Откриено спомен обележјето на Тоше Проески во Крушево
Објавено во: Македонија 16 Октомври, 2020
Премиерот Зоран Заев, заедно со градоначалникот на Крушево, Томе Христоски присуствуваа на откривање на спомен обележјето на Тоше Проески и положија свежо цвеќе на неговото вечно почивалиште.
Посебен момент и големо значење на настанот дадоа и маратонците кои трчаа од Табановце преку Скопје до Крушево за да одадат почит на музичкиот великан Тоше Проески.
„Денеска сме тука за да поклониме пред вечното почивалиште и спомен обележје на нашиот голем сограѓанин и интернационално прифатен естраден уметник – Тоше Проески, како наша должна почит за момчето со големо срце кое беше преполно со љубов, добрина, хуманост, верба, човечност и бескрајна посветеност и верност кон музиката. Му оддадовме достојна почит на нашиот Тоше пред реализираното идејно решение на неговото вечно почивалиште, кое се оформи како конечно низ постојана комуникација и консултација со родителите на Тоше. Од денеска натаму сите ние, како и сите фанови на Тоше од другите земји, ќе можат да се поклонат пред неговото вечно почивалиште кое како симбол ја одразува искрената религиозност на Тоше Проески и вербата во Бог кој тој ја споделуваше и преку неговата музика.Тоше на најдобар можен начин, успеа да го обедини Балканот. Онака како што треба, успевајќи со својата искрена желба, неповторлива харизма и со своите безвременски песни да ги премости сите навидум непремостиви нешта. Тоа е нашата македонска гордост, кој со својот ангелски глас и непосредност, полнеше стадиони, плоштади и сали, каде и да се појавеше“, рече Заев.
Пред 13 години Проески загина во сообраќајна несреќа во Нова Градишка во Хрватска.