Од кои ЕУ земји Македонија повеќе произведува струја од ветар?
Објавено во: Економија 07 Август, 2017 08:00
Само 2,3 отсто од вкупната електрична енергија произведена во Македонија потекнува од силата на ветрот. Тоа е струјата што се добива од турбините во ветерниот парк во Богданци и според овој процент заостануваме зад просекот на Европската Унија (ЕУ), но утешително е дека на овој план, сепак, сме пред некои од земјите- членки.
Во ЕУ, околу 315.000 гигават- часови од вкупно произведени 3,1 милиони гигават- часовиелектрична енергија доаѓаат од ветерни централи. Со други зборови, силата на ветерот придонесува за 10 отсто од целата струја произведена во ЕУ во 2016 година, покажуваат податоците на Евростат.
Од сите земји- членки на ЕУ, Данска со удел од 46 отсто бележи рекордно учество на силата на ветрот во вкупното производство на електрична енергија. По неа следат Литванија (27 отсто), Ирска (21 отсто), Португалија (20 отсто), Шпанија (18 отсто) и Велика Британија (14 отсто).
На дното на листата се наоѓаат земји како Малта, Словенија, Словачка и Чешка, сите со удел помал од 1 отсто. Летонија и Унгарија имаат многу мало учество на ветерот во производството на струја, (двете по 2 отсто), исто како и Франција, Луксембург и Финска (сите по околу 4 отсто).
Учеството на ветрот од 10 отсто во 2016 година во ЕУ е пет пати повеќе во споредба со 2005 година, кога уделот беше 2 отсто. Со тоа, ветерот е четврти по важност извор на електрична енергија во ЕУ, по конвенционалните термо- централи (49 отсто), нуклеарките (26 отсто) и хидроелектраните (12 отсто).
Споредено со 2005 година, учеството на ветерот како извор на енергија во вкупното производство на струја расте во сите земји- членки на ЕУ. Најголем раст се забележува во Литванија ( од 0 отсто на 27 отсто), Данска (24 процентни поени, пп), Португалија (17 пп), Ирска (16 пп), Велика Британија (13 пп), па Шпанија и Германија (по 11 пп).
Ветерниот парк во Богданци е вклучен во електроенергетскиот систем на земјава во 2014 година. Составен е од 16 ветерници, а инсталираниот капацитет на ветерната електроцентрала изнесува 37 мегавати, што е доволно за проектираното годишно производство на околу 100 милиони киловат-часови електрична енергија, во зависност од надворешните услови. Овој капацитет е речиси доволен за задоволување на потребите од електрична енергија на Гевгелија, Дојран и на Богданци, односно населено место со 60.000 жители. Во втората фаза од изградбата на оваа ветерна централа е предвидено да се постават уште шест ветерници со што инсталираната моќност ќе се зголеми за 13,2 мегавати.
(М.Б.)
Можеби ќе ве интересира
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар
Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии
ЕБОР: Рекордно ниско ниво на лоши кредити во Централна, Источна и Југоисточна Европа




