Панчевски бараат оштета од 50.000 евра за уривањето
Објавено во: Македонија 14 Ноември, 2016
Претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, од Општина Центар бара отштета од 50 000 евра за уривањето на два ката од објект, за кои општината тврди дека се дивоградба.
Семејството Панчевски оштетата ќе ја бараат на суд.
„Нашето семејство ја преживува голготата да се брани од злоупотреба на власта со бескрупулозна секојдневна репресија, која Андреј Жерновски не може да се оттргне од корените на своите режимски предци“ – велат од семејството.
Второстепената комисија го поништила решението за уривањето на катовите и го вратила случајот на повторно разгледување.
„Со оглед на тоа што инвеститорите беа принудени да постапуваат по вака незаконито решение, односно жалбата не го одлагаше извршувањето на истите, како и притисокот кој беше наметнат од овластените лица при општина Центар изразен преку јавни повици на фирми за рушење на наводната дивоградба, односно јавни повици за асистенција на МВР за постапување за сите тие решенија инвеститорите претрпеа штета која е утврдена со градежно техничко вештачење“– рече адвокатот Благоја Пеповски.
Од Општината објаснуваат дека станува збор за ситни технички пропусти во решението, но дека одлуката е законска. Додаваат дека и при повторно разгледување на случајот пак ќе го донесат истото решение.
За Панчевски Општината веќе поднесе кривична пријава за сторено кривично дело бесправно надградување на два ката на зградата во строгиот центар на градот.
Панчевски и неговото семејство самоиницијативно срушија дел од објектот.
Објектот е на улица „Никола Вапцаров“ бр „6“.