ОВАА ЗЕМЈА ЗА ИСЕЛУВАЊЕ ОД ГЛАВНИОТ ГРАД ДАВА ДО 23 ИЛЈАДИ ДОЛАРИ - сака да го стопира падот на жителите во неразвиените региони
Објавено во: Свет 03 Јануари, 2023
Јапонската влада понуди стимул од 7.500 долари по дете на семејствата кои ќе се иселат од Токио во друг дел на државата, во обид да го спречи намалувањето на населението во другите неразвиени региони, пишува Гардијан.
Оваа надокнада е повеќе од тројна од претходната за преселба, а ќе биде воведена во април, јавуваат јапонските медиуми.
Мерката е дел од обидот да се вдахне живот во градовите и селата каде населението се намалува, пишува Гардијан.
Според британскиот весник, иако населението на Токио се намали за прв пат минатата година, што делумно се објаснува со пандемијата на коронавирус, креаторите на политиката веруваат дека треба да се направи повеќе за да се намали густината на населението во главниот град и да се охрабрат луѓето да започнат нов живот во непопуларните делови на земјата која е погодена од падот на населението и миграцијата на помладите луѓе во Токио, Осака и други големи градови.
Исплатата, која може да достигне максимум 23.000 долари, ќе биде достапна за семејствата кои живеат во 23 централни области на Токио и соседните префектури Саитама, Чиба и Канагава.
За да ги добијат бенефициите, семејствата мора да се преселат надвор од поширокото подрачје на Токио, иако некои би можеле да добијат компензација за преселба во планинските области на територијата на градот, објави новинската агенција Кјодо, цитирајќи официјални претставници.
Околу 1.300 општини, околу 80 отсто од вкупниот број, се приклучија на оваа иницијатива, надевајќи се дека ќе ја искористат промената во ставовите на јавноста кон квалитетот на живот, што доби особен замав за време на пандемијата, кога повеќе луѓе ги открија придобивките од работа на далечина.
Семејствата кои се надеваат дека ќе обезбедат лесен приход и ќе се вратат во главниот град би можеле да бидат разочарани, бидејќи тие мора да живеат во своите нови домови најмалку пет години и еден член на домаќинството мора да биде вработен или планира да започне нов бизнис во таа средина, додека оние кои би се иселиле пред крајниот рок мора да ги вратат добиените пари, пишува британскиот весник.
Половина од средствата за оваа иницијатива, чија цел е да се преселат 10.000 луѓе од Токио во руралните области до 2027 година, се обезбедени од јапонската влада, а другата половина од локалните општини, објави Кјодо.
(Извор: Танјуг)