Добивај вести на Viber
Тема: психо-економија
(продолжение на Пирамидата на среќата на македонскиот човек)
Од вкупно 54 земји, Македонија се наоѓа на 26 место според оценката за нивото на надежта. Во споредба со претходната година, македонците се поголеми песимисти за економската состојба во 2013 година. А и како да не бидат, последиците од кризата не заминуваат...
„Пирамидата“ не ја откри тајната за среќата. Но, за среќа, со несреќата сегогаш оди надежта. Голема или мала, таа е со нас.
Според митолошката приказна за Прометеј, за да се освети Зевс на Прометеј кој го украл огнот од рајот, му ја преставил прекрасната Пандора, која што носела кутија што и била забранета да ја отвори. Но, Пандора била надарена од Хера со љубопитност и ја отворила кутијата. Од неа излегле сите зла: болести, сиромаштија, глад, но и алчност, лага, пакост, инает итн. Сите тие зла се прошириле насекаде. Само едно нешто останало внатре во кутијата. Зевс оставил нешто што може да ги утеши луѓето кога ќе им биде најтешко. Кога Пандора го видела светот полн со зло, ја отворила кутијата и надвор излегла и надежта која се проширила насекаде. Надежта- најголемиот дар на човештвото.
Еден вид пандорина кутија е и кризата. Најнапред “излегоа” дубиозите од хипотекарните кредити. Потоа излегоа невољите од пазарот на финансиски деривати. Преку овие инструменти ризикот беше дифузиран до ниво на системска криза. Затоа, од „пандорината кутија“ излегоа и други невољи: неликвидноста на банките, опаѓањето на производството и извозот, растот на невработеноста, опаѓањето на платите, зголемување на дефицитите... Брановите на „невољи“ ја зафатија и нашата економија. Стручните прогнози не ветуваат излез од ниските стапки на раст. Но, сепак, со злото останува надежта!
Луѓето, и покрај високата невработеност која опстојува со децении и покрај ниските плати и незадоволителниот животен стандард, најчесто очекуваат утре, да биде подобро! Колку и што подобро? Обичниот човек ќе рече: „работа за младите, повисоки плати, пензии, поефтини лекови и здравство, да има за сите“. Бизнисменот ќе просудува: „очекувам намалување на каматите, поефтини кредити, ниска инфлација, ефикасна администрација, поддршка од институциите, па ќе оствариме поголем извоз, ќе освоиме нови пазари...“ Надежта е тука кај сите. Каде што има невољи има и надеж!
Но надежта иако е трајна таа се менува. Може да биде мала, но да стане и голема и обратно. Може да ги менува своите облици, домени и влијанија. На пример, кога сме незадоволни од себе се надеваме дека веќе нема да правиме грешки, ќе посветиме повеќе внимание на себе, ќе се избориме со секојдневните тешкотии и низ животот ќе продолжиме со поцврсти и порешителни чекори. Но, како поминуваат деновите, промените ги одлагаме за „следниот“ понеделеник, „грижата на совест“ за пропуштената активност ја заменуваме со полноќен филм. Во меѓувреме се помируваме со фактот дека и не е толку лошо, штом секое утро имаме каде да одиме и секој месец има каква-таква промена на нашата банкарска сметка, а освен тоа сме здрави и живи. Така, решителноста ја заменуваме со подносливост, а цврстината со издржливост. И покрај тоа што надежта е постојано присутна, сепак таа си го менува својот облик, во зависност од низа фактори коишто влијаат врз нашиот став кон животот.
Статистиката е неумолива, дури се соочува со предизвикот да ја „измери надежта“. Во споредба со претходната година, граѓаните во Македонија се поголеми песимисти. Така, меѓународната асоцијација Галуп одлучила да ја измери надежта, преставувајќи ја како разлика од оптимистичките и песимистичките очекувања на луѓето за економската состојба во нивната земја. Конструиран е индикатор на нето-надежта за економијата што се заснова врз анкета спроведувана на годишна основа. Индикаторот на надежта преставува разликата помеѓу бројот на луѓето кои што одговориле дека очекуваат економски просперитет во наредната година и бројот на тие кои што очекуваат економски потешкотии. Колку е индикаторот понегативен, толку луѓето се попесимисти. Од вкупно 54 земји вклучени во оваа анкета, Македонија се наоѓа на 26 место според оценката за степенот на надежта. Во споредба со претходната година, македонците се попесимисти во нивните очекувања за економската состојба во земјата. Една третина од анкетираните очекуваат економски потешкотии во текот на 2013, наспроти една петина што очекуваат економски просперитет. 40% од анктетираните очекуваат годината да биде иста како и претходната, имено тие се рамнодушни - ништо полошо, ништо подобро!
Ваквото намалување на оптимизмот за 2013 година е некако очекувано, посебно имајќи ги предвид прогнозите на релевантните институции во светот. Имено, повеќето меѓународни организации излегоа со попесимистички очекувања за 2013 годима во споредба со нивните видувања во претходните месеци. Меѓународниот монетарен фонд во јануари излезе со надолно ревидирани проекции во споредба со нивните октомвриски проекции за глобалниот раст за 2013. Имено, и покрај скромното подобрување на економските услови во втората половина на 2012 година, сепак индикаторите на растот покажаа дека тој доволно не се засилил пред се како резултат на опстојувачките слабости во индустријата и трговијата. За разлика од октомвриска проекција која предвидуваше раст на БДП од 0,2% во 2013 во Еврозоната, последната проекција предвидува пад од 0,2% во 2013 година. Растот на БДП во земјите во развој (каде што припаѓа и Македонија) е слабо ревидиран: првично проектираниот раст од 5,5% во 2013, е намален за 0,1 п.п. Слични се и очекувањата на останатите меѓународни организации. На пример, ЕБРД во последната прокеција го намали октомврискиот проектиран раст на реалниот БДП од 3,2% на 3,1%. Ревидирана е и проекцијата за Македонија: наместо предвидените 2% реален раст на БДП, е забележан раст од 1,8% во 2013 година. Според Светска банка, пак, во Македонија се очекува раст од околу 1%. Проекциите на Светска банка базираат врз претпоставката за понатамошно економско стабилизирање при што не се очекуваат нови и поголеми турбуленции на глобaлниот финансиски пазар
Овие прогнози како да кореспондираат и „поместувањата“ во степените на надежта. Луѓето ја „ревидираат“ својата надеж според економските услови во кои живеат. Но, според анкетата на Галуп не е мала групата на анкетирани кои не очекуваат ниту економски просперитет, ниту економски потешкотии. Тие имаат „надеж“ дека нема да има промена од тоа што е сега! Можеби за некои, раст на БДП меѓу 1-2% всушност преставува истото работно место, истата плата, истиот дом... Ако целта е неменливоста или состојбата на status kwo, тогаш надежта е всушност, очекувањата да не биде полошо од ова што е денес!
Неда Поповска-Камнар
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.