26 Април, 2024
0.1414

Освежителна приказна

Објавено во: Колумни 28 Јули, 2019

Добивај вести на Viber

Одма да се разбереме!Оној што свесно,од разни причини, останал дома во ова време, едноставно, нема право да се жали на пеколните горештини.Јули и Август во котелот омеѓен со Водно и Скопска Црна Гора,забетониран со модерните армирано-бетонски повеќекатни градби и послан со километри асфалт,бекатон и гранитни плочи по формула се пеколни.Малку се од помош разладните уреди за климатизација,вентилаторите и кочан ладните пијалаци(во стари времиња тоа беа мокрите чаршави на вратите и прозорците и лубениците ладени по бунарите во скопските дворови).

Од пеколот за момент може да се избега во Шишево(некогаш тука се доаѓаше со вовчето Ќиро до Глумово и малку пеш по течението на Треска,која ослободена од стегите на браната во Матка брза г,з- глаечки да му ги  предаде своите бистри и студени води на Вардар).Последниве неколку години свежина,со фантастична дружба и добра домашна храна бараме во Оаза,постојано со сватовите и други придружни драги луѓе,(што му доаѓаат како резервни играчи во тимот на задоволни и делумно разладени).

Објектот по ништо од надвор не оддава впечаток на угостителски бисер на Скопје но откако ќе се стапне во дворот на малата спастрена куќичка покриен за заштита од сонце и невреме те пречекува широката и присна насмевка на Борче, кој сето ова го има смислено и остварено на задоволство на гостите,кои без претходна најава не ќе најдат место, посебно во денови на викенд и празници.Што е тоа што ја прави Оаза оаза за бегање од пеколот на летната горештина и на убиствената секојдневна живеачка? Тоа се широката насмевка и гостопримливоста на Борче-Чарли и неговата мала но одбрана екипа и ненормално вкусната и природна храна и пијалоци.Се овде  што се нуди како асортиман е од тука-зарзават,пијалак, месо,дури и пастрмка од Треска.

Меѓу две кулинарски маѓепства што стасуваат на маса дур да трепнеш Борче накусо ми раскажа, последниот пат, дека потекнува од Шишево распослано покрај река и на ниските падини на Водно,за седумте куќи,за славата на селото Атанасовден,за неговите планови за Оаза која одамна постои но се пробива меѓу скопјани без збор реклама и јавна фалба.Имаш впечаток дека тука сите се познаваат и се дружат-такви ги прави амбиентот на дебелата ладовина и жуборот на Треска.

Таа е поинаква од времињата кога баш тука,отспротива,на нејзиниот лев брег,поточно завлезен до над колена во брзата и студена река, ловев риба заедно со комшијата Крсте  по земјотресот некаде во летото 64-та(фативме две-три мрени бајги крупни и за чалам),подолу од истата страна во 70-те бевме на излет познат по преминувањето од еден брег на друг,а особено по враќањето кога во себе имавме и по некој малиган повеќе и несигурни нозе,а малку подалеку е знаменитата Кривина опеана и опишана од сите повремешни мои сограѓани со најубави зборови-спомени и интимни сеќавања.

На одење Чарли ме прегрнува како роден брат и ми подарува шише дуњовача за спомен и дегустација.Се договоривме да се видиме за Атанасовден,  кој го славиме навечер,а дента ,здравје, во Шишево.Да сме живи и здрави дотогаш и Господ на помош,што би се рекло!!!!!


Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД