20 Април, 2024
0.0253

Панаѓур на суетните во Лондон - НАТО и Русија се меѓусебна закана, а македонската мечта е остварена

Објавено во: Колумни 06 Декември, 2019

Добивај вести на Viber

Дводневниот самит на НАТО во Лондон ќе остане во историјата на македонската држава. Остварена е мечтата стара подолго од четврт век нашата држава да стане членка на НАТО. Македонското знаме се вееше меѓу триесетте знамиња подигнати на јарболите. „Ние сме приврзани кон политиката на отворени врати на НАТО, која го зацврстува Северноатлантскиот сојуз и обезбедува  сигурност за милиони Европејци. Северна Македонија се наоѓа овде со нас и наскоро таа ќе стане нов сојузник  на НАТО“, се вели во Декларацијата од Самитот. Заслугата за ова ја има, пред се’, сегашното македонско раководство. Македонија отвора нова страница во својата историја.

Цената платена за влезот во историјата е висока. Но за остварувањето на секоја мечта најчесто се плаќа. Кога речиси пред триесетина години таа беше најниска немавме раководство- власт да ја плати. Одолговлечувањето само ја подигнуваше цената. Сега сето тоа е минато. Тоа треба да се остави зад себе  и да се гледа кон иднината. На пример, каков ќе биде придонесот на Македонија во вселенските војни кои реално можат да се случат, особено по официјалното ставање на вселената како поле на кое НАТО допрва ќе настапува. Шегата настрана, зашто вселенскиот чадор и нас ќе не покрива.

Седумдесет години од основањето на НАТО и триесет од падот на „железната завеса“ се јубилеи кои многу значат за Алијансата. Но од она што можеше да се види, чуе и прочита, на членките на НАТО не им беше до славење на јубилеите. Се собраа на панаѓурот на суетните, лидери од триесетина земји, кои поголеми кои помали. Јубилејот уште пред почетокот на Самитот беше помрачен со противречностите внатре во Алијансата, меѓу нејзините членови. Да не беа Русија, Кина и други не внатрешни теми, не ќе можеше да се зборува и за постигнато единство.

Дури и генсекот на Алијансата Јенс Столтенберг на пленарното заседание пред крајот од Самитот забележа:„Какви и да се нашите противречности, ние ќе ја зачуваме сплотеноста околу нашата главна задача – да се заштитуваме еден со друг. Еден за сите – сите за еден“. Навистина ова е голем дострел, иако членот 5 од основниот акт на Алијансата вели дека, парафразирано, “нападот на една членка е како напад на целата Алијанса“.  Доналд Трамп, поодамна, Емануел Макрон неодамна, а Реџеп Таип Ердоган неколку дена пред самитот не беа категорични во почитувањето на членот 5. Особено ако се има предвид она што го зборуваше Трамп за Црна Гора, дека не би сакал една мала држава со „бунтовен народ“ да ја внесе Америка во војна. Или пак Ердоган, кој не гарантираше почитување на сојузништвото во поглед на земјите од Балтикот и Полска. Се разбира и двата примера се однесуваат на наводната опасност од руска агресија.  

Најсуетен од сите се чини беше Доналд Трамп, кој предвреме го напушти самитот. Му се налути на канадскиот премиер, Џастин Тридо, го нарече „дволичен“, па „добар човек“, па додаде дека на Тридо му пречеле двата процента кои ги бара Трамп да се одвојуваат за одбрана. По она што го зборуваше Тридо во секвенцата фатена од ТВ камерите се чини дека и тој е суетен и „оговарач“. Заедно со британскиот премиер Борис Џонсон и Макрон. Непосредно пред самитот, Емануел Макрон во едно интервју рече дека Алијанста е во „мозочна смрт“. Па го нападнаа. Ердоган дури му препорача да се провери тој да не е во „мозочна смрт“. Меркел зборуваше за „лепење на скршени шољи“ по изјавите на Макрон. Човек страв да го фати од демонстрираното неединство. 

А токму Русија беше одбрана за главно плашило на самитот. Во усвоената Декларација таа се споменува неколку пати.  Па така „Агресивните дејства на Русија, сами по себе, претставуваат закана за евро-атлантската безбедност“. Веднаш по Русија се става тероризмот во сите форми и појави, „кој претставува непроменлива закана за сите нас“. Потоа се додава:„ Државни и недржавни субјекти го нарушуваат меѓународниот поредок, заснован на правила. Нестабилноста надвор од нашите граници придонесува кон незаконска миграција. Ние се судираме со сајбер и хибридни закани“; се вели до документот.  Притоа се додава дека НАТО е одбранбен сојуз кој не е закана за ниту една земја.

Повторно Русија. Овој пат за ракетите од краток и среден дострел. Како одговор на нивно поставување Алијансата „балансирано и одговорно“ ќе преземе мерки, затоа што прекинувањето на важноста на договорот за ликвидирање на споменатите ракети „создава значителни ризици за евро-атланстската безбедност“.

