Од EVROPA ZDAJ до плати во државни обврзници, можно ли е тоа?
Објавено во: Колумни 05 Јуни, 2013
Си беше еднаш една држава составена од шест социјалистички републики и две автономни покраини. Си беше еднаш и еден пазар од 23 милиони луѓе. Во таа држава не се живееше лошо. Можеби немаше доволно демократија или не функционираше пазарната економија. Но, постоеше една средна класа на луѓе кои најчесто беа задоволни од платите што редовно ги добиваа, од бесплатното школство и здравство и од можноста секоја година да одат на море. Што уште треба?
Во таа некогашна држава постоеше и тогашната братска република, Социјалистичка Република Словенија. Бидејќи беше братска република, таа беше рамноправна со другите републики и покраини. Со тек на време, стана толку рамноправна што почна да ги искористува другите републики и покраини како свои колонии. Од Македонија набавуваше земјоделски производи со највисок квалитет, ги вреднуваше според свои мерила, а потоа ни продаваше квалитетна словенечка преработена храна. А за техниката и да не станува збор. Целата бивша држава се снабдуваше со производите на Iskra или Gorenje. Дури и кога купувавме кисела вода, не прашувавме во продавница дали имаат кисела вода, туку дали имаат Radenska. И нормално, сите навиваме за Бојан Крижај. Сето тоа на некогашните „товариши“ не им беше доволно. Не беше доволен тогашниот економски стандард кој сега може само да го сонуваат, не им беше доволен заедничкиот југословенски пазар кој им се нудеше како на дланка, не им беа доволни македонските земјоделски производи. Сето тоа беше Балкан, во најнегативната конотација на тој збор. Што бараат тие на тој Балкан? Па Европа е на чекор од нив, а не таму некој си Балкан. И така се роди слоганот Evropa zdaj (Европа веднаш)! Речено сторено. Луѓето си одржаа референдум, си створија независна држава, релативно безболно излегоа од военото лудило кое ги зафати овие простори. Дури и приватизацијата успешно ја спроведоа. Немаше криминал, немаше масовни отпуштања, немаше армија на стечајци. Се беше во најдобар ред. А потоа и Evropa zdaj стана реалност. На 01.05.2004 година Словенија стана членка на Европската унија со сите права и обврски што ги носи тоа членство. Републиката која беше прва во „селото“ наречено Југославија доби прилика да биде меѓу првите во „градот“ наречен Европа. Со некогашните братски републики новопечената членка на Европската унија не ја врзуваше речиси ништо. Единствено сукцесијата на имотот од поранешната држава беше прашање поради кое Словенците седнуваа на заедничка маса со оние од Балканот. Но, Словенците заборавија една работа. Настапот на заедничкиот европски пазар кој брои близу 500 милиони потрошувачи не е исто што и настапот на некогашниот југословенски пазар од 23 милиони потрошувачи. Европските потрошувачи „не се тепаат“ за производите на Gorenje, ако тие производи не се поквалитетни и поевтини од производите на другите производители ширум светот. Во Европа нема „братски држави“, нема договорна економија, нема загарантиран пласман на производите. Ако си поквалитетен од другите ќе успееш на пазарот, ако не, можеш слободно да ставиш клуч на врата на фабриката. И не само тоа. Производите кои доаѓаат од Европа, а кои се поквалитетни од словенечките, можат слободно да се продаваат и на словенечкиот пазар. Во таква ситуација, каде би се продавале словенечките производи? Слободното движење на стоки и услуги во Европската унија, како и силната конкуренција си го направи своето. Словенија се соочи со трговски дефицит. Историски гледано, во периодот од 1992 до 2013 година просечниот трговски дефицит на Словенија изнесува 97,1 милиони евра. Трговскиот дефицит беше проследен и со економска криза која ја зафати словенечката економија во последните неколку години. Сето тоа доведе до задолжување на оваа земја на домашниот и меѓународниот пазар. Тоа задолжување растеше од година во година, за во 2012 година буџетскиот дефицит да изнесува 1,11 милијарди евра. За да може да ја покрие буџетската дупка, Словенија беше принудена да стави на продажба 15 државни компании меѓу кои и втората по големина банка (Nova KBM), потоа втората по големина компанија од сферата на телекомуникациите (Telekom Slovenia), Adria Airways и аеродромот во Љубљана. Сето тоа, за оваа „успешна приказна“ на Европската унија да не ја дели судбината на Кипар и другите европски земји во криза. Веројатно врв на финансиската криза претставува најавата на словенечката премиерка дека е можно дел од платите во јавниот сектор да се исплаќаат со обврзници со државна гаранција. Ако тоа се случи, словенечките државни службеници кои имаат плата над 1.500 евра, дел од платата ќе ја добијат со одложување од една година и за тој износ ќе добијат хартии од вредност со владини гаранции. Зарем е можно до таму да дојде работата? Од Evropa zdaj до плати во државни обврзници! Економскиот стандард што го имаа Словенците во 1989 година сега за нив е далечно минато и далечна иднина во исто време. Жалат ли тие сега за некогашниот заеднички пазар каде што доминираа во секој поглед? Дали сепак е подобро да се биде прв во село, отколку последен во град? д-р Гоце Трајковски* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.