Павле Трајанов, Димитар Апасиев, Моника Зајкова... седум пратеници од помалите партии го „скроија“ законот Македонија да биде една изборна единица
Објавено во: Македонија 16 Март, 2021
Седум пратеници од помалите политички партии, и од власта и од опозицијата, предлагаат измени и дополнувања на Изборниот законик, а предлогот вчера го доставија до Собранието.
На предлог законот потпишани се Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, Љупчо Балковски од ВМРО-НП, Моника Зајкова и Боби Мојсовски од ЛДП, како и независниот Панчо Минов, но сите дел од владејачкото мнозинство во законодавниот дом, како и Димитар Апасиев и Борислав Кромов од Левица, кои се опозициски народни избраници.
Со измените, како што велат предлагачите, се предвидува наместо досегашната поделба на државната територија на шест изборни единици, да се оди кон акцептирање на моделот - една изборна единица.
„Евидентно е дека во последнава децинија македонскиот политички систем премина од повеќепартиски кон биполарен систем, во кој две главни политички опции ја делат власта. Она што посебно загрижува се должи на самиот факт дека при последните избори, политичкиот систем во земјава речиси и да ги понесе сите суштински карактеристики на биполарен систем, со една доминантна политичка опција, слично на пропорционалниот систем на Јапонија. Тоа, првенствено се огледна низ слабата улога на опозицијата, која како една стара политичка елита, повеќе нема што да понуди на широките народни маси, препуштајќи ја полека својата моќ, на другата - владејачка политичка опција“, напишале предлагачите.
Според нив, еден од најбезболните начини за враќање кон политичкиот плурализам е токму оној кој налага ревидирање на одредбите од Изборниот законик, во насока на адаптирање на решението според кое целата државна територија би се обликувала во една изборна единица, со отсуство на изборен праг, како би им се овозможило и на помалите и на малцинските политички опции да го остварат своето право на претставување.
„Крајниот исход од реформата на изборниот систем и тоа како е во интерес на самите граѓани: тие нема да го дадат својот глас поради нечии интереси, туку водејќи сметка за сопствените интереси! Доколку се следат трендовите на државите од поблиското и од поширокото соседство, може да се констатира дека повеќето од нив следат тенденција на прифаќање на овој модел и како резултат на тоа, бележат позитивни карактеристики во насока на јакнење на политичкиот плурализам“, нагласуваат во своето образложение седуммината пратеници.
Според нив, денес повеќе автори пропорционалниот изборен дизајн го сметаат за особено важен за државите од групата на понови демократии, меѓу кои се вбројува и Македонија.
„Тоа е, меѓу другото така, бидејќи, ваквиот концепт може да обезбеди соодветна вклученост на сите позначајни актери, што е и еден од клучните услови за демократска консолидација. Сумарно земено, предноста на пропорционалниот изборен модел е во основното правило врз кое се заснова и самиот систем, а тоа е вршење на распределбата на мандатите во зависност од уделот на гласови освоени од страна на одредени кандидати или политички партии. Како таков, системот е базична точка на концептот за консензуална демократија и обезбедува поголема умереност помеѓу политичките партии“, велат овие пратеници.
„Во актуелната поставеност на системот, нивните гласови се поделени во шест изборни единици и во ниту една од нив, тие не успеваат да соберат доволно за да добијат пратеник“, потенцираат предлагачите.
Велат дека во Хрватска, а и во Словенија, во последниве години се јавува силно движење за трансформирање на постојниот модел, т.е. приклонување кон определбата цела држава - една изборна единица. И во Србија, со усвојувањето на новиот Изборен законик, државната територија е сведена на една изборна единица, на која се избираат 250 пратеници. Српскиот законодавец имено, увидел дека поделбата на повеќе изборни единици, со оглед на територијата на Србија, е недопустливо решение. Определбата согласно која целата државна територија ќе претставува една изборна единица ја следи и Изборниот законик на Косово, како и Изборниот законик на Црна Гора: територија на државата е една изборна единица, со изборен праг од три проценти. Распределбата на мандатите се врши со примена на Донтовиот модел, а четири претставници се резервирани за оние од редот на малцинствата.
Според образложението на предлагачите, со предвидените законски решенија се овозможува надминување на бројните негативни реперкусии по однос на демократските процеси на државата, кои со редизајнирање на постојниот изборен модел, во значителна мерка ќе придонесе за редуцирање на можностите за кршење на изборните правила, а пак, составот на законодавниот дом ќе претставува реален одраз на волјата на граѓаните.
Нина Нинеска-Фиданоска
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.