба на карантинот. За, можеби побргу да ги заборавиме, во овој прв дел од оваа колумна, само за негативните искуства:

1.  Дека секој од нас кој е во образованието многу малку до сега ги користел ИТ-алатките во наставата! Вклучително и јас. Иако, самиот не сум некој поборник за претерана употреба на техниката и технологијата во наставата, сепак и јас, а верувам дека поголем дел и од останатите просветни раборници ја сфаќаат потребата, но и значењето на истата во образованието.

2.  Слабата употреба на ИТ-технологиите откри уште еден сериозен проблем во нашето образование: колку сме неписмени во однос на ИТ - технологијата! Оваа жална констатација треба да си ја признаеме сите! Просто не можам да се изначудам како во 21 век има наставници кои не само што не познаваат образовни платформи и апликации со кои можат да комуницираат со своите ученици, туку дури дека не користат ниту компјутер воопшто! Ова, подеднакво важи и за неписменоста на учениците! Низ цело основно образование моите деца имаат предмет Информатика и сè уште се соочуваат со потешкотии во работата барем со основниот Офис-пакет: Ворд, ПаверПоинт, Ексел..! Моите студенти го имаат истиот проблем – на 19 годишни деца, освен Фејсбук, Твитер, Инстаграм...не им се познати ниту една образовна апликација, ниту еден научно-образовен канал на Јутуб... ретко кој некогаш изгледал видео на ТЕД!?

3.  Ова нè води кон третиот, уште посериозен проблем на образовниот систем: застареност, непрактичност и неупотребливост на знаењата што учениците ги добиваат во училиште! Дозволете ми овде да се задржам малку подолго за да ја објаснам оваа важна поента. Ако сте имале можност да ги видите учебниците и наставните програми за предметите во основното образование, ќе сфатите за што говорам. Јас лично сум учел со моите деца, конкретно, Информатика, учеле за глувче, оперативен систем, хардвер, софтвер...и што уште не, при што – пазете – прават тестови по информатика на хартија!!! На хартија каде треба да одговараат прашања и дефиниции, по информатика, по најпрактичниот можен предмет! А од друга страна, никогаш, или ретко кој наставник ја спроведувал својата програма преку информатиката и информатичката технологија! Ова важи за останатите предмети. Имено, постојат цела низа предмети каде се меморираат непотребни факти, без размислување, без истражување, без самостојна работа, без експериментирање...

4.  Ова води до клучниот проблем – до застарената образовна парадигма во нашето образование! Таа застарена парадигма почива на меморирање и репродукција на факти и знаење! Ако направите посериозна анализа, ќе забележите дека нашата образовна парадигма не е мрдната повеќе од првите две нивоа од Блумовата таксономија: меморирање и репродукција на знаење. Последните, највисоките нивоа, за кои зборува Блум (анализа-синтеза, иновација, евалуација на знаењето), во нашиот образовен систем тешко и да се допираат воопшто! Ова е една од причините зошто сме меѓу последните на ПИСА – тестовите! Покрај другите параметри, ПИСА мери функционалност, употребливост и оперативност на знаењето. Да повторам, не се виновни наставниците, виновен е системот и оној што го креира, како и образовните политики што се водат. Замислете, некој дозволил, некому му текнало во основно образование да има предмет Иновации! Што значи тоа, дека децата треба да бидат иновативни само тие 45 мин? Дека на останатите часови не треба да бидат иновативни? А да не зборувам дека и на тој предмет не иновираат баш, туку пак учат некои информации и прават тестови!? При тоа, нема учебник, ами некои копирани материјали благодарение само на добрата волја на наставникот.

5.  И конечно, тука можеби се наѕираат некои од можностите за решенија. Имено, прво да се констатира дека е потребна промена на образовната парадима. Денешната природа и на знаењето и со тоа на образованието е драстично променета! Децата денеска носат по една огромна енциклопедија во џебот и стварно е бесмислено да учат нешто до што можат да дојдат за три секунди. Денешната цел на образованието секаде е – развој на критичкото мислење! Тоа е цел број еден во сите образовни системи денес: да знаат што да прават со тоа што го знаат, самите да дојдат до сознанија и истото да го искусат преку правење!

Но, за овие позитивни аспекти, за некои од излезните решенија, за некои идеи, повеќе во следното продолжение од оваа колумна. Дотогаш, користете ги ИТ-технологиите, учете и самите и секако забавувајте се. Образованието, усвојувањето на знаење, не треба да биде мака, ами радост, посебно за дечињата. Образованието, училиштето, учењето не е нешто одделено од нивниот живот, тоа е дел од нивниот живот, од нивниот развој. Тие не се делат на деца дома и деца на училиште. Училиштето е дел од нивниот живот, од нив, од нивниот раст и развој! Не смеат да имаат отпор кон сопствениот развој како личности! Не им го правете мачен делот на растење во училиштето!

Трајче Стојанов


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок