19 Април, 2024
0.0278

Обвинителите ќе ги уредуваат медиумите во Русија

Објавено во: Колумни 08 Март, 2019

Добивај вести на Viber

Вчера руската Дума во трето читање ги одобри законите за блокирање на лажни вести и за непочитување на власта! Веста што ја пренесоа агенциите вели дека дури 322 депутати гласале за, додека 78 биле против. Во второто читање во законот беа направени измени со кои на регистрираните интернет медиуми им се овозможува сми да ја отстранат неточната информација од јавно значење во текот на еден ден и да не бидат блокирани. Сите други сајтови и  адреси на корисниците можат веднаш да бидат блокирани.

Иако во дискусиите по најавата дека ќе се носат вакви закони имаше многу забелешки за казните, тие не само што не беа намалени или укинати, туку се зголемија неколку пати. Можат да бидат казнувани поединци, правни лица и раководители. За распространување на „потврдена од јавно значење лажна вест“, граѓаните ќе бидат казнети парично од 30 илјади до 100 илјади рубљи(од 400 до над 1300 евра). Раководните лица од 60 до 200 илјади рубљи, а правните лица од 200 до 500 илјади рубљи. Казните за навредување на органите на власта исто така се зголемија неколку пати. Од 30 до 100 илјади рубљи ( во првото читање беа од илјада до пет илјади рубљи), за повторна навреда од 100 до 200 илјади рубљи или затвор од 15 дена. Казната може да дојде до 300 илјади рубљи ако нарушувањето на законот е направено и по третпат.

Но казните овде не застануваат. Ако распространетата информација спречи работа на објекти од животно значење, казните се повисоки. Физичките лица би платиле од 100 до 3000 илјади рубљи, раководните лица од 300 до 600, а правните лица од 500 илјади до еден милион рубљи. Доколку пак дојде до масовни немири, тогаш физичките лица би платиле од 300 до 400 илјади рубљи, раководните лица од 600 до 900 илјади, а правните лица од еден до 1,5 милиони рубљи. Исто така зголемен е рокот за привлекување кон административната одговорност од три месеци до една година.

Зошто се сите овие бројки? За да се илустрира една појава која кон Русија доаѓа од држави како што се Кина, Виетнам, Камбоџа, Тајланд, Малезија.., каде што за распространување на „лажни вести“ може да се отиде дури во затвор. Ова е само почеток, во иднина Русија може и да го копира кинескиот модел во кој социјалните мрежи и агрегаторите даваат најави само од официјално регистрирани медиуми, како други да не постојат.

Што всушност  носат законите? Се определува начинот на ограничување на достапот кон информација, која е изразена во непристојна форма, која го навредува човечкото достоинство и јавниот морал, јавното непочитување на општеството, државата, официјалните државни симболи на Руската Федерација, на Уставот или на органите кои ја остваруваат државната власт во Русија. Во согласност со документот, доколку се најде таква информација државниот обвинител или неговиот заменик се обраќаат до Роскомнадзор(Руски комитет за надзор) со барање да се преземат мерки за отстранување на таквата информација и за ограничување на достапот кон информативните ресурси кои ја распространиле таквата информација, доколку таа не е отстранета. Во законот за навреда на власта има едно допрецизирање кое вели дека Роскомнадзор е должен да го извести авторот на информацијата  дека ќе биде блокиран за 24 часа, давајќи му можност во тоа време сам да ја отстрани информацијата. Под дејството на законот за навреда на власта потпаѓаат сите и физички и правни и раководни лица. А под дејствието на законот за лажни вести пред се ќе потпаднат оние интернет изданија кои немаат лиценци за медиуми, како и блогерите.

Што значи ова? Уредувачката политика на интернет медиумите лесно може да потпадне во рацете на државниот обвинител. Чиновниците не само во Русија, туку и насекаде се многу осетливи на критики. И сега кога е донесен ваков закон во Русија лесно може да се погоди суетата на некој чиновник, кој веднаш ќе побара реакција од обвинителот. Или пак, обвинителот сам по свое наоѓање да утврдува што е лажна вест или навреда на некој државен чиновник. Претседателот на Советот за човекови права при претседателот Путин, Михаил Федотов, го критикуваше законот со кој се предвидува и затворање за непочитување на власта во интернетот, бидејќи тоа е нарушување на слободата на изразување. „Јас сметам дека треба да се води борба со лажните вести, но тоа не се прави така. Ние секој ден добиваме лажни вести, а во прв ред со прогнозата на времето, појасни за РБК Федотов, додавајќи „Па можеме да ја затвориме прогнозата на времето“. Според него апсењата се многу сурова казна.

На критика новите закони бил подложени уште кога беа во нацрт. Тогаш за нив негативно се искажаа и обвинителството, министерствата за правда и за врски. Авторите ги критикувале за неточни формулации, за можноста од ризик од неоправдана примена и неопходните трошоци за лингвистичка експертиза. Познатиот телевизиски новинар, Владимир Познер, сметаше дека  предлозите имаат намера да им ја затнат устата на медиумите, освен на „верните поданици“. За него иницијативата да се озакони навредата на власта беше „репресивна“. За други политиколози казната е одамна користен елемент од страна на власта за финансиски притисок врз нелојалните општествени активисти и врз политичката опозиција. И дека при промената на законот ќе има над се политизирани конфликти и претензии. Но владата дала поддршка на законите. А донекаде и претседателот Владимир Путин. Тој на традиционалната прес конференција пред два месеца одговараше на прашање посветено на „одговорноста за искажување за власта“. Според него, инцијативата се однесувала на одговорноста за навреда на државните симболи, која ја има насекаде во светот, додавајќи дека ако има одговорност во медиумите настрана од интернетот, тогаш за аналогни нарушувања треба да има одговорност и во интернетот. Со ова беше дадено зелено светло за предлагачите на законите кои од навреда на симболи проширија одговорност и за „навреда“ на сето чиновништво во Русија.

На власта очигледно не и е грижа што народот не е навикнат да комуницира со неа преку соопштенијата во кои таа ќе зборува само за своите успеси и позитивни достигнувања.  За неа секоја критика може да биде „лажна вест“, па да се преземат санкции кон медиумот кој критикувал. Независно дали е портал, блог или акаунт на социјална мрежа.

Ова што се случува во Русија е мошне поучно и за Македонија. И кај нас има размислување за ставање во некаква законска рамка на интернет медиумите. Ако се има предвид дека Македонија се’ уште не е демократска земја, тогаш реална е опасноста од злоупотреба на таквиот закон. Од која било власт. А ако институциите си ја работат работата како што треба, тогаш прашање е дали во моментов е потребно регулирање на интернет медиумите. А од регулирање до уредување во медиумите од страна на обвинителот има само еден чекор. Се’ ќе биде напишано во законот кој ќе го користи обвинителот.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок