15 Декември, 2025
0.0329

ОПАСНИ ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ ОД 19 ВЕК ,СЕГА ВО ЗАГРИЖУВАЧКИ РАЗМЕРИ, МЛАДИТЕ СЕ НАЈГОЛЕМИТЕ ЖРТВИ: ХЕРА обезбедува бесплатни тестирања

Објавено во: Македонија 12 Февруари, 2025 07:57

Добивај вести на Viber

Некои заразни болести, кои до неодамна речиси беа заборавени во модерното општество, повторно се враќаат во загрижувачки размери. Во 21 век, ерата на напредната медицина и брзиот развој на нови терапии, сексуално преносливите инфекции бележат драстичен пораст, а најмногу ги погодуваат младите. Гонорејата и сифилисот – болести кои во минатото се сметаа за речиси искоренети – денес достигнуваат рекордни бројки во Европа, особено меѓу младите жени и мажи.

Дали сме сведоци на враќање на „заборавените“ епидемии, и кои се причините за овој неочекуван скок?

Според Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC) во 2023 година, во Европа биле потврдени речиси 100.000 случаи на гонореја, што претставува зголемување од 31 отсто во споредба со претходната година и повеќе од 300 отсто во споредба со 2014 година. Ова е највисоката забележана стапка на оваа болест во Европа откако ECDC започна со надзор на сексуално преносливи болести во 2009 година. Овој пораст е забележан во различни возрасни и демографски групи, вклучувајќи мажи кои имаат сексуални односи со мажи, како и хетеросексуални мажи и жени. Највисоките стапки кај жените се забележани во возрасната група од 20 до 24 години, која исто така има најголем пораст во 2023 година (46 проценти). Кај мажите, највисоките стапки се забележани во возрасната група од 25 до 34 години.

Гонореја

Гонорејата е сексуално пренослива бактериска инфекција предизвикана од Neisseria gonorrhoeae, која ги зафаќа слузокожите на гениталниот тракт, ректумот и грлото. Најчесто се пренесува преку незаштитен вагинален, анален или орален секс, а може да се пренесе и од мајка на новороденче за време на породувањето.

Симптомите варираат, а некои заразени лица може воопшто да не почувствуваат знаци на инфекција, што ја прави болеста уште поопасна, бидејќи несвесно можат да ја пренесат на партнерите. Кај жените, гонорејата може да предизвика зголемен вагинален исцедок, болка при мокрење и крварење меѓу циклусите, додека кај мажите најчести симптоми се печење при уринирање и густ, жолтеникав исцедок од пенисот. Доколку не се лекува навреме, инфекцијата може да се прошири и да предизвика воспалителна болест на карлицата кај жените, што може да доведе до трајна неплодност, а кај мажите да предизвика воспаление на тестисите и простатата.

Лекувањето на гонорејата се базира на антибиотска терапија, но загрижувачки е што последниве години се појавуваат соеви на бактерии отпорни на традиционалните антибиотици, што го отежнува третманот. Поради ова, лекарите сè почесто користат комбинација од антибиотици за успешно елиминирање на инфекцијата. Најдобра заштита останува практикувањето безбеден секс и редовното тестирање, особено кај сексуално активните лица кои често менуваат партнери.

Бројот на случаи на сифилис исто така е во пораст. Во 2023 година, во Европа биле потврдени 40.000 случаи, што претставува зголемување од 13 отсто во споредба со 2022 година и зголемување од 100 проценти во споредба со 2014 година. Сифилисот е почест кај мажите, при што највисоките стапки се забележани кај мажи на возраст од 25 до 34 години. Повеќето случаи на сифилис (72 проценти) се забележани кај хомосексуални мажи. Сепак, во споредба со 2022 година, стапките на сифилис се зголемиле и кај жените од сите возрасни групи.

Сифилис

Сифилисот е хронична заразна болест предизвикана од бактеријата Treponema pallidum, која најчесто се пренесува преку незаштитени сексуални односи – вагинални, анални или орални. Исто така, може да се пренесе од заразена мајка на нејзиното бебе за време на бременоста или породувањето, што може да доведе до сериозни компликации, па дури и до мртвороденост.

