ОПОЗИЦИЈАТА ПРЕДЛАГА ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА АКЦИЗИ, ќе добијат ли граѓаните и компаниите поевтини горива
Објавено во: Економија 08 Ноември, 2022 07:16
Во Собранието е доставен предлог закон за изменување на Законот за акцизите, по итна постапка. Предлогот е на група пратеници од опозицијата, односно од најголемата опозициска партија во земјава. Со него пратениците предлагаат намалување на акцизите кои се пресметуваат на енергентите и електричната енергија, со што граѓаните би добиле енергенти по пониски цени од сегашните.
- Со законот за акцизите се уредуваат акцизите за добрата подлежни на акциза, во поглед на начинот на настанување, пресметување и плаќање на акцизите на акцизното подрачје на Република Македонија, правата и обврските на акцизните обврзници и надлежниот царински орган во врска со акцизните добра, вклучувајќи ја постапката за надзор и следење на движењето на акцизните добра. Со член 92 од законот, кој се однесува на акцизна основица и износ на акциза на енергенти и електрична енергија, се утврдува износот на акциза за моторен бензин со содржина на олово до 0,013 грама на литар, гасното масло (дизел гориво), течниот нафтен гас, метанот и за други енергенти. Согласно постојното законско решение износот на акцизата за моторен бензин со содржина на олово до 0,013 грама на литар и дизел горивото се пресметува по формула која има фиксен и варијабилен дел – наведуваат предлагачите во измените на законот доставени во Собранието.
Како што е посочено во предлог законот, износот на акцизата за безоловен бензин со содржина на олово до 0,013 грама на литар е збир од 22 денари по литар, плус износ на дополнителна акциза искажана во денари по литар во зависност од берзанската цена на Prem Unl 10 ppm на котација „Mediterranean cargoes FOB (Italy)“ од Platt's European Marketscan. Дополнителната акциза може да биде во износ од 3, 2 или 0 денари за литар. Пратениците исто така посочиле дека износот на акцизата за дизел гориво е збир од 15,5 денари по литар, плус износ на дополнителна акциза искажана во денари по литар во зависност од берзанската цена на 10 ppm USLD на котација „Mediterranean cargoes FOB (Italy)“ од Platt's European Marketscan. Исто како и кај бензинот, дополнителната акциза може да биде во износ од 3, 2 или 0 денари за литар. Тие посочуваат дека износот на акцизата за течен нафтен гас и метан изнесува 4,9 денари за килограм.
Пратениците, од редовите на ВМРО- ДПМНЕ, посочуваат дека поради постојаното зголемување на цената на енергентите на светските пазари, што се должи на војната во Украина, сметаат дека со намалување на износот на акцизата на горивото ќе им се помогне на граѓаните, но и на компаниите од транспортниот сектор.
- Повисоката цена на горивото за транспортните компании значи и повисоки цени на производите кои ги доставуваат до маркетите, поскап превоз на патници во меѓуградскиот превоз и бројни други негативни последици кои ја зголемуваат стапката на инфлација. Во периодот од 2017 година до денес Владата акцизата ја зголемуваше во неколку наврати под плаштот „сиромашните не возат“. Првото зголемување беше на дизел горивото за три денари, а потоа во текот на 2020 година сите видови на гориво беа зголемени за дополнителни три денари. Дополнително, Владата планира да воведе дополнителна еколошка такса за сите видови на гориво во износ од 3,5 денари, со што народот освен последиците од светската економска и здравствена криза ќе мора да ја чуствуваат последицата и од оваа криза. Наведените состојби ја наметнаа потребата од изменување на Законот за акцизите – потенцираат предлагачите.
Тие во законското решение посочуваат дека предлог законот содржи 4 члена и со истиот со членот 1 се предвидува намалување на висината на акцизата за 50 отсто на бензинот и дизелот, а кај течниот природен гас за 100 проценти. Според нив, со намалување на акцизата за литар бензин за 11 денари, цената за граѓаните ќе се намали за 13 денари како резултат на дополнителните 18 отсто ДДВ за секој литар.
- Со намалување на акцизата за литар дизел гориво за 8 денари, цената за граѓаните ќе се намали за 9,5 денари како резултат на дополнителните 18 процени ДДВ за секој литар. Со членот 2 се предвидува одредбите од членот 1 да важат до 30 април 2023 година до кога е важноста на прогласените кризни состојби во енергетиката и снабдувањето со топлинска енергија. Заради многуте измени и дополнувања на Законот со членот 3 се овластува Законодавно - правната комисија да утврди пречистен текст на законот заради полесна примена на истиот - се потенцира во законот.
Според предлагачите, со новото законскот решение ќе се намали цената на акцизата на бензинот и дизелот за 50 отсто, а кај течниот природен гас за 5 денари со што ќе се намали финансискиот товар на граѓаните, но и на транспортните и логистички претпријатија.
П.О.
Можеби ќе ве интересира
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар
Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии




