15 Мај, 2024
0.0241

Перење пари преку осигурителните компании

Објавено во: Колумни 22 Јануари, 2014

Добивај вести на Viber

Секторот на осигурување, слично како и другите сектори кои нудат финансиски услуги, е изложен на опасноста од негово инволвирање во процесот на перење пари. Со финансиските производи и услуги што ги нуди, овој сектор им овозможува на криминалните структури да ги пласираат своите нечисти пари во системот и да обезбедат поврат на легални средства. На тој начин тие ја реализираат својата намера за претворање на „црните пари во зелени“.

          Постојат повеќе начини или техники на перење пари во сферата на осигурувањето. Со оглед на тоа што осигурувањето бележи експанзија и во нашата земја, потребно е да се посвети посебно внимание на опасноста од инволвирање на овој сектор во процесот на перење пари. Животното осигурување и плаќањето на премија по тој основ е меѓу „најпопуларните" техники на перење на пари. Субјектите кои вршат перење пари ја сфаќаат осигурителната полиса кај животното осигурување како можност за инвестирање. Еднократното или повеќекратното уплаќање на премија на овие субјекти им носи редовни приноси на месечно или годишно ниво. Доколку осигурителната компанија не го испита потеклото на средствата што се уплаќаат во вид на премија, криминалците ќе можат да „инвестираат" нечисти пари, а како поврат да добијат легални пари од осигурителната компанија. Техниката на прерано раскинување на договорот за осигурување често е поврзана со претходната техника на уплаќање на премии. Секое прерано раскинување на договорот, посебно во услови кога таквото дејство е неекономично или невообичаено, може да побуди сомневање дека станува збор за перење пари. Измамите релативно често се случуваат во секторот на осигурување. Секоја измама не мора да значи дека станува збор за перење пари, но такви случаи, секако, се можни. Имено, еден од методите на перење пари е набавка на стоки со висока вредност со помош на нечисти пари. Тие стоки потоа се осигуруваат од одредени ризици. Доколку настане осигурен случај осигуреникот ќе може да добие легални пари за стоките коишто ги купил со нелегални пари. Многу често осигурителните полиси се купуваат со готови пари. Таквата појава е карактеристична за земјите во развој. Во развиените земји, осигурителни полиси со готови пари не се купуваат директно од осигурителните компании, туку од нивните посредници. Како и секој друг пласман на средства со готови пари во финансиска институција, така и овој може да биде злоупотребен во функција на перење пари. Договорот за осигурување може да биде раскинат веднаш по неговото склучување. Во некои земји дури постои и законски предвиден краток рок (обично десет дена) во кој комитенот може да го раскине договорот. На тој начин комитентот кој има намера да врши перење пари, лесно и брзо ќе дојде до легални пари, без тоа некому да биде сомнително. Во сферата на осигурувањето може да дојде до инволвирање во процесот на перење пари и на вработените кај осигурителните компании или посредниците. Со оглед на тоа што осигурувањето најчесто се врши преку посредници, токму нивните вработени се најмногу на удар. Тие можат за високи провизии да прифатат склучување на договор за осигурување со пари со сомнително потекло, а потоа тие средства да ги префрат на осигурителните компании. Преносот на средствата на трети лица, исто така, може да биде злоупотребен во функција на перење пари. Во овој случај осигуреникот како корисници на средствата наведува трети лица кои не и се познати на осигурителната компанија. Кај тие трети лица не е утврден идентитетот, ниту пак е испитан нивниот бонитет и интегритет. Поради нејасноста на изворот на средствата и односот на осигуреникот и третите лица, може да се претпостави сомнителноста на трансакцијата. Постојат повеќе начини на злоупотреба на меѓународните трансакции во функција на перење пари. Наједноставните начини вклучуваат плаќање на премијата од сметка во странска банка или исплата на осигурителните полиси на комитенти кои работат на територија под странска јурисдикција. Можни се и префрлања на средствата од една странска банка во друга што само ја отежнува контролата на нивниот тек и испитувањето на изворот на средствата од страна на осигурителната компанија. Исто така, во својство на комитенти можат да се јават нерезиденти или пак, тие да се јават во својство на посредници помеѓу осигурителната компанија и нејзините комитенти. Сето тоа ја усложнува контролата и ја зголемува опасноста од перење пари. Некои криминалци одат дотаму што самите основаат компании за осигурување или реосигурување, а потоа ги користат во функција на остварување на своите цели. Како извор на средства за основање на такви компании служат приносите добиени по пат на перење пари. Ризиците коишто се јавуваат во сферата на осигурување се распоредени низ целиот циклус на осигурување. Речиси една третина од откриените случаи на перење пари се детектирани во фазата на изготвување на полисата. Во фазата на купување на производот или услугата од областа на осигурувањето, најмногу сомневање предизвикува купувањето со готови пари или трансферот на средства на трети лица. На крајот на осигурителниот циклус, сомневањето паѓа врз прераното и економски неоправдано раскинување на договорот за осигурување. д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка