Пендаровски повика на единство, бара реформите да продолжат
Објавено во: Македонија 18 Октомври, 2019
Ни една одлука не е конечна. Остануваме на европскиот пат, тоа ќе продолжи да биде наша стратешка ориентација. Уште посилно да се бориме со криминалот и корупцијата и да ги исполниме реформите. Не е време за апатија, тензии и калкулации, туку да се обединиме околу нашите стратешки цели. Тој потврди дека за таа цел ги повикал лидерите на средба во недела и сите ја прифатиле поканата.
Ова се дел од поентите на шефот на државата, Стево Пендаровски, откако денеска стана јасно дека лидерите на земјите на ЕУ не дадоа датум за почнување преговори со земјава.
„За жал, одлуката на Советот на лидерите на ЕУ не се совпадна со нашите оправдани очекувања. Разбирливо е што кај многу од нас постои голема разочараност. Но, мора трезвено да се соочиме со новата реалност. Оваа одлука не е за вечни времиња, не е конечна. Неспорно е дека ги исполнивме сите предуслови за почеток на преговори. Тоа ни беше кажано уште во јуни, без други забелешки, а се наведе дека одложувањето е заради технички причини“, рече претседателот Пендаровски.
Тој наведе дека сите информации говорат оти има различни ставови на носечките земји членки на ЕУ за проширувањето. Во позадина, рече претседателот, можно е да има и одделни размислувања за градење на посебни односи на ЕУ со регионот, за разлика од другите кандидати. Но, европското семејство треба да биде еднакво за сите, рече претседателот.
Во многу од земјите членки имаме искрени пријатели и сојузници. Во ЕУ немаме непријатели, само има држави со специфични интереси. Убеден сум дека нашите искрени сојузници ќе продолжат да не поддржуваат, вели шефот на државата.
Незадоволството од недобивањето на датум за почеток на преговорите не треба да се насочува кон одредени членки на Унијата.
Нагласи дека набргу ќе станеме членка на НАТО, а реформите мора да ги продолжиме.
„Нашите евроатланстки интеграции немаат алтернатива. Единствениот исправен пат е дас бидеме уште порешителни, уште посилно да ги спроведеме реформите без калкулации и да се бориме против криминалот и корупцијата. Само формално членство не ни е потребно“, рече Пендаровски.
Претседателот нагласи дека сите досега потпишани договори, како со Грција и Бугарија, мора да продолжат да се спроведуваат, но со фер критериуми од сите страни.
„Најмалку од се треба нашето незадоволство да го насочиме кон одредени членки на ЕУ. Сега не ни требаат тензии“, рече Пендаровски.
Пендаровски кажа дека за в недела е закажана лидерска средба за која од сите поканети добил потврда за присуство.
„Сега ни е потребно обединување околу стратешките цели. Ги повикав сите лидери во недела, и од власта и од опозицијата, да се обединиме за нашата стратешка ориентација“, рече Пендаровски.