26 Ноември, 2024
0.0277

Парите кажуваат многу повеќе од лажните ветувања!

Објавено во: Колумни 06 Февруари, 2013

Добивај вести на Viber

Македонскиот берзански индекс (МБИ10) деновиве дава знаци на будење од длабока кома.  За последниов месец доживеа раст од 10 проценти. Тоа е прв знак на живот по едногодишна хибернација. Споредбата со “врвот” на македонската берза од 31 август 2007 година кога МБИ10 постигна рекорд од 10 057 е најболна за сите што тогаш купија акции, а потоа ги задржаа и покрај постојаниот пад, надевајќи се дека ќе ги повратат загубите. Тогаш во 2007 кога на светот му одеше економијата,  Власта се фалеше дека ни врви и нам во Македонија. Но дојде кризата, индексите паднаа. Светот ја загуби довербата во одржливоста на светската економија. А, во Македонија многумина им веруваа на економското раководство кое не убедуваше дека ќе ќариме од кризата. Сега пет години подоцна, индексите се вратија на истото ниво од пред пет години, а нашиот, македонскиот МБИ10 индекс сеуште е комиран!? Анализата покажува дека во изминатиов петгодишен период, главниот берзански индекс на Њујоршката берза, Дау Џонс падна од околу 14 000 на 31 август 2007, на 6 600 индексни поени во средината на март 2009. Денес Дау Џонс повторно се врати на околу 14 000 поени. Слична е ситуацијата и со останатите главни берзански индекси во светот, како на пример во Германија, Англија, Сингапур и Хонк Конг. Многу слична е ситуацијата и со берзанските индекси во најголем дел од таканаречените економии во развој (каде што би требало да припаѓа и Република Македонија). Односно, по големиот пад на секоја соодветна берза, која следеше од крајот на 2007 до почетокот на 2009, просечното зголемување на индексите во економиите во развој исто така значително се зголеми до денешен ден. Глобалната економска криза која започна при крајот на 2007 и траеше до средината на 2009, навистина беше глобална. Вртоглавите падови на берзанските индекси од 2007 до 2009 година се еден од најголемите докази за таа криза. Меѓутоа, денес истите тие берзански индекси, посебно во Њујорк, Лондон и Франкфурт, повторно се вратија на ниво од 2007 година. Економските проблеми и предизвивици со кои беа соочени економиите на Америка и Европската Унија секако дека не се решени. Невработеноста е на релативно високо ниво и во Америка и во Европската Унија. Долговите на некои од земјите во ЕУ сеуште преставуваат закана за економијата на евро зоната. Меѓутоа, берзанските индекси се многу добар индикатор дека најголемиот дел од тие проблеми и закани се решени. Во овој момент, очекувањата се дека иднината на економијата на Америка и на Европската Унија ќе биде подобра од минатото. Гледано во ваква рамка, Македонскиот берзански индекс (МБИ10) е еден од најлошите перфоматори во последните 5 години во целиот свет! Фактот што МБИ10 денес е преку 80 проценти понизок од август 2007 е значаен индикатор за случувањата во македонската економија во претходните пет годни. Секако, самиот шпиц од 10 057 постигнат во август 2007 беше нерелаен, со елементи на пирамидална шема, ирационален ентузијазам, па дури и одредени криминални трансакции. Сепак, тоа е предмет на друга анализа. Но, иако огромниот раст на МБИ 10 индексот на македонската берза во периодот 2005 до 2007 делумно се должи на овие три елементи, една од најзначајните причини зошто македонската берза толку многу се зголеми во овој период неспорно се должеше на фактот дека странски инвестициони фондови и финансиски инвеститори почнаа на големо да вложуват во македонски компании со купување на акции преку македонската берза. Меѓутоа, оваа не беше феномен само во македонската економија. Напротив, речиси сите економии во развој се соочија со значајни приливи на финансиски инвестиции во нивните берзи во овој период. Кога американската економија го предводи светот во таканаречената глобална економска криза, во многу краток рок се случи значајно повлекување на значаен дел од финаниските инвестиции од сите берзи во економиите во развој. Македонија не беше исклучок. Како резултат, ликвидноста при тргувањето значително се намали и следеше значаен пад на берзанскиот индекс. Меѓутоа, овој процес повторно се врати од средината на 2010 година во речиси сите берзи во економиите во развој. Ама овој пат, Македонија беше прескокната. Токму тука е објаснувањето зошто македонската берза е на ниво на кое денес се наоѓа. Се поставува клучното прашање зошто глобалните инвестициони фондови и финансиски инвеститори овој пат воопшто не инвестираат во македонските компании котирани на македонската берза? Одговорот лежи во два клучни збора: политички ризик! Односно, перцепцијата за политичкиот ризик за инвестирање во Република Македонија денес е неспоредливо повисок од перцепцијата која постоеше во периодот 2005 до 2007 година. Тој политички ризик е манифестиран во три главни сфери. Првата сфера е очајниот ќор сокак во кој Македонија денес се наоѓа во однос на членство во НАТО и ЕУ. Без разлика на причините, не е спорно дека надворешната  перцепција за нашата држава денес во споредба со предиодот пред 2007 година,  е дека денес ние сме многу подалеку од влез во НАТО и ЕУ. Втората причина е самиот политички амбиент кој се створи во Република Македонија по предвремените избори во 2008 година. Конечно, третата причина е зголемениот политички ризик кој произлегува од економската политика на оваа Влада во последните пет години. Економската политика на оваа Влада може да се опише едноставно како изградба на значаен број на непродуктивни објекти во услови на минимален раст на бруто домашното производство и значителен раст на надворешниот девизен долг. Ваква економија не дава надеж дека Македонија е “земја во развој”. Фактот што меѓународните инвестициони фондови и финансики инвеститори овој пат ја прескокнаа Македонија, како и фактот што МБИ10 денес се наоѓа на очајничко ниско ниво, во услови кога глобалните индекси повторно се вратија на историско високо ниво, се најголемиот доказ и патоказ за тоа како економијата и политиката во Република Македонија се перцепирани од надвор. Во глобалната економија, парите секогаш кажуват многу повеќе од зборовите и лажните ветувања на било кој политичар или бирократ. Даниел Дончев, авторот е економски аналитичар

* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.