Охридска банка со раст на приходи од камати и кредити
Објавено во: Економија 16 Август, 2016 07:44
Охридска банка во првите шест месеци годинава го продолжува трендот на раст: раст на нето приходите од камати и од провизии, раст на кредитирањето што укажува на експанзивна деловна политика и освојување на пазарот.
Но овие активности се проследени со раст за резервациите за кредити, а и Охридска банка е зафатена од „дијагнозата“ за други две од големите пет банки: пад на депозитната база во споредба со лани што значи намалување на штедните влогови, орочените и на депозитите по видување.
Од билансот на успех се гледа дека Охридска банка во првата половина од годинава има нето приходи од камати во износ од 552,45 милиони денари (над 9 милиони евра) и тоа е вредност што е за 87 милиони денари (над 1,35 милиони евра) повеќе од реализацијата во истиот период лани.
Минимален, но важен, раст бележат и приходите на банката од провизии и надоместоци на нето основа. Тие изнесуваат 131,2 милиони денари ( над 2,15 милиони евра) , а во споредба со лани тие се поголеми за 7 милиони денари. Сепак важно е дека банката ги зголемила нето приходите од тие додатни активности што укажува дека во најмала рака ги задржала клиентите во однос на зголемената конкуренција или пак ако ги намалила износите на провизиите и надоместоците ја зголемила базата на клиенти.
Добивката за првите шест месеци изнесува 255,6 милиони денари и е на речиси исто ниво како лани кога била за 4 милиони денари повисока од годишнава. Охиридска банка иако помала банка има поголема добивка на полугодие и од многу поголемата Комерцијална банка.
Резервациите на банката бележат значаен раст и тие на полугодие изнесуваат 127,5 милиони денари (2,1 милиони евра). Во споредба со истите лани се поголеми за половина милион евра односно 31 милиони денари што е голем и значаен раст на издвоени средства. Но тоа донекаде е разбирливо кога ќе се види дека кредитната активност пораснала за 1,14 милијарди денари до износ од 22,5 милијарди денари.
И Охридска банка е во инфицирана од вирусот креиран од политичката криза што тлее во земјава. Намалени се депозитите на штедачите и тоа за речиси 30 милиони евра во однос на истиот период лани. На крајот на јуни годинава тие изнесуваат 21,85 милијарди денари и се за 1,72 милијарди денари помали од депозитите во истиот период лани.
Само за потсетување Комерцијална банка и НЛБ Банка Скопје бележат намалување на депозитите за 6,93 милијарди денари за првите шест месеци во споредба со истиот период лани. Тоа значи дека од петте најголеми банки досега три објавија дека имаат намалување на депозитите на други коминтенти (исклучени се депозити што банки ги чуваат во други банки) за вкупно 8,65 милијарди денари што значи над 140 милиони евра помалку пари во банките.
Можеби ќе ве интересира
ЕУ ОДОБРИ ПОМОШ ЗА УКРАИНА: Што се случува со цените на златото и пченицата?
Како вештачката интелигенција навистина влијае на пазарот на трудот?
Најголемото наоѓалиште на злато досега – илјадници тони скриени на 1.900 метри
НА ЕУ И НЕДОСТАСУВААТ МЕНАЏЕРИ ЗА ПРОДАЖБА, МАРКЕТИНГ И РАЗВОЈ: Оваа професија има незадоволена побарувачка
Запленетите акции на Сашо Мијалков во Алта банка ставени на продажба
ЕВЕ КОИ ЛИЦА ЌЕ БИДАТ ДЕЛ ОД УО НА ЦЕНТРАЛНА КООПЕРАТИВНА БАНКА - добиена е согласност од Народна банка




