29 Март, 2024
0.0238

Опседнати со имиџот на земја со најниски плати

Објавено во: Колумни 02 Септември, 2013

Добивај вести на Viber

Платите на вработените во секоја економија се мошне значајна економска категорија, меѓутоа, кај нас тие се табу тема. Пред извесен период вниманието на јавноста го привлекоа дискусиите за минималната плата по вработен, која, по подолги натегања, беше утврдена на ниво од 8050 денари, со неколку одлагања за одделни гранки т.е. со утврдување на исклучоци каде тие можат да бидат и пониски. Во меѓувреме речиси и да нема дебати за другите плати, освен одредени информации за просечните нето плати во определен дел од годината, најчесто кога ќе се забележи пораст во однос на некој претходен период. Тоа значи, нема дискусии  на тема  зошто тие се најниски во поширокото опкружување на земјата, каква е нивната врска со порастот на продуктивноста на трудот или  какво е нивното влијание врз процесите за интензивирање на развојот во микро и макро средините.

Неодамна беше обелоденет податокот според кој просечната нето плата во  јуни годинава пораснала за 2,2% во однос на истиот месец од претходната година, додека пак  годинешниот полугодишен просек бил за 1,5%  поголем од  истиот лански период. Промоторите на ваквата информација внимаваа да не дојде до нарушување на позитивниот впечаток од пласираната вест за порастот на платите, па така свесно избегнаа да ги наведат и податоците за реалната нето плата кои истот така ги објавува Заводот за статистика во своето соопштение. А таму пак јасно е наведено дека реалната исплатена нето-плата во јуни годинава  била за 1,9% помала од соодветната во јуни 2012 година, додека пак  годинешната полугодишна плата била за 2,1% помала од истата во минатата година. Кога на ваков начин ќе се проанализира веста повеќе од јасно станува дека се работи за инфорамација, чии промотори сакале да ги убедат вработените дека живеат  многу подобро отколку што навистина тие чуствуваат . Впрочем нели пораснала платата? Но, за жал, номиналната, а реалната ? Таа се намалила , иако во суштина единствено таа објективно ја  рефлектира куповната моќ на месечните примања . И сега, кој се радува кога паѓаат реалните плати? Се смета дека  додека вработените се замајуват со порастот на номиналните плати , за инвеститорите е  поважно колку се реалните примања, бидејќи тие им се вистински трошок, а кога реалните плати паѓаат  добивката им се зголемува. Но до кога?

Во меѓувреме, се заборава дека проблемот настанува кога во подолг период  постои расчекор меѓу номиналните и реалните плати, на штета на реалните. Тогаш, секој брзо ќе увиди дека со повеќе пари може да купува се‘ помалку. А тоа набрзо може да доведе до затегнување на односите меѓу вработените и работодавците и да се прошири во целото општество.

Сферата на платите е прашање на односите меѓу работодавците и вработените, меѓутоа, таа не може  да не се набљудува и како значаен сегмент на макроекономската политика, како прашање од значење на општествено-економскиот развој. Задоволен работник со примањата ќе вложи напори со кои ќе создаде дополнителна додатна вредност , без оглед дали се работи за производи или услуги, а незадоволен, само ќе  настојува да ги исполни обврските и ќе бара оправдувања за пречките што го оневозможуваат. Оттука, зачудувачки е што ниту домашните ниту странските инвеститори не се „фалат“ со платите што ги исплатуваат. Единствено, само државата, кога себе се промовира како најпогодно место за инвестирање ги споменува платите. Но, само поради тоа што тие се ниски. Се стекнува впечаток како да сме опседнати со потребата од задржување на тој имиџ, а постојните состојби ги прифаќаме како да се од Господ дадени и како такви не треба да бидат доведувани во прашање. За несреќа, нивната „стабилност“ и непроменливост се значаен аргумент во промовирањето на земјата како погодно средство за привлекување на странски инвестиции. Згора на ова , продолженото очекување да пристигнат странските инвестиции во поголем обем ги замрзнува дискусиите за потребата од зголемување на платите, нормално,  за да не се наруши имиџот на земја со ниски трошоци за стопанисување, во што платите на вработените се значајна ставка.

Но, до кога? Дали треба да се задоволуваме само со отворањето на нови работни места од страна на странските инвеститори или тие треба да бидат носители на нарушување на повеќегодишното статус кво во платите во земјата, со оглед на нивото на нивниот техничко-технолошки развој и продуктивност на трудот и добивките што ги остваруваат. Симптоматично е што вработени кај странците, незадоволни од примањата според вложениот труд, се подготвени  и да ги напуштаат странските фирми. Очигледно е дека и таквите вработени се‘ повеќе нема да сакаат „европски“ да работаат за „балкански“ плати. Нормално е да бараат со зголемувањето на добивките на странските инвеститори, за што имаат доста привилегирани услови,  да се зголемуваат и нивните плати.

Време е работодавците да сфатат дека не е доволно само да го зголемуваат нивото на вработеноста. Од странските инвеститори се очекува да придонесат и за пробивање на магичниот круг на ниски плати (мали плати-малку работа-мали плати), во практика на повеќе работа-поголеми плати-повеќе работа, како услов за подинамичен развој. Тоа треба и да им се стави до знаење. Одржувањето на статус кво ситуација е дестимулативно и тоа треба да се прекине. А веќе се стекнуваат и услови за тоа. Нашата работна сила е најевтина во Европа. Нашите цени на трудот ги достигнаа и кинеските работници кои, пред десттина години, беа најконкурентни во светски размери. Меѓутоа, во изминатиот период, со динамичниот развој на Кина, во што значаен уддел имаа и странските инвестиции, платите за десеттина години пораснаа од два до три пати, во однос на периодот кога оваа земја преставуваше рај за евтина работан сила. Ќе ни се случи ли и нам таква среќа? Веројатно не, ако и натаму се инсистира само на имиџот на земја со најефтина работна сила.

Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?