Од месецов пониски казнени камати на сметките за струја, вода, парно и за денарските кредити
Објавено во: Економија 09 Јули, 2018 08:00
Граѓаните ќе плаќаат пониски казнени камати на јулските сметки за струја, вода, парно, но и за потрошените кредитни картички или денарски кредити ако задоцнат со плаќањето. Од први јули се намали основата за пресметка на таканаречената затезна камата за 0,25 процентни поени. Тоа автоматски значи дека ако има доцнење и каматата ќе биде пониска. Во земјава основа за пресметка на казнените камати е основната камата на Народната банка (НБМ) која сега е 3 проценти. Бидејќи промените се прават на два пати во годината, пред први јануари и пред први јули, ако во полугодието кое поминало НБМ ја корегирало стапката на основната камата тогаш се менува и основата за пресметка на затезната камата. Од март годинава основната камата на НБМ или таа по која банките купуваат записи кај централната банка изнсува три проценти. Претходно беше 3,25 проценти, затоа и сега има промена.
Казнени камати наплатуваат банките за доцнењето во наплатата на кредитите на денарските кредити или кредитните картички, ако ратата не се плати по истекот на 30 дена од кога достасала за плаќање. Но затезни камати се пресметуваат и на сметките за телефон, па и за струја, парно. Пресметката е законски утврдена, а од 2010 година како основа се зема референтната камата на НБМ која важи ден пред усогласувањето. Всушност, од овој јули казнената камата за договори меѓу трговци и јавни претпријатија ќе биде 13 проценти, а досега беше 13, 25 или 10 плус стапката на основната камата. Законската казнена камата во договорите во кои барем едно лице не е трговец или најчесто за физички лица од јули ќе биде 11 процентни поени, а беше 11,25 отсто.
Инаку за кредитите во девизи казнената камата се одредува поинаку, односно се зема како основа едномесечната стапка еурибор, зголемена за десет проценти.
Ова се стапки само на казнените камати, додека банкарите, секако наплатуваат и редовни камати.
Наплатата е уредена во Законот за облигациони односи, каде стои дека таа се наплаќа без опомена на 30 дена од денот на приемот на фактурата или сметката, а ако тој ден не може да се одреди со сигурност тогаш се смета 30 дена по приемот на стоките и на услугите.
Народната банка има обврска да ја објави референтната каматна стапка за пресметка на казнената камата на почетокот на секое полугодие.
А.Т.
Можеби ќе ве интересира
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар
Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии




