Добивај вести на Viber
Не се случува често една одлука со огромно историско значење да се објави непланирано, речиси случајно, на крајот на една инаку досадна пресконференција.
Но, токму така источногерманската комунистичка Влада ја објави одлуката дека Берлинскиот ѕид, најсилниот симбол на Студената војна, ќе биде отворен првпат по три децении.
Волкер Варкентин, тогашен дописник на Ројтерс од Берлин, бил сведок на најпознатата пресконференција во модерната германска историја на 9 ноември 1989 година. Без никаква помпа пресконференцијата била свикана од членот на Политбирото на партијата и нејзин портпарол Гинтер Шабовски.
„Еден час тој зборуваше за досадни заклучоци од состанокот на Централниот одбор на Комунистичката партија“, се сеќава Варкентин.
Повеќето новинари веќе ја напуштиле малата просторија без прозорци на првиот кат од меѓународниот прес-центар во Источен Берлин. Некои си отишле дома, а други во блискиот ресторан во кој тајната служба Штази постојано ги снимала странските новинари со скриени камери.
Иако со месеци растел притисокот на источногерманската влада да ги одобри дозволите за патување во Западна Германија, Шабовски за тоа не кажал ништо се додека еден новинар не му поставил прашање на оваа тема, на самиот крај на пресконференцијата.
„Затоа... хм.... одлучивме денеска... хм... да го имплементираме прописот според кој на секој граѓанин на Германската Демократска Република ќе му се овозможи да... хм.. ја напушти ДДР на кој било граничен премин“, збунето одговорил Шабовски.
„Изгледаше како и самиот едвај да им верува на своите зборови и сите бевме изненадени. Што кажа токму сега???“, ја опишува Варкентин зачуденоста меѓу новинарите.
Потоа го прашале Шабовски кога одлуката стапува на сила. „Според моите информации... веднаш, без одлагање“, одговорил тој, нервозно превртувајќи ги хартиите пред себе, барајќи дополнителни информации.
Подоцна се покажало дека одлуката не требало да стигне до јавноста до следното утро. Според неа, жителите на Источна Германија морале уредно да бараат визи за патување пред да заминат за Западна Германија. Но налетот на илјадници граѓани на граничните премини на Берлинскиот ѕид, што ги преплаши источногерманските граничари, сигурно не бил во плановите на властите.
Неколку секунди по завршувањето на пресконференцијата, Варкентин скокал по три скали одеднаш трчајќи кон канцеларијата на Ројтерс. „Годините на тешко пушење не ми пречеа. Се борев за воздух, но успеав на колега во агенцијата да му ја издиктирам реченицата за итна вест - „На жителите на Источна Германија им е дозволен влез во Западна Германија, стапува на сила веднаш - објави Шабовски“, раскажува новинарот.
Со оваа вест Ројтерс успеал да ја престигне конкуренцијата за две минути, а четири и пол часа подоцна потполковникот на граничните служби Харалд Јегер, под притиоск на илјадници граѓани, го отвори првиот премин низ Берлинскиот ѕид.