Интервју со Сашко Коцев, директор на Регионалниот центар на Регионалната иницијатива за миграции, азил и бегалци (МАРРИ)
КОЦЕВ: Околу 70% од мигрантите кои минуваат низ балканскиот регион се возрасни мажи
Објавено во: Интервјуа 29 Октомври, 2019
Мигрантската криза и приливот на нови бегалци и баратели на азил чија крајна
цел се западноевропските земји, е проблем со кој се соочува Балканот подолг
период. И Македонија беше меѓу балканските земји кои пред три години се
справија со сериозен предизвик со големиот број мигранти кои минуваа по
таканаречената балканска рута. Регионалната
иницијатива за миграции, азил и бегалци (МАРРИ) во која членуваат Албанија,
Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Косово, Црна Гора и Србија, во тој
период им беше од голема помош на владите од овие земји и им пружи правна помош
при усогласувањето на правната рамка со законодавството на ЕУ, друг вид техничка
помош, но и размена на информации поврзани со оваа проблематика. За тоа дали
постои опасност актуелниот голем прилив на нерегуларни мигранти во Грција да
стане опасност и за Македонија, но и за другите отворени прашања поврзани со
мигрантите и барателите на азил, разговаравме со Сашко Коцев, директор на
Регионалниот центар на МАРРИ.
Соседна Грција периодов се соочува со голем прилив на нерегуларнимигранти што предизвикува проблеми за оваа земја. Колкава е веројатноста тие нерегуларнимигранти во поголем број да се прелеат кон Македонија и какви проблеми би предизвикало тоа кај нас?
- Последните податоци од Грција покажуваат дека повеќе од 32.000 мигранти се присутни на грчките острови во близина на границата со Турција, пред сѐ Лезбос, Самос и Чиос. Грчките надлежни служби преземаат сѐ што е во нивна моќ за да се справат со овој наплив на мигранти. Во овие активности, тие се поддржани од Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Frontex). Турција, од своја страна, презема мерки за спречување на нерегуларното преминување на границата и го почитува договорот со ЕУ од 2016 година за справување со мигрантската криза. Голема е веројатноста дел од овие мигранти да се прелеат во нашиот регион и да се обидат да го продолжат својот пат кон Западна Европа. Граничната полиција е подготвена и опремена за соодветно справување со овој предизвик и не верувам дека истото би предизвикало некој поголем проблем.
Имате ли статистика колку мигранти/баратели на азил поминале низ земјите од регионот во изминатата година?
- Точна статистика нема бидејќи постојат повеќе рути и повеќекратни преминувања на границите од страна на мигрантите. Податоците кои се достапни од различни извори се разликуваат во одредена мера. Според Frontex, на Источно-медитеранската рута во 2018 година се регистрирани 56.561 нерегуларни гранични преминувања. Притисокот беше поголем за 34% отколку во претходната година, како резултат на зголемувањето на копнените премини од Турција кон Грција. Сиријците биле најчесто откриена националност, проследена со Авганистанците и Ирачаните. Бројот на регистрирани турски мигранти се зголемил повеќе од три пати во 2018 година со регистрирани 7.918 лица, со што стана четврта најчеста националност на оваа рута. Според извештајот на Меѓународната организација за миграции (ИОМ), во текот на првите три месеци од 2019 година, вкупно 16.526 мигранти биле регистрирани на трите медитерански рути. Повеќе од половина (53%) од сите регистрирани лица биле регистрирани на Источно-медитеранската рута од кои 8.168 преку Грција, 291 преку Бугарија и 291 преку Кипар. Проценето е дека 70% од лицата кои биле следени во регионот биле возрасни мажи, 27% возрасни жени и 3% деца. Достапните податоци за националностите покажуваат дека Турција е најчесто пријавената земја на потекло меѓу пристигнувањата следени во регионот (60%), а потоа следат Авганистан (19%), Сирија (6%), Ирак (5%) и Пакистан (3%).
Дали и колку земјите од регионот се ефикасни во преземањето и спроведувањето на мигрантите и барателите на азил низ нивната рута?
- Верувам дека ова прашање се однесува на ефикасноста на службите кои се вклучени во постапките за азил, бидејќи не постои „спроведување на мигранти“. Во таа насока, би потенцирал дека овие служби се доволно подготвени за спроведување на постапките за азил со целосно почитување на законските процедури како и заштитата на правата на барателите на азил. Секако, треба да бидеме свесни дека регионот не е дестинација, туку само транзит подрачје кон Западна Европа. Од тие причини, најголем дел од постапките за азил се прекинати поради отсуство на барателите на азил.
Имате ли статистика колкав е бројот на мигранти кои се вратени од западноевропските земји? Каде се враќаат овие лица?
- Јавно достапни податоци за реадмисија на државјани на Западен Балкан од страна на земјите членки на ЕУ има малку, но статистиката објавена од Агенцијата за статистика на ЕУ (EUROSTAT) покажува благ пораст на бројот во изминатите пет години. Во периодот 2014-2018 година, земјите членки на ЕУ вратиле вкупно 46.960 државјани на Западен Балкан, од кои повеќето (16.117) се вратени во 2018година. Овој број ги опфаќа лицата вратени по било која постапка, вклучувајќи ги договорите за реадмисија со ЕУ, друг договор за реадмисија, без договор за реадмисија и др. Во истиот период, само во рамките на договорите за реадмисија со ЕУ, биле вратени вкупно 8.960 државјани на Западен Балкан, од кои 2.630 лица во 2018. Важно е да се напомене дека овие статистички податоци не ја означуваат земјата во која биле вратени лицата, туку државјанството на вратените лица.
Иницијативата МАРРИ во изминатиот период имплементираше неколку различни проекти наменети за олеснување на процедурите поврзани со мигрантите и барателите на азил. Кои се најзначајните од нив?
- Во изминатиот период МАРРИ разви неколку важни алатки наменети за поддршка на службите на МАРРИ учесничките кои работат со мигранти и баратели на азил, но исто така и за другите релевантни актери во управувањето со миграциите. Со поддршка од ИОМ и Европската Унија, МАРРИ ги разви Регионалната платформа за преведувачи од ретки јазици (MARRI – RRIS) која е наменета првенствено за службите кои работат со баратели на азил и која стана оперативна во септември 2019, како и Регионалната платформа за размена на миграциски статистики на Западен Балкан (WB – MIDEX) која ќе им овозможи на МАРРИ учесничките да разменуваат не-лични статистички податоци од областа на миграциите. Со поддршка на германската влада преку Германското друштво за интернационална соработка Канцеларија Скопје (ГИЗ), МАРРИ развива Датабаза на експерти, платформа наменета за промовирање на регионалната експертиза во областа на миграциите. Во подготовка се и други содржини за кои во моментов е прерано да се говори.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.