ОД ПОНЕДЕЛНИК ПОВИСОКИ ЦАРИНИ ЗА УВОЗ: Поради изборите мерката не се продолжи на време
Објавено во: Економија 28 Октомври, 2021 13:59
Министерството за економија во моментов подготвува нова одлука за да се продолжи важењето на таа која истекува на 31 октомври годинава, а се однесува на намалување на увозните давачки, царинските стапки на одделни производи (компоненти) потребни за производство на напредни технолошки производи, дознава Фактор. Тоа впрочем се увозни производи кои ги употребуваат најмногу странските компании, дел од нив лоцирани во зоните, дел надвор од нив. Од Министерството потврдуваат, но велат дека за да се донесе треба да ја усвои и Владата. Во меѓувреме рокот на автономната мерка која беше донесена лани и е со важност до недела ќе истече и царините ќе треба да се вратат на старо, односно да бидат повисоки. Зошто не се успеало да се интервенира порано, нема одговор.
„Одлуката за намалување на увозните давачки, царински стапки на одделни производи (компоненти) потребни за производство на напредни технолошки производи беше донесена на 27 октомври 2020 година и е со важност до 31 октомври 2021 година. Со оглед дека има финансиски карактер до завршување на изборниот процес не може да се врши продолжување, по изборите ќе се постапува. Министерството за економија во моментов подготвува нова одлука (односно продолжување на важењето на истата) која ќе биде доставена на усвојување до Владата, велат од Министерството за Фактор.
Владата ги намали царинските стапки за увоз на компоненти за производство на технолошко напредни производи Станува збор за 33 царински стапки, а ова барање извозните компании го потенцираа долго време. Тврдеа дека им се намалува конкурентноста затоа што плаќаат повисоки царини од тие во ЕУ за увоз на компонентите со што стануваат помалку конкурентни.
Кога се донесе одлуката, лани странските извозни компании беа задоволни со одлуката, но тврдеа дека ова е привремено решение
„Во услови кога усогласувањето со царинските стапки на ЕУ се јавува како обврска на земјата во процесот на пристапување во ЕУ, автономните мерки претставуваат привремено решение што е во функција на зголемување на извозната конкурентност на индустријата во земјава, која произведува технолошки напредни производи. Тоа, секако ќе придонесе за подобро деловно работење на сите компании од секторот, но и за поголема атрактивност на земјата при привлекување нови компании со странски капитал, наведоа тогаш од Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство.
По иницијатива на Асоцијацијата, поднесена на 9 октомври лани, се побара изедначување на царинските стапки на ниво на оние во Европската унија за одделни компоненти кои им се неопходни на компаниите за нивниот технолошки процес, започнувајќи од 1 ноември а во времетраење од една година.
Од Владата соопштија дека причина за ваквото намалување на увозните давачки – царинските стапки на овие производи, е што овие производи не се произведуваат во земјата и се набавуваат од увоз, а нивните царински стапки во увозот во Република Северна Македонија се значајно повисоки во однос на царинските стапки на овие производи во примена во Европската Унија.
А.Т.
Можеби ќе ве интересира
Најголемиот германски производител на челик привремено го запира производството во две големи фабрики - 1.200 работни места во опасност
Централната банка на Русија го тужи Еуроклир: бара 194,8 милијарди евра отштета
Македонија најевтина во Европа според цените на храната
НОВИ БИЗНИС ИНВЕСТИЦИИ: Познато е кој ќе ги гради најголемите складишта за електрична енергија?
„Визер“ со нова линија од аеродромот во Скопје - од сега ќе се патува и за Прага
Мицкоски: Мерките на Владата даваат резултати, зголемени бројки на туристи и ноќевања во првите 10 месеци
Меѓународниот аеродром Скопје станува апослутен лидер во регионот по раст и по број на нови понудени места
КЛУЧ НА ДРЖАВНАТА КАСА ИЛИ МИЦКОСКИ ПРОГЛАСИ КАПИТУЛАЦИЈА НА ЕКОНОМИЈАТА! Чупеска за затворањето на трезорот на 15 декември




