24 Септември, 2020
0.0739

Партизанска

Објавено во: Колумни 15 Март, 2020

Во доцна пролет Партизанска е булевар со европски шмек. Најмногу поради опојниот мирис на липите. Не пречи премногу што на велосипедските патеки се испаркирани возила чии сопственици се чаламат пиејќи кафе и други трендовски пијалаци под дебелите сенки на кафулињата дебело истрчани по тротоарите, но возбудливо е да се вози точак под липите на оваа скопска сообраќајница. Оние што ја сакаат до степен на обожување ја споредуваат со „Ундер ден линден“ или со „Шампзелизе“ и не би ја дале за ништо на овој свет.

Најавувана во градските планови како спојница на автопатот „Братство единство“ (што беше тоа) со „Јадран-ската магистрала“ (ех наше море), како булевар што ќе биде најдолг на Балканот доживеа жестоки критики уште пред да почне да се гради. Дежурните душегрижници и критизери (не се секирајте ги има во секое време) ги обвинија планерите дека се растурџии и мегаломани-демек што ќе му е на градот толку широка улица (беслаци –видела жабата дека коњот се потковува....-со тој бетон и асфалт можело нешто друго да се изгради...и се во тој познат стил) за во годините по земјотресот, па се до денес,  да стане дури и тесно сообраќајно грло.

А ние што во доцните пополноќни часови пешки си одевме дома накај западните приградски населби ја мразевме „Бандитен штресе“ само поради нејзината бескрајна должина и студениот ветер што слегуваше од Шара и ни ги мрзнеше до скочанување рацете и ушите. Последната 54-ка поминуваше малку по 22 часот, а онаа 15 минути по полноќ беше со дупла тарифа (а не ни важеше месечната карта) па сакаш нејќеш, кога си шворц, ќе ја мериш Партизанска и ќе си ќутиш како попче, ако ти чини, ако не тргни си дома навреме (уште со кокошките).

До пред земјотресот или некоја година пред тоа улицата на нашата младост беше тоа (брат брату) некаде до Симпо или до Румунска, а натаму селски сокак –лете прашина, а зиме и наесен кал колку што сакаш. Лево и десно грмушки и многу овошки-сливи, кајсии и јаболки, а зад нив полиња. Жито и бавчи со пипер и патлиџан, краставици и бамји, грашок и боранија, зависно од годишното време. Се беа тоа примамливи земјоделски произвводи што мамеа да ги скинеш (ама тука е Шакир полјакот со пушката преку рамо со фишеци полни со сол-долго пече солта кога ќе те репне во дебелото месо качен на некоја овошка). Нашите тури на детски прошетки со деликвентски авантури од типот крадење овошје и зеленчук, главно завршуваа на Канал. Тоа беше посебен рај, со барски трски и шатки што пловеа по него, со куќички како од бајка, низ чии дворови слободно си шетаа прасиња и кокошки, гулаби и кутриња. Одевме и на риболов таму. Имаше убави примероци крап и мрена, а и по некој бојник. Каналот ги прибираше пороите од Водно и ги носеше во Вардар, а од реката,  претпоставувам, на мрест доаѓаа риболовните трофеи....

Каналот сега е покриен, тука се Олимпико, пазарот Тафталиџе, Архивот, Сити мол...кому да му се жалиме што исчезна? Едноставно го нема, како што ги нема нашата младост, останаа само сеќавањата! 

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Уште едно лето е зад нас

Уште едно лето е зад нас

Американски ултиматум до Русија-земи или остави!

Американски ултиматум до Русија-земи или остави!

Кога Заев ќе отиде all in во борбата со корупцијата, партизираноста и непотизмот?

Кога Заев ќе отиде all in во борбата со корупцијата, партизираноста и непотизмот?

Данило нашиот здравичар

Данило нашиот здравичар

Лукашенко во Сочи кај Путин – но не на капење во море

Лукашенко во Сочи кај Путин – но не на капење во море