26 Април, 2024
0.1088

Од Цаци си страдаме

Објавено во: Колумни 23 Март, 2020

Добивај вести на Viber

Вонредните околности секогаш се тест. Како во личниот, така и во општествениот живот, секоја „ненормална“ состојба, секое изместување од катадневните нормални текови на животот ни носат нови сознанија. Карл Јасперс ги нарекуваше „гранични ситуации“, тоа се оние ситуации кога го допираме работ на егзистенцијата, кога одиме по острицата на ножот. Кога суднината си поигрува со нас, ги кине меѓите на нашата животна сигурност и нè фрла на дното, нè притиска кон маргините.

Впрочем, чуден е животот, драги мои: од една страна упорно ја посакуваме „нормалноста“, мирот, стабилноста, од друга страна многу добро знаеме дека само во „ненормалноста“, во немирот, во нестабилноста се создава било што вредно. Никој сè уште никогаш не „пораснал“ духовно во нормалноста. Сидарта не стана Буда во удобноста на кристалниот дворец. Исус не дојде да донесе мир, туку меч, исто каков што носеше Мухамед во неговото ширење на верата.

Јас лично, отсекогаш сум знаел дека „среќата е за свињите“ – ниту поединецот, ниту заедницата не создале ништо вредно во барата на среќата. Ниту еден поединец никогаш не создал било што вредно во состојба на егзалтација - кој поет творел во состојба на среќа!?Ниту пак заедницата напреднала во таква состојба - генијалниот пробив на квантната механика не се случи во комотниот период на човековата историја, ами во огнот на ужасите на двете Светски војни: Ајнштајн, Борн, Хајзенберг... создаваа токму во овој период. Платон и Аристотелне го живееја златното доба на Перикле во Атина, ами во добата на залез на тоа доба.

Затоа, вонредните околности се тест: тест за нас како личности, но и тест за заедницата. Тест од кои или ќе излеземе подобри...или воопшто нема да излеземе! Но, вонредните околноси се и рендген, скенер на најскриените предели на поединецот и заедницата. Само во такви околности и поединецот и заедницата си го покажуваат своето „вистинско лице“. По однос на личноста – секој сам нека се загледа во сопственото лице. Она што мене ме загрижува е лицето на заедницата! Поточно, лицето на институциите и елитите на оваа заедница. Зарем не ви е симптоматично, дека до сега дури тројца доктори се однесуваа крајно неодговорно!? Првиот случај веќе јасен и потврден, директорката на Клиниката за кожни болести, вториот со д-р Аголи од Алијансата кој болен се појавил на партиска конвенција и третиот, кој во морето информации мене не ми е до крај сигурен, со извесна докторка од Кавадарци. Мојот осврт на овие случаи и на докторите во овој случај нема да биде баш најпопуларно, со оглед на општата состојба на наклонетост кон докторите, кои во овие мигови, навистина се на првата линија на огнот. Но, нека ми простат – ниту сакам да генерализирам за целата докторска фела, ниту заклучоците овде ќе важат само за нив.

А заклучокот мене ми е јасен како бел ден – оваа држава страда од елитите, од моралот, менталитетот и духот на елитите. Впрочем, во овие мигови се покажува дека нашите елити се псевдо-елити. Јас во извесна смисла сум елитист, верувам во аристократија на духот кој секоја заедница ја влече напред. Но, и назад! Во овие мигови ние јасно гледаме зошто сме овде каде што сме: заради нашите псевдо-елити. Заради нашите доктори, професори, академици, правници, интелектуалци. Сите сме виновни! (Овде, нескромно се ставам и себе си, како универзитетски професор, не заради понесување на слава, ами одговорност). Пред очите јасно ми се отцртуваат сите подли, гнасни црти на нашата општествена елита, сета рудиментирана, атавистичка, ретроградна свест на оние што треба да ја водат и еманципираат оваа нација. Таа свест е свест на псевдо-елита, а не на елита. Тие се „елита“ само по функција – и тоа најчесто партиска, незаслужена, наследена - а со тоа и псевдо-елита. Свеста на псевдо-елитата е свест на наводен господар, владетел кој е над законот, редот и поредокот, над обичниот плебс! „Законите, правото, правилата, институциите, редот...ох, па тоа е за рајата, не за нас, образованите, на позиции, моќните, влијателните“ – така размислува псевдо-елитата. Тоа е затоа што 30 години во оваа држава ги титриме, ги товиме, небаре ние сме тука за нив, а не они за нас. Не, не, не со таа свест, псевдо-елито! Вистинската елита носи свест на слуга! Да, на слуга, независно дали си доктор, професро, министер... во заедницата секој секому му е слуга. Докторот на пациентот, професорот на студентот, учителот на ученикот, механичарот на муштеријата.. Тоа, драги мои, е свест на елита! Да се биде елита, значи да се биде најповикан и најодговорен. Ние 30 години никој од таа псевдо-елита никогаш не сме повикале на одговорност, секогаш партиите од кои направиле кариера им ги бришела задниците и тие просто се навикнати на тоа. Затоа кај нас така и лесно прифаќаат позиција и функција, оти ги научивме дека таму нема да имаат одговорности, ами само привилегии! Но, да се биде прв, да се биде елита, првенствено значи да се биде одговорен, да се понесе товарот на многумина, да се биде пример за сите (Добро, освен Локвенец, кој има три деца)!

Затоа, оваа вонредна состојба стана лакмус за оваа псевдо-елита, за овој коров, главно партиски од кој мораме да се исчистиме. Оваа вонредна состојба и ќе помине, но ние овој троскот мора да го искорнеме!

Трајче Стојанов


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД