28 Ноември, 2024
0.0272

Оли Рен ќе го олабави ременот

Објавено во: Анализа 22 Мај, 2013

Добивај вести на Viber

До 2010 година Оли Рен се вртеше низ нашите медиуми, исто колку што тоа сега се врти Штефан Филе. Ништо чудно со оглед на тоа дека овој Финец до таа година ја извршуваше фукцијата комесар за проширување. Денеска овој Финец и поранешен полупрофесионален фудбалер ја извршува фукцијата комесар за економија, позиција која веројатно има многу поголем притисок од онаа на Филе. Комесарот Оли Рен изјавил дека на време успеал да сфати дека нема баш голем талент во фудбалот и решил да се посвети на друга работа, па така во меѓувреме дипломира на универзитети во САД и родната Финска. Тој е човекот кој до пред некое време беше еден од главните луѓе кои го промовираат штедењето во унијата. Европската Унија за разлика од САД, реши да примени рестриктивен модел за излез од кризата, посебно истакнат на периферијата на унијата. Веќе неколку години Европа бара од нејзините јужни членки да воведат силни реформи кои ќе имаат за цел да ја зголемат нивната конкурентност, но тие парарелно мора да ги прават со силно намалување на потрошувачката на државата, кратење на плати, дополнителни приватизации и слични активности кои се во основа непопуларни меѓу луѓето. Може многу да се спори околу резултатите кои овие мерки досега ги дадоа, но факт е дека засега Европската Унија успева да ги затвори сите дупки кои излегуваат на нејзиниот брод и да продолжи да плови на полето на глобализацијата. Главниот императив за задржување на целовитоста на унијата на луѓето кои ја водат (освен нивните работни места), е веројатно фактот кој на сите им е јасен, а тоа е дека како целина ова здружение е најголемата економија во светот. Поголема дури од таа на САД, а неколку кратно поголема од Јапонија и од играчите кои сакаат во иднина да доминираат, како на пример Русија, Индија и Кина. Токму поради тоа и Германија која навидум е земја која без гребаници ќе пројде доколку зоната се распадне, се бори да ја задржи ваква каква што е, секако со потребните реформи. Начинот на кој се спроведуваа реформите, направи еврокомесарот и неговото опкружување да се третираат како луѓе кои јадат деца, само со цел да го истераат тоа што го сакаат. И самите сме имале можност да читаме како ги пречекуваат преставниците на Унијата кога ќе дојдат во некои од државите на југот. Но таквата политика можеби наскоро ќе се смени. Пред некој ден комесарот Рен даде интервју во кое интересно го спомена Кејнз, како економист кој многу го почитува и чии идеи можат да вродат со плод. Џон Мајнард Кејнз е економист кој смета дека во време на криза државата треба активно да се вклучи во решавањето на проблемите. Во основа тоа е политика која бара државна трошење и државен стимул до моментот, кога државите ќе излезат во криза. Според Рен, дошло време кога ременот може да попушти и дека ситуацијата е доста постабилна од пред неколку години и може да се даде период кога земјите ќе имаат повеќе можност за прилагодување. Првата работа е оваа политика е одлуката на Франција да и се дозволи дополнително време од две години да постигне дефицит од три проценти на буџетската сметка. Истото ова треба да важи во наредниот период за Шпанија и Холандија. Во основа идејата е дека кога веќе не постои диретна закана за пропаст на еврото сите да имаат малку повеќе слобода во начинот на кој ќе ја средат својата куќа. Политика се менува, но дали е тоа само поради причините кои ги кажува Рен или поради фактот дека САД се покажаа далеку поуспешни со трошењето или можеби поради притисокот на Франција која е втора економија во зоната, тешко е да се каже, но веројатно одлуката е микс на повеќе фактори. Дали полабавата политика ќе донесе резултат, ќе видиме веќе во наредните макро резулати. Статистиката сепак не може да ја излажете. Редакција Фактор  

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.