ПЕТ КОМПАНИИ ЗАТВОРЕНИ ПОРАДИ НЕИЗДАВАЊЕ ФИСКАЛНИ СМЕТКИ - УЈП со засилени контроли, апелираат да се почитуваат законите
Објавено во: Економија 01 Август, 2025 14:21
Над педесет компании добија прекршочни санкции, додека пет компании се затворени бидејќи по втор пат во период од две години се фатени дека не издаваат фискални сметки. Ова го соопштуваат од Управата за јавни приходи од каде посочуваат дека во период од 21 до 27 јули 2025 година спроведени се вкупно 154 теренски контроли за фискализација.
Овие контроли биле насочени кон различни типови деловни субјекти, меѓу кои: ресторани, кафе барови, слаткарници, колонијали, продавници за облека и накит, месарници, цвеќарници, рибници туристички агенции, хотел и други трговски објекти за продажба на мало.
- Контролите беа реализирани низ државата во повеќе градови, меѓу кои и туристичките места каде во летниот период има зголемена фреквенција на туристи.
Од 154 контролирани субјекти, кај 34 отсто, односно кај 52 од контролираните се утврдени неправилности согласно Законот за регистрирање на готовински промет.
За утврдените неправилности донесени се 52 прекршочни санкции – глоби, кои ќе бидат одмерени согласно големината на субјектот.
Кај пет даночни обврзници, поради повторено неиздавање фискални сметки во рок од две години, изречена е мерка за привремена забрана за вршење дејност - појаснуваат од УЈП.
Покрај затворените објекти, неколку компании се привремено затворени, и тоа три субјекти во Охрид, еден во Гостивар и еден во Струга.
Анализата на спроведените контроли и утврдените неправилности по градови е следна:
- Во Скопје извршени се 43 контроли и при истите утврдени се 9 неправилности
- Во Струга, Охрид и Ресен извршени се 64 контроли, а утврдени се 10 неправилности во Струга, Охрид – 14, Ресен – 2
- Во Прилеп извршени се 5 контроли, a утврдени се 3 неправилности
- Во Струмица и Дојран извршени се 12 контроли, а утврдени се 2 неправилности во Дојран
- Во Тетово, Гостивар и Кичево извршени се 15 контроли, а утврдени се 6 неправилности од кој 4 во Тетово, и по една во Гостивар и Кичево
- Во Штип, Македонска Каменица и Берово извршени се 15 контроли и утврдени се по 3 неправилности во Македонска Каменица и во Берово.

- Апелираме до сите даночни обврзници да постапуваат совесно и согласно законските прописи, со цел да придонесат кон зајакнување на даночната усогласеност и унапредување на даночната дисциплина во државата.
Управата за јавни приходи врз основа на извршените контроли согласно Закон за регистрирање на готовински плаќања, ќе врши вкрстени проверки со цел да ја провери веродостојноста на искажаните приходи кај даночните обврзници.
Издавањето фискални сметки и користењето мобилни фискални апарати не претставуваат само законска обврска – туку и клучен чекор кон правично, транспарентно и одговорно деловно опкружување - се посочува во нивното соопштение.
Од Управата за јавни приходи додаваат дека остануваат цврсто посветени на доследна примена на законите и обезбедување еднаков третман за сите даночни обврзници.
- Почитувањето на законските обврски е заедничка одговорност и темел на одржлив, функционален и фер даночен систем - истакнуваат на крајот од нивното соопштение.
Можеби ќе ве интересира
Словенија ќе го зголеми минималецот - колку ќе изнесува?
Хрватска ги заострува условите за вработување странци
Култура со голем потенцијал - заработката е до 20.000 евра по хектар
Еве како изгледаат владини станови за млади луѓе од 21 квадратен метар во Холандија: Чинат 45.000 евра
„Нашата цел е да привлечеме компании кои носат знаење, современи технологии и квалитетни работни места“: Димовски од ТИРЗ до менаџментот на Philips
ДЗР: Застарени предмети и неуплатени средства во буџетот на државата, ИТ напади и повеќе неправилности во работењето на Министерството за економија и труд
Хрватска повлекува храна за бебиња: Аптамилот има поголемо присуство на бактерии




