Добивај вести на Viber
Убавините и животните радости се перцепираат и поинаку доживуваат ако се споделат со ближните и сакани луѓе. Патувањето, откривањето на нови хоризонти, видици, култури, цивилизации,нации е суштинска можност да поделиш убост и среќа со луѓето кои го чинат човековиот живот поубав и кои му даваат смисла на секојдневното живеење. Да се патува со љубениот(та), со семејството, со пријателите, со другарите, значи нова можност и шанса да доживеете волшебни моменти кои вечно ќе останат запаметени како незаборавни мигови на едно патување.
Привилегија на човекот е да патува, да истражува, да го открие неоткриеното, да го види невиденото, да го чуе нечуеното, да го осознае неосознаеното, да се радува на убавините на местата кои биле некогаш негов сон, а потоа станале јаве. Патувањето значи да размениш искуства со собеседникот и патникот со кој заминувате на истата дестинација, значи да дадеш совет, но и да примиш мудрост и знаење од секој добронамерник кој е дел од твоето патување. Патувањето подразбира надминување на границите на непознатото, откривање на нови места и содржини кои го оплеменуваат и збогатуваат човековиот живот.
Да си дадеме оддишка на душата, во ова време-невреме кое не тишти
Секоја нова дестинација носи нов предизвик, нова енергија, но и нова возбуда и нова содржина. Бенефитите од патувањата се мултидимензионални: се збогатува искуството на човекот, се збогатуваат знаењата за местата, луѓето, начините на живот, се збогатуваат визиите и перцепциите за творење и создавање, но и се збогатуваат пријателствата кои создадени на патувањата имаат посебна драж.
Секое местенце си има своја специфика, секој народ си има свои обичаи, норми и вредности, секое патешествие си има свои новитети и изненадни случувања и затоа патувањата на нови места, со нови луѓе, запознавањата на нови ентитети, култури, специфични обележја е посебно доживување и незаборавно искуство. Затоа, да си дадеме оддишка на душата, во ова време-невреме кое не тишти, да си дадеме можност да се отргнеме од реалноста и на миг да уживаме во убавините на некои места и на некои луѓе, да патуваме бидејќи тоа е онаа иделана можност и совршен спој на уживање, осознавање и радување.
Да патуваш, да осознаваш и да се надградуваш е привилегија само на човекот
Кога патуваме често си фантазираме, замислуваме, посакуваме и дури сонуваме со отворени очи. Сета таа убавина која ни се распостила и која оди во недоглед некогаш била дел од нашата мечта, замислена фантазија нешто кое сме го посакувале толку многу и кое во моментите кога го здогледуваме и доживуваме ни се чини како нереален сон или како јаве - нејаве.
Наплив и бура на емоции го опсипуваат секој патник кога ќе ја здогледа дестинацијата која била дел од неговиот детски или младешки сон, некогаш солзи навираат, а некогаш очите ширум се отвораат не можејќи да ја восприемат сета таа убавина која очите ја гледаат, рацете ја допираат, а сетилата ја чуствуваат. Да бидеш дел од место кое било сведок на значајни, големи и суштински настани на некоја нација, на некое време, да го допреш каменот кој сведочи за животот на луѓе, различни по раса и класа, вера и сталеж е нешто што те прави величествен, историски надграден и сведок на некои времиња, настани и случувања. Големите амфитеатри во кои се играле комедии и трагедии, пространите плоштади на кои величествените оратори и познатите филозофи ги искажувале своите мисли, мудрости и размисли, големите арени во кои се воделе гладијаторски битки, недогледните пристаништа на кои испловувале и допловувале бродови, чија цел била трговска размена, волшебните манастири, цркви и други верски објекти кои изобилуваат со непроценливи вредности се нештата кои ги гледаш и доживуваш при самото патување.
И тоа го прави човекот историски побогат со знаења и сведоштва за луѓе, настани, случувања, места кои се дел од човековата истроија, културно го оплотува и надградува преку сите тие споменици на културата кои тој ги восприема на себе својствен начин, уметнички го збогтува преку визуелизацијата на врвните достигнувања на големите уметници на четката и умствено го изградува како личност која ќе разменува знаења и искуства за различни луѓе, настани, периоди, цивилизации и култури. Секое патување со себе носи нешто ново, дава една поинаква димензија на човековиот поглед на свет и го збогатува севкупниот човеков хаботус. Затоа да го искористиме секој миг од нашиот живот, секој момент кој ни се дава, да го зграбиме и да го одживееме со полна плуќа и секој пат за нас непознат и дестинација за нас нова и неоткриена да ја осознаеме бидејќи да патуваш, да осознаваш и да се надградуваш е привилегија само на човекот.
Д-р Татјана Стојаноска
Институт за социологија
Филозофски факлтет-Скопје
* Македонска берза и оваа година во соработка со Фактор доделува повеќе награди во различни категории за „Акција на годината“ при тргувањето со хартии од вредност.
Еден од критериумите за доделување на признанијата ќе биде и мислењето на јавноста. Гласањето ќе се одвива до 12 декември, а предвиден термин за доделувањето на самите награди е 23 декември.
Од таму, може да гласате за едно од следните котирани друштва: