Добивај вести на Viber
Празна демагогија или затишје пред бура - поставувањето на двоглавиот орел во населбата Топанско поле и камен-темелникот за 55 метарскиот крст во општина Бутел чија изградба е ставена во мирување поради минатонеделните протести, предизвика бура од реакции во јавноста. Но прашањето според дел од експертите и граѓанските активисти е дали некој веќе верува на негативните политички кампањи за плашење на граѓаните со орли и крстови и повикување на инциденти?!
Според граѓанскиот активист
Никола Наумоски од невладината “Плоштад Слобода” тензиите полека стивнуваат, дел заради реакцијата на меѓународната заедница но и поради индиферентноста на општата јавност кон провидноста на “театарот” во Чаир и Бутел. Луѓето вели Наумоски се' помалку ги загризуваат овие отровни јадици, можеби затоа што пречесто и се случуваат.
“Очигледно е дека младите се таргет за овие избори. Груевски секој ден отвора по некоја спортска сала, базен, ветува бесплатни автобуси и возови за младите. Тоа е дел од позитивната кампања. Негативната кампања за младите е за плашење на граѓаните со орли и крстови и повикување на инциденти. Младите се најподложни на вакво нешто затоа што не ги искусиле или не се сеќаваат на инцидентите на калето, тепањето по автобуси, Смилковско, "иконата што плачеше", 2001-та, студентските протести од 97-ма. Секогаш, предизборно се случуваат меѓуетнички или верски тензии кои што генерираат национализам и шовинизам за кревање на рејтинзите на владејачките партии”-вели активистот Наумоски.
Меѓуетнички недоразбирања кои често имаа и политички мотиви во услови кога тенка и кревка е линијата на омразата, според активистот Наумоски треба да се надминат со градење на мостови, наместо на граници, а од друга страна и ќе го оневозмножи директното влијание на политичките партии за купување на гласови по секоја цена или бетонирање на своите сигурни позиции.
“Спомениците на УЧК и крстовите не зближуваат различни заедници, туку ги делат. Наместо да се делат учениците по згради и смени, треба да се охрабруваат да учат во мешани класови. Со години одиме спротивно од очигледно исправниот пат на соживотот и толеранцијата. Политичките партии, единствено тие и нивните подмладоци се вклучени во ова. Мислам дека не освоија ниту еден глас повеќе, заради неуспехот на изведбата. Но, мислам дека тоа им беше планот”- додава Наумоски.
Младите како ранлива категорија која може лесно да стане колатерална штета од ваквите идеолошко-националистички препукувања и ширење на верска омраза, вели треба да научат да градат повисока свест и подршка на граѓанскиот концепт, да спроведуваат здраво-разумско делување и поактивен граѓански активизам во насока на негување и подобрување на меѓуетничките односи.
“Тие не се колатералната, туку примарната штета на ваквите политики. Нема иднина во земја каде младите се опседнати со проблемите од минатото, затоа и не смее да се дозволи нивно поматамошно труење со радикализам и национализам. На младите треба да им се дадат можности за љубов, пријателства, просперитет и слобода”-порачува граѓанскиот активист.
Деновиве имаше неколку последователни протести пред Министерството за внатрешни работи на кои насобраните граѓани тврдеа дека министерот за внатрешни работи
Оливер Спасовски не ги заштитил жителите на Бутел за време на демонстрациите предводени од функционерите на ДУИ при неодамнешното уривање на камен-темелникот каде што е предвидена изградба на крстот. Според првиот човек на општината Бутел,
Петре Латиноски кој беше предводник на протестите изградбата на крстот засега е во мирување и ќе продолжи кога ќе бидат обезбедени услови за тоа. Тој ги негираше гласините дека е повлечена одлуката за изградба на крстот, бидејќи според него никој нема право да го повлече тоа решение.
С.Б.