Болеста се развива во неколку фази, од кои секоја има различни симптоми. Во примарната фаза, неколку недели по инфекцијата, на местото на влез на бактеријата се појавува безболна рана (шанкр), која најчесто останува незабележана и исчезнува сама по себе. Во втората фаза, која може да се појави неколку недели или месеци подоцна, заразеното лице може да развие осип на телото, висока температура, замор, болки во мускулите и отечени лимфни јазли. Доколку сифилисот не се лекува, преминува во латентна фаза, во која нема видливи симптоми, но бактеријата останува во организмот и може да предизвика сериозни оштетувања на срцето, мозокот, нервниот систем и други органи. Во најтешката, третична фаза, која може да се појави години по првата инфекција, сифилисот може да доведе до слепило, парализа, деменција и дури смрт.

Добра околност е што сифилисот може успешно да се лекува со антибиотици, најчесто со пеницилин, доколку се открие навреме.

И покрај забавувањето на порастот на пријавени случаи на кламидија во 2023 година, таа останува најчесто пријавуваната бактериска сексуално пренослива болест во Европа. Во 2023 година, биле пријавени повеќе од 230.000 случаи, што претставува зголемување од 13 проценти во споредба со 2014 година. Инфекцијата и понатаму непропорционално ги погодува младите луѓе, со највисоки стапки кај жените на возраст од 20 до 24 години.

Новите податоци го потврдуваат трендот на пораст веќе забележан во 2022 година, кога случаите на гонореја и сифилис се зголемија за 48 отосто односно 34 отстово однос на претходната година.

Постојат неколку хипотези за причините за зголемувањето на случаите на сексуално преносливи болести. Дел од порастот се должи на зголеменото тестирање, но промените во сексуалното ризично однесување, како што е помалата употреба на кондоми, исто така играат значајна улога.

Светската здравствена организација (WHO) за Европа минатата година повика на тревога поради намалената употреба на кондоми меѓу тинејџерите во Европа, што го зголемува ризикот од сексуално преносливи инфекции и несакани бремености.

ECDC изјави дека овие наоди ја нагласуваат „итната потреба од зголемена јавна свест, превенција, тестирање и напори во лекувањето за да се реши овој растечки проблем на јавното здравје“.

Здравјето не треба да биде табу: ХЕРА со бесплатни тестирања за СПИ

Во Македонија, свесноста за сексуално преносливите инфекции и важноста на редовното тестирање сè уште е на ниско ниво, особено меѓу младите. И покрај достапноста на бесплатни здравствени услуги, многумина избегнуваат тестирање поради стигмата, недоволната информираност и недостигот на сеопфатно сексуално образование. 

Податоците и искуствата од терен покажуваат дека младите, особено девојките, ретко размислуваат за тестирање на сексуално преносливи инфекции (СПИ), освен ако не забележат симптоми или ако нивниот партнер има дијагностицирана инфекција. Голем дел од нив се соочуваат со стигма и страв од осуда доколку побараат тестирање, што резултира со избегнување на здравствените услуги.

Според податоците на ХЕРА - Асоцијација за здравствена едукација и истражување, од вкупно 713 тестирани за сексуално преносливи инфекции во 2024 година, повеќе од половина од нив првпат дошле на тестирање поради советување од врснички едукатори или препорака од пријатели. Недостатокот на информации за тоа како се пренесуваат СПИ и ниската свест, ги обесхрабрува младите особено девојките, од преземање чекори за заштита на своето здравје.

-Многу млади мислат дека ако имаат еден партнер или ако не забележуваат симптоми, нема потреба од тестирање. Тоа е честa заблуда, бидејќи многу СПИ, вклучувајќи кламидија и гонореја, може да се развијат без видливи симптоми, но сепак да предизвикаат долгорочни здравствени последици. Редовното тестирање и навремено лекување на СПИ не само што го заштитува индивидуалното здравје, туку и значително го намалува ризикот од инфертилитет кај мажите и жените. Дополнителен проблем е тоа што младите во образовниот систем не добиваат доволно информации за сексуалното и репродуктивното здравје. Недостатокот на сеопфатно сексуално образование остава многу млади луѓе неподготвени да носат информирани одлуки за своето здравје. Искуствата и податоците на ХЕРА покажуваат дека голем број млади не се информирани за важноста на редовните прегледи, што ги изложува на здравствени ризици, велат од ХЕРА за Фактор.

Со цел да ја подигне свеста, ХЕРА спроведува редовни кампањи и едукативни програми. Само во 2024 година, преку различни активности, меѓу кои промотивни материјали и работилници, биле едуцирани над 224 млади.