Русија по трет пат.  „ Сојузниците на НАТО се цврсто приврзани на целосна имплементација на Договорот за неширење на нуклеарно оружје во сите негови аспекти, вклучително и нуклеарно разоружување, неширење и користење на нуклеарната енергија во мирни цели. Ние остануваме отворени за дијалог, а исто така и за конструктивни односи со Русија, кога постапките на Русија го овозможуваат тоа“, вели документот.  Веројатно овде се има предвид Договорот за неширење на нуклеарно оружје,  кој истекува догодина, склучен во 2010 меѓу САД и Русија. Но и Трамп првиот ден во Лондон по средбата со Макрон изјавидека за него најважна заедничка задача со Русија е зделката за нуклеарното оружје. Тој нагласи дека е во контакт со Путин за оваа работа, а би сакал кон неа да се приклучи и Кина. Оваа пак пред некој месец зазеде став дека тоа е прашање меѓу САД и Русија, па тие нека го решаваат заедно. 

Конечно НАТО се посветува на она што во моментов е мошне актуелно во светот. Па Алијансата и нејзините сојузници истакнуваат дека се приврзани кон обезбедувањето на сигурноста на нивните телекомуникации, во тие рамки и врските од петтото поколение(5G), признавајќи ја потребата да се потпираат на безбедни и стабилни системи.  Овде, иако не се споменува, се мисли пред се на Кина. Америка, односно Трамп е голем противник на кинеските компании, на пример „Хуавеј“, која е една од најнапредните во светот за  5G технологии. Се чини дека на овој план допрва ќе имаат расправии во НАТО, бидејќи некои земји-членки веќе се определија за соработка со кинеската компанија. И покрај американските предупредувањата, дека своите технологии Кинезите ги користат и за шпионирање.

НАТО влегува и во вселената. Таа досега како да беше резервирана за САД, Русија, некои западни земји и во последно време Кина. Сега Американците користејќи ги своите технологии  по формулата: „Еден за сите, сите за еден“, ги вовлекуваат во вселената и другите членки на Алијансата. „Ние го прогласивме вселенското пространство за оперативна сфера на НАТО, признавајќи ја неговата важност за обезбедување на нашата сигурност и противдејствие на предизвиците за безбедност при почитување на нормите на меѓународното право“, се вели до Декларацијата.

За да не остане само споменувањето на Русија како закана за НАТО, Алијансата се потруди на некаков начин да ја вклучи и Кина. „Ние признаваме дека растечкото влијание  и меѓународната политика на Кина, се поврзани, како со можности, така и со предизвици со кои треба да се занимаваме заедно, како сојуз“, се вели во Декларацијата. Очигледно Кина која е илјадници километри далеку од Евроатлантикот им ги боде очите на натовците. Таа во перспектива може да стане доминантна воено-поморска, воено-воздушна, а да не зборуваме за копнена сила. Таа може да се конфронтира со Јапонија, Австралија и други сојузници на САД. Нема да изненади САД утре во НАТО да ги повикаат и таквите нејзини сојузници. Ако може НАТО да води операции во Ирак или Авганистан, тогаш зашто да не се конфронтира и со Кина. Тоа е логиката на САД, пред се, поддржана и од Велика Британија.

Интересни беа и некои изјави по завршувањето на официјалните настани на Самитот.  Па така Бугарскиот претседател Румен Радев пред лидерите на земјите членки на НАТО посочил дека иднината на Алијанса не ја гледа како сојуз меѓу производители и клиенти, туку како партнери кои заедно ќе ја развиваат својата безбедност, високи технологии, и заедно ќе произведуваат воена опрема, пренесоа бугарски медиуми. Овде тој секако не е осамен во сфаќањата дека зголемувањето навоените буџети ќе води кон трошење на парите во САД или некоја друга членка на НАТО, која произведува воена опрема. Нешто што е зборувано и порано за деловниот приод на Трамп во поглед на барањето за зголемување на придонесите на другите членки во буџетот на НАТО.

На големо изнендување полскиот претседател Јиржи Дуда изјави дека Русија не е противник. Во сличен стил се јавија и од Литванија. Како да сакаа да се доближат до тврдењата на Трамп и Макрон дека со Русија треба да се соработува и да се води дијалог и дека таа не е главна закана, иако и двете земји во пракса водат непријателска политика кон Русија. Дури и Столтенберг на својот прес се заложи за дијалог со Русија, иако нејзините дејствија претставувале закана за НАТО. Ангела Меркел пак побара дијалог со Русија врз основа на Основниот акт Русија-НАТО, склучен во далечната 1997 година. Кој, пак, во Русија многумина го сметаат за руска капитулација пред НАТО, но и документ кој Алијансата го толкува според свое наоѓање. Докомент со кој Бил Клинтон го „изиграл“ Борис Елцин. Особено во ширењето на Алијансата на кон Русија.

