Добивај вести на Viber
Во туристичките центри на хрватското крајбрежје се зголемува бројот на гости, но пораст бележат и оние кои грубо ја користат нивната опуштеност и невнимание. Заради зачестени кражби, хрватската полиција има за 1/3 повеќе работа отколку во зимата. Пораст на туристичкиот криминал бележат сите приморски општини.
Крадците „оперираат“ на плажите, по возилата и јахтите, во хотелите и собите. Најмногу се крадат вредни работи како пари, накит, скапоцена техника - како на пример паметни телефони и лаптоп компјутери. Доволно е само мало невнимание, бидејќи крадците не избираат многу, а дрско крадат и сред бел ден. Според податоците на хрватската полиција, бројот на кражби годинава веќе забележува раст меѓу 30% и 40% во однос на зимскиот период.
Додека се во море, предметите на туристите се без никаков надзор. „Паметен“ телефон кој лежи на плажа без својот сопственик е идеална мета.
„Ги советуваме туристите на плажа со себе да не носат скапи работи, како накит, скапи часовници или скапи технички предмети“, вели Елис Жодан, портпарол на задарската Полициска управа.
Цел на крадците освен овие вредни предмети се и велосипеди, но и автомобили оставени со отворени прозорци.
„Тоа на одреден начин автоматски претставува повик за крадците“, вели Жодан.
За да има помалку кражби, а поголем ред, полицајците од хрватското приморје наскоро ќе добијат засилување од внатрешноста, а започнува и проектот „Сигурна туристичка сезона“ преку кој на помош ќе бидат повикани и полицајци од странство. Вкупно 60-тина вакви полицајци од 13 европски земји ќе престојуваат во Хрватска за да и помогнат на локалната полиција во јули и август - месеците на најинтензивната туристичка сезона.