Дополнително, со поддршка од Министерството за здравство преку Програмата за заштита на населението од ХИВ-инфекцијата, во рамки на младинскиот центар „Сакам да знам“ во Водно, ХЕРА обезбедува бесплатни и доверливи услуги за сексуално и репродуктивно здравје, вклучувајќи тестирање и лекување на СПИ, анонимно советување и тестирање за ХИВ, како и обезбедување на контрацептивни средства. Младинскиот центар „Сакам да знам“ обезбедува пријателска, инклузивна и безбедна средина каде што секој може да поставува прашања и да добие индивидуален пристап, кој одговара на нивните потреби.

Заштитата од СПИ започнува со информираност и одговорно сексуално однесување, а правилната и редовна употреба на кондоми останува најефикасна метода за спречување на преносот на сексуално преносливи инфекции. Кондомите се најдостапното контрацептивно средство, но за младите тие треба да бидат бесплатно и лесно достапни како дел од сеопфатната заштита на нивното сексуално здравје.

Во 2025 година, ХЕРА планира да го прошири опфатот на бесплатните тестирања за СПИ преку зголемување на теренските активности со мобилната гинеколошка амбуланта и зајакнување на соработката со универзитетите и младинските организации. Дополнително, ќе се спроведат нови едукативни кампањи насочени кон младите и девојките, со фокус на рано откривање и превенција на сексуално преносливите инфекции.

Зголемувањето на бројот на тестирања за СПИ, особено меѓу младите и жените, е од клучно значење за подобрување на јавното здравје. Иако бесплатните услуги се достапни, потребно е да се намали стигмата и да се охрабрат младите да ја преземат одговорноста за своето сексуално и репродуктивно здравје. ХЕРА продолжува со своите напори преку едукација, теренски активности и достапни здравствени услуги, но за долгорочна промена е неопходна и поширока поддршка од институциите, образовниот систем и самата заедница. Само со заеднички напори може да се постигне општество во кое тестирањето за СПИ е нормализирано, а здравствената заштита е достапна и искористена од сите. ХЕРА се залага за тоа да „Секој има право да се чувствува здраво“, бидејќи тоа е основа на личната благосостојба и здрава иднина, посочуваат за Фактор од НВО ХЕРА.

Анита Буховски


Можеби ќе ве интересира

АКО ПАТУВАТЕ КОН ГРЦИЈА НЕ ОДЕТЕ НА ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН ЕВЗОНИ - најавени нови блокади, еве кога

АКО ПАТУВАТЕ КОН ГРЦИЈА НЕ ОДЕТЕ НА ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН ЕВЗОНИ - најавени нови блокади, еве кога

Дејан Манасков приведен во Охрид поради физички напад на противнички тренер

Дејан Манасков приведен во Охрид поради физички напад на противнички тренер

Од фирма од Битола до невладина од Скопје: кој стои зад „Зимзоленд“

Од фирма од Битола до невладина од Скопје: кој стои зад „Зимзоленд“

ЌЕ СЕ ОДЛАГА ПРИМЕНАТА НА ЗАКОНОТ ЗА АДМИНСТРАТИВЦИ – службите не се подготвени, но додатоците на плата ќе се зголемат

ЌЕ СЕ ОДЛАГА ПРИМЕНАТА НА ЗАКОНОТ ЗА АДМИНСТРАТИВЦИ – службите не се подготвени, но додатоците на плата ќе се зголемат

СЕКОЈА ЗЕМЈА ИМА СВОИ ТОП СУВЕНИРИ: Што најчесто купуваат странците во Македонија?

СЕКОЈА ЗЕМЈА ИМА СВОИ ТОП СУВЕНИРИ: Што најчесто купуваат странците во Македонија?

Одреден е притвор за Стафа, а Љупчо Пецов - Ѓаволот е лицето за кого се обидел да поткупи судија

Одреден е притвор за Стафа, а Љупчо Пецов - Ѓаволот е лицето за кого се обидел да поткупи судија

Отворен граничниот премин Богородица по четири часа блокада

Отворен граничниот премин Богородица по четири часа блокада

Филипче повторно повика пратениците да ја потпишат декларацијата на СДСМ за мигрантите

Филипче повторно повика пратениците да ја потпишат декларацијата на СДСМ за мигрантите

МАКЕДОНИЈА ИМА СИЛА ДА БИДЕ НОРМАЛНА ЗЕМЈА: Тошковски вели дека сме станале вистински Европјани

МАКЕДОНИЈА ИМА СИЛА ДА БИДЕ НОРМАЛНА ЗЕМЈА: Тошковски вели дека сме станале вистински Европјани