Добивај вести на Viber
Неодамна кавадаречка фирма Анго Вес ДООЕЛ купи 14,5 отсто од акциите со право на глас во „Жито Вардар“ за само 100.000 евра. Ова го сврте вниманието на инвеститорите: што се случува во фирмата што едно време покриваше 20 отсто од пазарот за свежи јајца и беше убедливо најголем производител и продавач на свинско месо во Македонија
„Жито Вардар“ пред неполн месец доби нов акционер. Тоа е кавадаречката фирма АНГО-ВЕС за која на страницата на УЈП може да се прочита дека е специјализирана за трговија на големо со пијалоци. Таа фирма ги купи акциите што во „Жито Вардар“ ги имаше словенечката компанија „Каранта“ и тоа 9.448 акции со право на глас односно 14,5 отсто од сите управувачки права. За нив оваа фирма плати по 669 денари за акција односно вкупно 110.000 евра за сите тие акции. Во инвеститорската јавност веднаш се актуелизира прашањето со „Жито Вардар“.
Гигантот со ултра амбициозен програм за производсто на свињи и продажба на свинско месо не само во Македонија туку и во регионов. „Жито Вардар“ што под своја капа имаше свињарски фарми во: Берово, Штип, Виница и Свети Николе. Ја Купи кланицата во Штип најголема од таков тип во земјава со силен потенцијал за задоволување на регионалниот пазар за месо. „Жито Вардар“ фирмата која до 2012 и 2013 година беше најголемиот производител на кокошки несилки и најголем домашен производител на јајца што задоволуваше една петина од македонскиот пазар и имаше капацитет за производство на 840.000 бројлери годишно во своите фарми во Неготино, Гиновце и Штип. „Жито Вардар“ имаше сопствена фабрика за производство на сточна храна за своите фарми за свињи и за пилиња. Освен ова компанијата беше и уште е најголем производител на леб во Велес и во велешкиот регион.
Сепак во еден интервал пред неколку години сите амбиции на менаџментот и акционерите на „Жито Вардар“ се распрснаа како меур од сапуница. Од 2012 до 2013 година приходите од продажба на „Жито Вардар“ паднаа од 1,06 милијарди денари на 310 милиони денари. За 2014 година и за лани податоци нема. Во тој период имаше кривична пријава за проневера на државни стокови резерви складирани во силосите на „Жито Вардар“ тогаш бизнисот тргна надолу. Компанијата почна да ја губи својата пазарна позиција, еден период ја затвори штипската кланица, многу се намали производството на свињи во нејзините фарми. Дојде до дереџе снабдувачот со електрична енергија да ја исклучи струјата со која се напојуваат велешките производствени погони. Па стресот за акционерите со предстечајната постапка, која во два наврати беше симнувана од дневниот ред на велешкиот суд.
Од тогаш до сега штама. Кога како гром од ведно небо излезе информацијата за блок трансакцијата со која локална кавадаречка трговска фирма купи акции во „Жито Вардар“. Прво од каде храброста на кавадарчанецот да вложи во акции на „Жито Вардар“? Што сега? Дали нешто ќе се промени на подобро? Многу прашања се отвараат и времето, во недостиг на какви и да е информации, ќе го даде одговорот за прашањата во „Жито Вардар“. Дали повторно ќе светне ѕвездата на брендовите „Жи-ва“ кои еден период беа прогласени за супер бренд во Македонија. Дали оваа компанија повторно ќе стане најголем производител на свинско месо и на јајца во земјава?
Можеби тоа го знаат само во АНГО Вес од Кавадарци, дали тие гледаат нешто што другите од инвеститорската заедница уште не можат да го видат.
Р.Ф.