Столтенберг, како и Трамп, ја повикува Кина да се приклучи кон договорите за контрола врз оружјето, кои би се појавиле во иднина. За него внатрешно турско прашање се  руските ракетни комплекси С-400. Се чини дека околу ова не е најден заеднички јазик, иако САД се закануваа со санкции кон Турција, а и други членки на НАТО се придружија кон Американците. Дека немало единство на Самитот потврдува и ручекот кој Трамо го организирал за девет земји. За оние кои одвојувале два проценти за одбрана. На ручекот, покрај Трамп, биле лидерите на Велика Британија, Бугарија, Естонија, Литванија, Латвија, Полска, Грција и Романија.

И ако Русија е закана за НАТО, Алијанста е опасност за Русија. Тоа произлегува од изјавата на претседателот на Русија Владимир Путин во Сочи, каде што деновиве посвети посебно време на воени прашања. „Проширувањето на НАТО и приближувањето кон границите на Русија се опасност за земјата. Русија не еднаш искажуваше подготвеност за соработка со НАТО, иако на Алијансата и се својствени „застарени блоковски мислења“, рече тој. Путин додаде дека проширувањето на НАТО, развојот на воена инфраструктура блиску до руските граници е „една од потенцијалните закани за нашата земја“.  Според него Русија не еднаш искажувала подготвеност за соработка со НАТО и заедничко  дејствување против реални закани, како што се тероризмот, локални конфликти и др...„Ние не еднаш направивме чекори кон Алијансата, обидувајќи се да предложиме конкретна конструктивна расправа, имаше неколку заеднички настани, меѓутоа по 2008 година нашата соработка фактички беше прекината, бидејќи Алијансата дејствуваше некоректно кон Русија, да не речам грубо, кон интересите на Русија“, рече Путин. Одлуката НАТО да ја прогласи вселената официјална воена сфера за Путин е неприфатливо. Тој вели: „Русија секогаш била против и продолжува да не се согласува со милитаризацијата на вселената“. -Иако, политичкиот и воениот врв на САД отворено ја сметаат вселената за бојно поле. Развојот на ситуацијата бара од нас зголемено внимание во зајакнувањето на орбиталните капацитети како и ракетната и вселенската индустрија“, истакна Путин.

За портпаролот на Путин, Димитриј Песков, зголемувањето на буџетот на НАТО потврдува дека главната работа на Алијансата е да се занимава со одвраќање и експанзија кон Русија. Што предизвикува беспокојство. Се јави и министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров.„ Алијансата ги умножува заканите кон Русија и Кина, но ние знаеме како да одговориме на нив, без да влеземе во трка за вооружување и истовремено да обезбедиме безбедност на најсигурен начин, рече Лавров истапувајќи на Советот на министри за надворешни работи на ОБСЕ во Братислава. Според него,  „НАТО сака да доминира и во Евроатлантикот и на Блискиот Исток, да ги отстранува кои било конкуренти, па затоа често прибегнува кон информациони војни. Меѓутоа дали Русија, дали Кина, тешко е да ги исфрлиш од рамнотежа“.

По сето ова јасно како ден е дека конфронтацијатата меѓу НАТО и Русија, а неизбежно и Кина во блиска иднина, ќе продолжи. Како да се спречи тоа?

На благо на мирот во светот. Германскиот економски весник Handelsblatt има предлог. Па вели дека пред 50 години Вили Брант го преврте погледот на демократскиот свет кон Русија(веројатно се мисли на СССР з.м.) од нозе на глава со неговата „источна политика“, која створи реалистички односи со Москва. Импресионирани од ова искуство, Ричард Никсон и Хенри Кисинџер развија своја верзија за „политичко олабавување“. Пред 40 години, таа политика донесе воспоставување односи со Кина и со тоа ја смени целата светска политика.

Авторот на Handelsblatt продолжува. Во моментов Европа е без лидер. Германија се подготвува за живот после Меркел, Велика Британија определувајќи се за Брегзит се избави од неопходноста да размислува геополитички на таа тема, Макрон демонстрира подготвеност да размислува долгорочно. И бара „нова архитектура на безбедност меѓу ЕУ и Русија“. Но создавањето на таква архитектура на безбедност би значела крај на НАТО. Макрон е вознемирен дека во случај на нова криза во Европа САД нема да ја поддржат. Токму оттука и ставот дека во таков случај Трамп би имал шанса да разработи нова „источна политика“ на САД- реалистичка, а не утопистичка. Бидејќи тој не е ни идеолог, ни интервенционист, би можел да појде на историски чекор и да ја покани Русија во НАТО. За возврат Путин да се согласи да ја прекине агресијата врз Украина.., смета Handelsblatt.

.А Кина!?


Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок